Македонија
Апасиев: Некои битки мора да ги водиме повеќе од еднаш за да можеме да победиме
„Нашиот успех на овие историски парламентарни Избори 2024 и освојувањето на шест мандати во Собранието на РМ е доказ за неумоливоста и вербата на секој наш член, гласач, поддржувач, симпатизер и граѓанин кој верува во нашата искреност и визија за подобра иднина“, напиша на социјалните мрежи претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
„На членовите на Левица им должиме огромна благодарност! Вашата посветеност и пожртвуваност, истрајноста наспроти притисоците и работата за нашата заедничка кауза се движечката сила позади нашиот континуиран успех. Растот на Левица од нула до она што е денес, организирањето теренски активности за контакт и дискусии со граѓаните, вклучувањето во кампањите, сета напорна работа и масовна мобилизација не останаа без резултат. Вашата издржливост, одлучност и на моменти фанатична посветеност во клучните мигови е она што дополнително нè поттикна да одиме решително напред во секоја криза и ни овозможи да направиме сериозна разлика во политичката култура во Македонија.
На нашите гласачи им благодариме за дадената доверба. Вашата храброст да постапите различно од сите останати, вашата мудрост да ги препознаете искрените заложби наспроти бројните лаги и манипулации во етерот, како и вербата во нашата работа и кауза е катализатор на промените кои претстојат. Ја разбираме тежината на одговорноста што ни ја доверивте и ветуваме дека чесно и доблесно ќе работиме за да бидеме достојни на Зборот даден кон вас. Идејата за поубава Македонија е жива и преку нашата работа во законодавниот дом ќе ја чуваме и работиме на нејзина реализација. Вашиот глас ни даде простор да се залагаме за политики кои даваат приоритет на благосостојбата на граѓаните, заштита на животната средина и на националните ресурси, унапредување на состојбите во здравството, образованието, правосудството, но и заштита на националното прашање и македонскиот идентитет.
На сите наши симпатизери и поддржувачи (дома и во странство), ви благодариме што останавте покрај нас во текот на нашиот перманентен раст и созревање на политичката сцена. Без разлика дали тоа беше преку волонтирање, донации, јавна поддршка, споделување на нашите идеи или друг начин, вашата поддршка е непроценлива! Вербата во нашата левичарска Кауза ја поттикнува нашата решителност уште поборбено да тргнеме кон значајни промени и да создадеме пофер, попрaвично и порамноправно општество за нашиот народ.
Борбата која ни претстои не сме наивни да веруваме дека ќе биде лесна. Напротив, свесни сме дека ќе биде сериозен предизвик. Сепак, со вашата континуирана поддршка убеден сум дека можеме да дојдеме до уште подобри резултати кои ќе значат надеж, но и можна поубава иднина дома, во Македонија. Заедно докажавме дека трулиот систем може да се изигра“, напиша Апасиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

