Економија
БРАКО ќе промовира ново електрично возило на саем во Минхен
БРАКО ќе претстави ново електрично возило од својот бренд Грин Машинс на светскиот саем IFAT, кој следната недела ќе се одржи во Минхен.
Возилото беше развивано две години од страна на инженерскиот тим за развој на БРАКО/Грин Машинс и е сосема ново техничко и функционално решение во програмата за производство на возила за одржување урбана хигиена.
Моделот 720 ZE работи на електричен погон и e со технологија од последната генерација, со вградени мотори во задните тркала и управување на сите четири тркала, поголем контејнерски простор, широка кабина за две лица, 360⁰ камера и оптимизиран начин на чистење.
Се очекува новиот модел да отвори уште повеќе пазари во светот, каде се бараат возила за одржување хигиена од овој габарит и перформанси.
Моделот 720 ZE беше најавен како концепт на саемот IFAT во 2022 гoдина и тимот за развој планираше да го развие во следните две години, во што и успеа и создаде возило кое е целосно замислено, проектирано и произведено во погоните на БРАКО.
Возилото во завршна фаза беше претставено пред гостите на прославата на 20-годишнината на Феро Инвест и БРАКО пред шест месеци, а сега во Германија ќе ја доживее својата светска промоција.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Агенцијата за поддршка на претприемништво го додели признанието за најдобар ментор за 2023 година
Во рамките на Европската недела на претприемништво, Агенцијата за поддршка на претприемништвото успешно го реализираше настанот Mentor Awards 2023, кој се одржа како дел од активностите на Програмата – Стандардизирани менторски услуги.
Настанот поддржан од Јапонската Агенција за Меѓународна Соработка – JICA, имаше за цел да ја истакне важноста на мисијата на менторите во унапредувањето на работењето на македонските мали и средни претпријатија.
Добитник на наградата за најуспешен ментор за 2023 година е Неби Јусуфи од Регионалниот центар Тетово, кој се истакна со својата експертиза, посветеност и позитивно влијание врз корисниците и со својата работа постигна значајни резултати. Најдобриот ментор за минатата година го избра жири составено од ментори.
На настанот, менторите од шесте Регионални Центри имаа можност да презентираат по еден значаен пример на спроведена менторска услуга во нивниот регион. Во рамките на Mentor Awards 2023, согласно Методологијата за спроведување на стандардизирани менторски услуги во мали и средни претпријатија за период 2024-2029, Агенцијата и додели Овластување за Инструктор за обука во пракса на Евгенија Лисичова, додека на Никола Димковски (Комуникациски вештини) и Тони Цветановски (Управување со човечки ресурси) им додели Овластување за Обучувачи за теоретска настава.
Овие овластувања претставуваат важен чекор во создавањето на генерација квалификувани обучувачи, кои ќе го пренесуваат знаењето и искуството за унапредување на претприемништвото во земјата. Настанот ја потврди важноста на менторството како клучен фактор за успехот на македонските компании. Менторите, преку спроведување на стандардизираните менторски услуги, го ставија во функција своето долгогодишно знаење, обезбедувајќи насоки за развој, раст и одржливост на корисниците на овие услуги.
Претходниот ден, тим од Агенцијата за поддршка на претприемништвото предводен од в.д директорката Даниела Димовска оствари плодна средба со претставници на невладини организации кои работат во областа на економијата, претприемништвото и иновациите. Беа разменети мислења и идеи и беа поставени основи за идна соработка и за поддршка и развој на претприемничките иницијативи.
Покрај тоа, во текот на Европската недела на претприемништвото, Агенцијата реализираше низа активности со цел да го истакне значењето на претприемништвото и да обезбеди поддршка за младите и бизнис заедницата. Беа спроведени посети во средните училишта „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Лазар Танев“, при што учениците имаа можност да се запознаат со основните принципи на претприемништвото и програмите и мерките кои ги нуди Агенцијата, а беа организирани и работилници за поддршка на младите претприемачи, каде што беа презентирани успешни претприемачки модели и стратегии.
Како дел од одбележувањето, претставници од Агенцијата ги посетија и фирмите „Винарија Чифлик“ од Битола и „СВАРОГ“ од Прилеп, компании кои се и корисници на мерката менторство што ја спроведува Агенцијата со цел да ја истакнат важноста на поддршката за мали и средни претпријатија и да ги охрабрат во нивниот понатамошен развој.
Со овие активности, АППРМ потврди дека е клучен партнер во развојот на претприемништвото во земјата, обезбедувајќи платформа за инспирација, поддршка и промоција на нови иницијативи кои ќе ја зајакнат економијата и ќе ја подготват следната генерација успешни претприемачи.
Економија
Еврото падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот
Еврото денеска падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот откако најновите податоци покажаа дека деловната активност во еврозоната нагло паднала во ноември.
Според податоците на берзата, европската заедничка валута во еден момент се тргуваше по 1,0399 долари, што е најниска вредност од декември 2022 година, пренесува CNN (CNBC).
Глобалната агенција S&P објави дека композитниот индекс во еврозоната паднал од октомвриските 50 поени на 48,1 поени.
Економија
Во октомври годишен раст од 11,0 отсто на вкупните депозити и од 9,2 отсто на вкупната кредитна поддршка
Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,0%, којшто произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,2% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на следниот линк.