Македонија
Силјановска се сретна со италијанскиот амбасадор Силвестри
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска го прими амбасадорот на Италијанската Република, Андреа Силвестри.
На средбата амбасадорот Силвестри ѝ честита на изборот на претседателката Силјановска-Давкова и ѝ посака успешно извршување на претседателската функција.
Силјановска-Давкова истакна дека двете земји имаат традиционално пријателски односи и изрази силна подготвеност за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и интензивирање на севкупните билатерални односи со Италија преку засилување на постојните и изнаоѓање нови можности за соработка.
На средбата беа разменети мислења за текот и натамошните чекори во однос на евроинтеграциите на земјата, при што претседателката истакна дека ќе се залага за широк општествен консензус во однос на приспособување на македонското со европското законодавство со цел доследно исполнување на реформските процеси и зголемување на кредибилитетот на процесот на проширување на Европската Унија.
Претседателката изрази благодарност за досегашната улога и пристап на Италија во поддршката за целиот регион во врска со процесот на европските интеграции и укажа на позитивниот однос на официјален Рим при надминување на споровите со своите соседи при приемот на нови членки во Унијата.
Македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова изрази надеж дека Италија и во иднина принципиелно ќе ја поддржува земјава во мериторниот процес на исполнување на европските критериуми, со цел забрзана интеграција на земјата во ЕУ, што претставува заеднички интерес за поширокиот регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Курто Дудуш ја обвини Арсовска за расизам и дискриминација: „Пишува ли на автобусите на ЈСП ‘забрането за Роми’“
Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, на денешниот протест за јавниот превоз упати повеќе барања до градоначалничката Данела Арсовска, наглсувајќи дека доколку не им бидат исполнети протестите ќе продолжат и следната недела.
Дудуш рече дека само во Шуто Оризари над 90 посто од линиите ги возат приватни превозници и граѓаните немаат пристап до јавниот превоз.
„Рековте неумесно е граѓаните на Скопје да останат без јавен превоз еден ден поради недостаток од нафта. Според вас, која е замената за зборот неумесно за граѓаните на Шуто Оризари кои 730 дена немаат пристап до јавен превоз. Јас би рекол зборот е расистички. Расистички, дискриминаторски и нехумано е да оставите 40.000 граѓани без јавен превоз“, порача градоначалникот од протестот.
На Арсовска и испрати порака и да ги праша возачите од селската линија 61 која поминува низ Шуто Оризари на 3 километри од почетокот на општината колку граѓани ја користат како алтернативен превоз.
„Немате залепено на автобусите на ЈСП, ‘забрането за Роми’, ама не мора“, рече Дудуш додавајќи дека и денес кога некои линии сообраќаат низ Скопје по вчерашниот хаос со недостатокот од нафта, во Шуто Оризари повторно нема автобуси.
Тој ја повика градоначалничката да понесе одговорност и да покаже политичка зрелост.
Повика итно да се постапи по возниот ред објавен на страната на ЈСП, а Арсовска да ги подмири и долговите кон приватните превозници, но и да пушти нови автобуси.
Меѓудругото Дудуш рече и дека граѓаните на оваа општина се’ уште чекаат изградба на паркови и булевари, како и вработувања на Роми во градската администрација.
Македонија
Во Собранието доделена државната награда „22 Ноември“
Во Кристалната сала на Собранието, Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември“ го додели признанието на луѓе од политичкиот, културниот и општествениот живот во земјата кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Добитници на наградата „22 Ноември“ за 2024 година се проф. д-р Авзи Мустафа, педагог и проф. д-р Африм Османи, универзитетски професор.
Македонија
Честитка од Африм Гаши по повод Денот на албанската азбука
На Денот на албанската азбука се потсетуваме на овој историски момент, кој го означува крајот на битолскиот конгрес и го отелотворува идентитетот на албанскиот народ, вели претседателот на Собранието, Африм Гаши, во честитка по повод празникот.
„Како претседател на Собранието, каде што Албанците се државотворен народ, овој празник и албанскиот јазик ги ценам како камен-темелник на општеството и етничката различност и се залагам да се обезбеди еднакво третирање и почитување на секое ниво на институционалното и општественото живеење.
За мене како Албанец, овој ден претставува неразделива суштина на мојот идентитет, што ме прави горд.
На сите Албанци насекаде во светот, честит 22 Ноември!“, се вели во честитката на Гаши.