Регион
ОН ќе разговараат за резолуцијата за Сребреница следната недела
На 23 мај Генералното собрание на Обединетите нации ќе го разгледа предлогот за резолуција, што ќе ги потсети на жртвите на геноцидот извршен во 1995 година врз Бошњаците во Сребреница, чие усвојување е спонзорирано од група од триесет земји.
Во распоредот на сесијата на Генералното собрание, кој е достапен на веб-страницата на ОН, се наведува дека в четврток следната недела, во рамките на 82. сесија, е планирана дискусија за документот со наслов Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на жртвите од геноцидот во Сребреница во 1995 година.
Дебатата е планирана како дел од точката на дневниот ред со наслов „Култура на мирот“.
Формални предлагачи на резолуцијата за геноцидот во Сребреница се Германија и Руанда, а спонзори се триесетина земји. Покрај Македонија, од регионот се Хрватска и Словенија, а други спонзори се САД, Велика Британија, Франција, Турција, Канада, Шведска, Данска, Албанија, Австрија, Бангладеш, Белгија, Бугарија, Чиле, Естонија, Финска, Ирска, Италија, Јордан, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малезија, Холандија, Нов Зеланд, Полска и Вануату.
Најавата за усвојување на резолуцијата предизвика жестоки реакции во Србија и во Република Српска. Тврдат дека тоа е обид да им се наметне колективна вина за воени злосторства, иако во нацрт-документот не се споменува ниту една нација или држава, туку само се наведува потребата од трајно сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница врз основа на факти содржани во пресудите на меѓународните судови, кои за тоа злосторство осудија поединци.
Доколку резолуцијата биде прифатена, 11 јули ќе биде воспоставен како меѓународен ден за сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Новиот шеф на „БМВ“ е Србин, роден во Крушевац
Милан Неделковиќ на 14 мај 2026 ќе ја преземе функцијата претседател на Управата на „БМВ АГ“, одлучи Надзорниот одбор. Тој ќе го замени Оливер Ципсе, кој повеќе од десет години е во управата и од 2019 е на нејзино чело.
Претседателот на Надзорниот одбор Никола Питер нагласи дека Неделковиќ има „јасен стратешки поглед, силна способност за реализација и изразено претприемачко размислување“, како и дека знае да ги мотивира луѓето – што го прави важен лидер во трансформацијата на БМВ.
Милан Неделковиќ, роден во Крушевац, Србија, е член на Управата од 2019 како одговорен за производството. Во БМВ работи од 1993 година и имал повеќе водечки позиции во Оксфорд, Лајпциг, Минхен и во корпоративната единица за квалитет. Неговиот мандат како претседател на Управата ќе трае до 2031 година.
Ципсе, кому мандатот му беше продолжен поради исклучок од старосната граница, ќе се пензионира по собранието на 13 мај 2026 по 35 години во компанијата. Питер ја истакна неговата улога во водењето на фирмата низ глобални кризи.
Претседателот на Главниот работнички совет Мартин Кимих додаде дека Неделковиќ ужива голема доверба меѓу вработените и дека ќе продолжи традицијата на партнерска соработка во компанијата.
Регион
Двојно убиство во Црна Гора, се бара сторителот
Безживотните тела на маж и жена беа пронајдени синоќа во стан во центарот на Никшиќ, а се сомнева дека станува збор за двојно убиство. Телата беа пронајдени во стан на улицата Пека Павловиќ во центарот на Никшиќ. Се бара сторителот, пишува Телеграф.рс.
„Полициските службеници на Западниот регионален безбедносен центар, Оддел за безбедност во Никшиќ, синоќа околу 19:20 часот биле известени од член на семејството дека лицето М.П. (74) не одговара на телефонски повици и дека не воспоставиле контакт со неа два дена“, се наведува во соопштението за медиумите. Како што истакнува полицијата, веднаш биле преземени мерки за пронаоѓање на М.П., по што полициските службеници лоцирале стан, кој бил заклучен.
„Во согласност со законските овластувања, полициските службеници влегоа во внатрешноста на станот каде што го пронајдоа безживотното тело на М.П., како и безживотното тело на М.В. (41) со видливи повреди за кои постои сомневање дека се предизвикани со употреба на ладно оружје, поточно нож. Изнајмениот стан го користел М.В.“, додаде полицијата.
„За инцидентот веднаш беше информиран обвинителот на Вишото државно обвинителство во Подгорица, кој заедно со полициските службеници спроведе истрага на местото на настанот. За време на полициско-обвинителските активности, полицијата дозна за идентитетот на сторителот на ова кривично дело, и се работи интензивно на негово лоцирање и апсење“, се наведува во соопштението за медиумите.
Како што додаваат, мотивот за тешкото кривично дело им е познат на властите. „Имајќи ја предвид неговата тежина, како и приватните околности на повредените лица и сторителите, во оваа фаза од постапката не можеме да дадеме повеќе детали“, соопшти полицијата.
Регион
Судии, обвинители и адвокати протестираа во Белград, велат дека трпат политички притисоци
Судии, обвинители, адвокати, како и граѓани и студенти од цела Србија денес одржаа протест пред Уставниот суд, а потоа и пред Правниот факултет во Белград.
Се собраа поради, како што велат, притисоците што ги трпи судството, особено во последната година, како и можноста за „укинување“ на Обвинителството за организиран криминал. Тие рекоа дека „правдата е слепа, но судството не е“.

Судијата Александар Трешњев истакна дека само оние што сториле кривични дела се плашат од обвинителите кои сакаат да си ја работат работата.
„Нема да кажат дека се плашат од обвинителството. Ќе речат дека има криминалци во тоа обвинителство. И не дојдовме тука да браниме некого по име и презиме. Дојдовме тука за нешто друго – да го браниме правото и обврската на обвинителот да напише обвинение кога има докази за тоа“, рече судијата Трешњев.

Милимир Лукиќ, судија во Апелациониот суд, изјави дека со најавената промена на законот, Обвинителството за организиран криминал дефинитивно ќе ја изгуби својата автономија и независност, како посебна карактеристика што овој орган мора да ја има кога дејствува за да ја извршува својата функција на законски начин.
„Во моментот кога Обвинителството за организиран криминал ќе стане дел од Вишото јавно обвинителство во Белград, директна последица ќе биде губењето на неговиот институционален капацитет за работа, а на крајот тоа ќе резултира со слабеење, а потоа и исчезнување на судските органи одговорни за организираниот криминал“, рече Лукиќ.

По сите говори, беше одржан 16-минутeн молк за жртвите од падот на настрешницата во Нови Сад.

