Свет
Роднините на израелските заложници се обратија до Советот за безбедност на ОН

Роднините на израелските заложници што ги држеше палестинската милитантна организација Хамас во Појасот Газа се обратија на специјално свиканиот состанок на Советот за безбедност на ОН во Њујорк.
Меѓу другите на состанокот во четвртокот, Гили Роман, кој е германски државјанин, се потсети на својата снаа Кармел, која беше киднапирана од Кибуц Беери на 7 октомври минатата година.
„Ние малку знаеме за ситуацијата на Кармел“, рече Роман. „Се надеваме дека е жива. Но, не знаеме“.
Израелски процени: 100 заложници веројатно се живи
Претставниците на Советот за безбедност и неколку други присутни земји членки на ОН, вклучително и Германија, ветија дека ќе продолжат со напорите за да се обезбеди ослободување на сите заложници.
Хамас и неговите поддржувачи убија околу 1.200 луѓе, вклучувајќи околу 800 цивили, во нападите на 7 октомври. Тие киднапираа и повеќе од 200 жени, мажи и деца.
105 од нив беа ослободени речиси два месеца по договорот меѓу Израел и Хамас.
Судбината на преостанатите заложници е нејасна. Според израелските процени, 100-ина од нив веројатно сѐ уште се живи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад во кривичниот суд во Њујорк, има повредени

Тројца судски службеници денес биле нападнати со нож и повредени во зградата на Кривичниот суд на Менхетен, потврдија два извори од њујоршката полиција кои се запознаени со нападот.
„Осомничениот напаѓач е приведен по нападот врз службениците во зградата на судот на Централната улица во Њујорк. Нападот се случил близу фоајето“, изјавил неименуван полициски извор за NBC.
Еден судски службеник се здобил со посекотини на лицето, друг на вратот, а третиот бил повреден кога осомничениот го фрлил на подот обидувајќи се да побегне, се наведува во извештајот на американската телевизиска мрежа.
Сите тројца повредени се медицински згрижени и се чувствуваат добро, а истрагата е во тек, иако засега не е јасно што бил мотивот за нападот.
Свет
„Ерусалим пост“: Трамп ќе му даде на Иран последна шанса

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да му упати на Иран последна шанса за договор, објави „Ерусалим пост“, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Според неофицијални информации, новата понуда би можела да биде уште поповолна од онаа од пред недела и половина, но сепак би се базирала на американското барање за нулта толеранција за збогатување ураниум.
Според истиот извор, Иран се обидел да посредува со американската администрација преку Оман и Катар со цел да ги запре израелските напади и да ги обнови преговорите за нуклеарната програма. Саудиска Арабија наводно дејствува преку посебен канал со иста цел – постигнување прекин на огнот.
Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.