Македонија
Иљази им забрани на докторите од Токсикологија да даваат изјави за медиумите
Економската директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази, им забрани на вработените на Клиниката за токсикологија да даваат медиумиски изјави по скандалите, кои еден месец ја тресат здравствената установа.
Таа претходно немаше слух за барањето на вработените, кои повикаа да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, од кои имаат потреба, наместо 18 лица на чие вработување Иљази инсистира, а за кои веруваат дека не ги исполнуваат критериумите.
Кога докторите јавно ја прозваа Иљази дека не соработува со нив, не го зборува македонскиот јази, не се знае ништо за нејзиното образование, клиниката е во долгови, а во моментот не функционира токсиколошката лабораторија и се снаоѓаат со тестови и со еден лаборант, Иљази, наместо да одговори на критиките, донела писмена наредба до докторите да не комуницираат со јавноста.
„Клиниката за токсикологија – Скопје, в.д. организацискиот директор на Клиниката, на 20.5.2024 ја донесе следната НАРЕДБА за забрана на неовластено присуствување, давање изјави за јавност преку интервјуа и свикување прес-конференции. Се забранува неовластено свикување конференции за печатени и електронски средства за информирање, давање интервјуа и слично, со што би се нанело штета на угледот на Клиниката. Средби со новинари, други медиуми, само со претходно известување до в.д. организацискиот директор. Непочитувањето на оваа наредба подлежи на сакнционирање“, се наведува во наредбата.

Министерот за здравство Илир Демири претходно го разреши медицинскиот директор на Токсикологија, Данил Петревски, и покрај тоа што нивните поплаки се однесуваа на економската директорка. Од минатата недела 18-те лица повторно почнале да доаѓаат на работа на Клиниката, а во јавноста беше објавено дека меѓу нив има и лице што барало од лаборант урина со наркотици да биде заменета со чиста. Договорците потоа го обвинија професорот Нико Беќаровски за навреди на етничка основа, тој возврати со најава за тужби и доби поддршка од вработените на Клиниката, кои тврдат дека такво нешто не се случило, а за Беќаровски имаа да кажат сè најубаво.
Министерот за здравство Илир Демири минатата недела не кажа дали осумнаесетте договорци од Токсикологија се стручни, туку рече дека бил загрижен за 18-те семејства што не добиле плата. Прашан за тврдења во јавноста дека тие лица не исполнуваат критериуми за да работат таму, министерот рече дека тоа прашање требало да се постави лани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

