Македонија
Сончево со мала до умерена облачност
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне, претежно во западните делови ќе има развој на локална нестабилност со пороен дожд и појава на ретки грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 21 до 28 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 27 степени.
До четврток ќе има честа појава на пороен дожд и грмежи, особено во попладневните часови. Локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Стабилизирање на времето се очекува од петок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Изјавите на Радев се дел од средниот век, поминаа времињата кога политичарите виткаа кичма
Маските конечно паднаа. Новата власт кај нашиот сосед јасно покажа дека најголемиот страв на политичката класа во оваа држава е да го препознае самото постоење на зборовите „Бугарин“ и „бугарски“ во РСМ. Ова како што пренесуваат бугарските медиумите, пред новинарите го изјавил бугарскиот претседател Румен Радев.
Овие изјави Мицкоски ги оцени за анахрони и изјави дека се дел од средниот век, а не од современа Европа. Премиерот рече дека не го негира постоењето на бугарското малцинство во земјава кое, како што кажа, заедно со другите е признаено уште од раните 40-ти години, но обвини дека во Бугарија постои тивка и постепена асимилација на македонското малцинство. Потврда за тоа, како што вели, се пресудите на Судот за човекови права во Стразбур.
„Јас сум подготвен да седнам и покрај тоа и да разговарам и со едниот и со другиот. Му посакувам на господинот Борисов да ја формира владата во Бугарија бидејќи ние доаѓаме од Европската народна партија и логично е јас да посакувам нашиот источен сосед да има премиер кој доаѓа од истото семејство. Тоа не треба да имате дилема. Но, исто така, мојата порака е дека поминаа времињата кога овде кај нас имаше политичари кои беа сервилни, коишто виткаа кичма, коишто коленичеа, потпишува се и сешто што им беше ставено на маса. Од друга страна во името на европското знаме го ограбуваа народот, ја засрамуваа и понижуваа својата татковина“, рече Мицкоски.
Македонија
Средба на Комисијата за европски прашања со Делегацијата од Баварија
Членовите на Комисијата за европски прашања имаа денеска средба со Делегацијата на Парламентот на Баварија, предводена од Герхард Хоп, член на Комисијата за Европа во овој регионален парламент во Сојузна Република Германија.
Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања (КЕП), Игор Здравковски, ја поздрави баварската Делегација, во чиј состав се вклучени и стопанственици, притоа истакнувајќи дека Германија, како земја предводник на европското обединување е значаен партнер во напорите на нашата земја за членство во Европската Унија.
Здравковски се осврна и на надлежностите на КЕП, нагласувајќи дека новиот состав на Комисијата ќе продолжи да работи посветено во остварување на стратешката цел на државата за интегрирање во ЕУ.
Во име на баварската Делегација, Хоп посочи дека за Баварија, како и за Германија во целина, е мошне важно да оставрува контакти со сите земји од регионот на Западен Балкан, со кои, како што рече, негуваме добри историски, културни и лични односи. Како претставници на регионален Парламент, рече Хоп, добро знаеме колку е битна регионалната соработка и затоа имате целосна поддршка да бидете дел од европското семејство.
Истакнувајќи го фактот дека Германија е наш клучен политички поддржувач и најголем трговски партнер, присутните на средбата се согласија дека двете земји имаат мошне добра соработка и во делот на економијата и образованието, иако, како што заклучија, секогаш има простор за дополнително продлабочување и интензивирање на односите во сите области.
Македонија
Претседателката Сиљановска Давкова го прими постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, Армен Григорјан.
На средбата се разговараше за соработката и активностите на УНДП, при што претседателката Сиљановска Давкова изрази задоволство од долгогодишното и доверливо партнерство со УНДП, кое во соработка со македонските институции, општини и граѓанското општество даваат значаен продонес за севкупниот развој во нашата земја.
Во тој контекст, претседателката истакна дека високо ги цени ангажманот и иницијативите на УНДП во различни суштински области, како што се економски развој, социјална вклученост, родова еднаквост, институционално зајакнување, заштита на животната средина, ублажување на климатските промени и младинско вклучување во процесите на одлучување и креирање политики.
На средбата беше констатирано дека приоритетните активности на УНДП во нашата земја за 2021-2025 година совршено се усогласени со македонските национални приоритети, засновани на принципите за одржлив развој и целосно компатибилни со процесот на пристапување во Европската Унија.