Македонија
Општина Карпош: Не користите ги услугите на лунапаркот, кој е монтиран без безбедносните сертификати, а нема ни одобрение за работа

Општина Карпош објави дека за разлика од другите надлежни институции, иако има минимални надлежности, води постапка против дивопоставениот лунапарк кај базенот „Борис Трајковски“.
За жал, како што велат од Општината, ова дивеење и беззаконие на сопственикот на лунапаркот му го овозможуваат претставниците на надлежните владини институции.
„Тој не поседува одобрение за работа ниту, пак, ги има потребните безбедносни сертификати, со што не ги исполнува законските услови за да ја врши оваа дејност. Тоа значи дека безбедноста на граѓаните, а особено на младите лица, е загрозена и можни се животозагрозувачки последици“, велат од Општината.
Затоа, Општина Карпош апелира до сите граѓани, а особено до младите, да не ги користат услугите на овој лунапарк затоа што го доведуваат во опасност својот живот. Евентуалните последици, поради непочитување на законските прописи и на овој наш апел, ќе ги сносат корисниците на услугите и неодговорниот сопственик на реквизитите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
АД ЕСМ: СДСМ и ДУИ ја наполнија компанијата со партиски кадри, незаконските вработувања се минато

„Актуелното раководство на АД ЕСМ, назначено на крајот на август минатата година, веднаш по назначувањето затекна сериозни предизвици во компанијата. Покрај катастрофалната финансиска и техничко-технолошка состојба во капацитетите за производство на електрична енергија, еден од најголемите проблеми беше справувањето со стотици несоодветни кадри вработени преку незаконски конкурси“, велат од АД ЕСМ.
„Само преку последниот конкурс, во пресрет на минатите парламентарни избори на 31 декември 2023 година, биле реализирани точно 699 вработувања. Станува збор за партиски и несоодветни кадри од кои повеќето, до август минатата година односно пред доаѓањето на новиот менаџерски тим – воопшто не се ни појавувале на работните места, иако редовно земале плата и им биле плаќани придонеси. Овие вработувања биле реализирани преку груба злоупотреба на систематизациите во сите подружници на АД ЕСМ, што укажува на системско непочитување на процедурите и можна злоупотреба на службената положба во претходниот период.
За да се обезбеди навремено и соодветно спроведување на работните процеси, АД ЕСМ мора да ги пополни некои од испразнетите места преку привремени вработувања на стручни кадри. Паралелно со ова, во тек се процедури за усогласување и усвојување на новите систематизации, со цел целосна оптимизација на човечките ресурси. Ова вклучува ревизија на постоечките работни места, утврдување на реалните потреби на компанијата и воспоставување транспарентни и законски процедури за вработување. До моментот на усвојување на нови систематизации по сите деловни единици на Компанијата – секое привремено вработување, ќе биде спроведено исклучиво во согласност со позитивните законски прописи.
Новото раководство е посветено на воспоставување систем заснован на професионализам, одговорност и транспарентност. Се очекува дека овие мерки ќе придонесат за стабилизирање на компанијата, подобрување на нејзината ефикасност и воспоставување здрава работна атмосфера, ослободена од политички влијанија и несоодветни вработувања.
Апелираме до политичките партии да не го злоупотребуваат АД ЕСМ за собирање дневнополитички поени, особено затоа што токму коалицијата на СДСМ и ДУИ креираше стотици партиски и нестручни вработувања чие ангажирање влијаеше на влошување на состојбите во Компанијата“, се наведува во соопштението на АД ЕСМ.
Македонија
Мицкоски ги предложи Азир Алиу за нов министер за здравство и Албрим Хоџа за заменик министер за земјоделство

Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска во Собранието ги предложи Азир Алиу за нов министер за здравство и Албрим Хоџа за заменик министер за земјоделство.
„Го предлагам д-р Азир Алиу за нов министер за здравство. Д-р Алиу е доктор по информатички науки, професор, човек кој со години се занимава со управување со системи, податоци и дигитални решенија. Во време кога некои држави со еден клик добиваат дијагноза, ние сè уште трчаме од шалтер на шалтер. Време е тоа да се промени. И токму затоа веруваме дека неговата енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем“, рече Мицкоски.
Тој рече дека Алиу ќе има силна поддршка од него како претседател на Владата.
Мицкоски, исто така, го предложи Албрим Хоџа за заменик министер за земјоделство.
„Г. Хоџа е млад, но сериозен човек кој знае како изгледа теренот. Верувам дека тој ќе даде силна енергија и ќе биде силна потпора на министерот и ќе придонесе кон тоа земјоделството конечно да добие системска рамка и визија за иднината“, рече Мицкоски.
Македонија
(Фото) Пуштени во употреба спортските игралишта во училиштето Гоце Делчев во општина Илинден

Со одржување на спортски натпревари во фудбал и кошарка беа пуштени во употреба спортските игралишта за фудбал, ракомет и кошарка во ООУ Гоце Делчев, во Илинден, кои во изминатиот период беа целосно реконструирани, извести општина Илинден.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на игралиштата и истакна дека учениците од ова училиште добија комплетно реконструиран и убаво уреден спортски простор, наменет за квалитетно и безбедно одржување на часовите по физичко и здравствено образование.
„Во рамки на реконструкцијата поставена е заштитна ограда и метални столбови за осветлување. На игралиштето за мал фудбал, ракомет и одбојка поставени се нови голови, вештачка трева, а на игралиштето за кошарка нови табли и обрачи за кош, додека подот е поплочен со гумирана подлога. Исто така во рамки на спортските терени поставени се клупи, корпи за отпадоци, просторот е партерно уреден, со што овие спортски игралишта добија комплетно нов лик.
Средствата за реализација на овој проект се целосно обезбедени од Буџетот на општина Илинден, а во наредниот период ќе се продолжи со изградба на нови и реконструкција на постоечките спортски терени и во останатите населени места, со цел да се добие уреден простор, но и безбеден за рекреација и забава на жителите во Општината“, се додава во соопштението.