Свет
Силен топлотен бран во Индија, во Њу Делхи измерени 52,3 степени

Рекордна жештина денеска, втор ден по ред, зафати делови од индиската престолнина каде температурата достигна 52,3 степени Целзиусови, а невиден топлотен бран зафати и некои северозападни предели.
Рекордно високите летни температури резултираа со невообичаено силен топлотен бран во последните денови, велат метеоролозите, но додаваат дека од утре би требало да се намали температурата во северозападна и централна Индија.
Температурите се толку високи што неколку ученици ја загубија свеста во јавното училиште во источната индиска држава Бихар. Училишниот доктор рече дека тоа се случува поради дисбаланс на електролити, што предизвикува несвестица, повраќање и вртоглавица. Азија оваа година е погодена од исклучително топло лето, тренд за кој научниците велат дека е влошен од климатските промени и поттикнат од луѓето.
Индија обично прогласува топлотен бран кога максималната температура ќе достигне 4,5 до 6,4 степени над нормалната температура, а силен топлотен бран кога температурата е 6,5 Целзиусови степени над нормалната. Невообичаено високите температури ја натераа Изборната комисија на Индија да распореди медицински персонал на избирачките места за време на општите избори во Њу Делхи минатата недела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Орбан до Западот: Не примаме наредби од неизбрани бирократи, одговараме само пред нашиот народ

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека неговата земја веќе три и пол години ја плаќа цената на војната во Украина, и покрај тоа што, како што рече, „тоа не е нашa војна“.
Тој нагласи дека западните лидери се обидуваат уште подлабоко да ја вклучат Унгарија во конфликтот, но дека Будимпешта ќе продолжи да се спротивставува.
„Ќе го браниме нашиот народ, нашата слобода и ќе тежнееме кон мир,“ порача Орбан преку платформата Икс.
Тој додаде дека Европската унија е создадена да им служи на суверените нации, а не да владее со нив. „Брисел не ја контролира Унгарија. Не примаме наредби од неизбрани бирократи, одговараме само пред нашиот народ. Време е работите да се исправат,“ изјави Орбан.
Свет
Се откачи жичница во Русија, повеќе од 30 евакуирани, има загинати

На планината Елбрус, во руската република Кабардино-Балкарија, се случи несреќа со жичница при што загинаа три лица, а повеќе од 30 беа евакуирани, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, загинале жител на Кабардино-Балкарија, жена од Дагестан и маж од Москва. Несреќата настанала кога сајлата излетала од валјак на еден од носачите.
Во моментот на инцидентот, на жичарата имало 37 луѓе, од кои 35 биле успешно евакуирани.
Свет
Поранешен израелски началник: Во Газа се убиени или повредени над 200.000 Палестинци

Поранешниот началник на израелската армија, Херци Халеви, изјави дека во војната во Газа се убиени или повредени над 200.000 Палестинци – повеќе од 10 отсто од населението.
Оваа проценка е блиска до бројките што редовно ги објавува Министерството за здравство во Газа, кои Израел често ги оспорува, иако меѓународните организации ги сметаат за доверливи. Според официјалните податоци, од 7 октомври 2023 година досега се убиени 64.718 луѓе, а повредени се 163.859.
Халеви нагласи дека „ова не е нежна војна“ и дека армијата делува „без ракавици“ уште од првиот ден, но инсистираше дека Израел постапува во рамки на меѓународното хуманитарно право. Тој додаде дека правните советници никогаш не ја ограничувале израелската војска во одлуките за операциите во Газа.