Култура
Во МСУ – Скопје се отвора изложба на уметникот Албан Муја
На 7 јуни (петок), во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена самостојната изложба „Линијата што избледнува: Приказни на работ на легалноста“ на Албан Муја. Куратор на поставката е Владимир Јанчевски.
Албан Муја (1980, Република Косово) создава видео инсталации, филмови, цртежи, слики, фотографии и јавни уметнички дела под влијание на тековните процеси на општествена, политичка и економска трансформација во неговото родно Косово и на Балканот. Преку својата пракса ја истражува историјата и општествено-политичките теми, поврзувајќи ги со неговата моментална позиција во Косово.
Изложбата на Албан Муја во МСУ-Скопје прикажува избор од неговите дела во периодот од 2016 до 2023 година. Замислена како обид за поврзување на комплементарни дела, кои ја прикажуваат и критички ја опсервираат споделената состојба и нашите заедничка засегнатост преку границите, изложбата е фокусирана на секојдневието и на искуството на ситуација на принудна транзиција и продолжена неизвесност.

Уметничката практика на Албан Муја истражува различни аспекти на структурите, кои ги дефинираат националните, идеолошките, идентитетските и егзистенцијални прашања, кои не се толку очигледни. Неговите дела се повеќе од само едноставно претставување и раскажување, фокусирајќи се, исто така, на улогата што сликите и медиумите ја имаат во конструирањето и обликувањето на доминантиот наратив, односот кон идентитетот и историјата. Некои од проектите на Муја се фокусираат на нетипични згради, како што се скромните семејни куќи, кои неконтролирано се издигнуваат над покривите. Навлегувајќи во анализирање на овој неконвенционален градски пејзаж и урбаната стагнација и контурите кои се развиваат, Муја создава мапа на градот, којашто истовремено сведочи за потфрлањето на системот, како и за индивидуалниот „креативен“ пристап кон проблемот.
Во динамичен свет кој е дефиниран со постојана промена, феноменот на нашите општества заглавени се во навидум бескрајна транзиција. Граници, бариери, ѕидови, видливи и невидливи, градење, изградба, обнова, дупки и рабови во законот, или на друго место, транзиција, трансформација, надминување, сѐ се тоа работи што нè опишуваат и одредуваат.

„Муја го отсликува и коментира современото општество и неговите тешкотии во многу специфичен геополитички контекст. Употребувајќи критичка позиција во комбинација со иронија и духовитост, неговите уметнички дела се справуваат со горчината на геополитичкиот, општествениот и уметничкиот систем. Имплицирајќи поглед и збир на структурни односи, географски и територијални, уметникот го свртува вниманието кон народите од овој регион – дома, како и во нивните заедници во странство, традиционално вкоренети во градежните работи, феноменот на мигрантскиот труд и проблемот да се биде лишен од социјални алатки, економска и правна сигурност“, вели кураторот Јанчевски.
Муја има прикажано дела и идеи на различни самостојни и групни изложби, вклучително и филмски фестивали и Павилјонот на Република Косово на 58-то Венециско биенале. На Павилјонот, тој ја претстави триканалната видео-инсталација наречена „Семеен албум“ која навлегува во личните и колективните сеќавања на Косовската војна (1998-1999) и ја доведува во прашање улогата што сликите и медиумите ја играат во конструирањето и обликувањето на наративот, идентитетот и историјата во време на конфликт.
Албан Муја и е познат на македонската јавност, бидејќи во последната деценија тој учествуваше во неколку значајни изложби, меѓу кои и неговата прва самостојна изложба „Именување“ во 2014 година, курирана од Владимир Јанчевски (SIA – Агенција за сериозни интереси, Скопје), како и меѓународната групна изложба „Сè што ни заедничко“ во 2018 година, курирана од Јованка Попова и Мира Гаќина (МСУ-Скопје).
Изложбата ќе биде отворена до 28 август 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

