Свет
Бајден денеска пристигнува во Европа, го чекаат Макрон и Зеленски
Американскиот претседател Џо Бајден денеска пристигнува во Франција, каде што неговиот домаќин Емануел Макрон сака да го покаже единството на Западот поради војната во Украина.
Џо Бајден треба да пристигне во Париз утринава, а потоа ќе се приклучи на комеморацијата на 80-годишнината од истоварувањето на сојузниците на плажите на Нормандија, на која ќе бидат и кралот Чарлс III, германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанскиот претседател Серџо Матарела и претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Белата куќа потврди и дека Бајден ќе се сретне со шефот на украинската држава. Предвидено е Бајден да зборува на официјалните церемонии, каде што „73.000 храбри Американци дојдоа за да го отворат патот за ослободување на Франција и Европа“, соопшти Белата куќа.
Почнувајќи од понеделникот, околу педесет американски ветерани, од кои некои учествуваа во истоварувањето на 6 јуни 1944 година, слетаа на аеродромот „Довил“ во Нормандија за да присуствуваат на свеченостите.
„Добредојде на хероите во Франција“, напиша францускиот претседател во вторникот на „Икс“.
Како моќен симбол, Русија, која беше поканета пред една деценија на 70-годишнината од истоварувањето како поранешен сојузник против нацистичка Германија, беше официјално исклучена од церемониите поради нејзината инвазија на Украина.
Кабинетот на францускиот претседател не ја крие желбата да го покаже единството на Западот во време кога Европа ја погодува нова војна. Конкретно, Макрон треба да ги разјасни своите намери во врска со можното испраќање воени инструктори во Украина.
На 7 јуни Џо Бајден треба да одржи говор „за важноста од одбраната на слободата и демократијата“, според Белата куќа, а потоа ќе ја оствари својата прва државна посета на Франција в сабота.
„Додека 80 години по ослободувањето на Европа војната повторно е на континентот, двајцата претседатели ќе разговараат за постојана и долгорочна поддршка за Украина“, објави француското претседателство.
„Оваа тесна координација за меѓународните кризи ќе има цел да ги подготви следните меѓународни настани, особено самитот на Г7, во средината на јуни во Италија и самитот на НАТО во јули во Вашингтон“, додаде овој извор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Масовен руски напад врз Кременчук – делови од градот останаа без струја, вода и греење
Русија синоќа изврши масовен ракетен и дрон-напад врз украинскиот град Кременчук.
Според украинските воздухопловни сили, експлозии биле забележани околу 1:30 часот по локално време. Во нападот биле користени неколку хиперсонични ракети „Зинжал“, како и десетици дронови.
Градоначалникот на Кременчук, Виталиј Малецки, соопшти дека во делови од градот има прекини на струја, вода и греење, и додаде дека екипите работат на стабилизирање на критичната инфраструктура.
Тој ги повика жителите да останат на безбедни места.
UPDATE—-More footage that has come out from tonight’s Russian strikes on Kremenchuk in the Poltava region of Ukraine. pic.twitter.com/D9wBFrEMSw
— 🇷🇺 Vanguard-Veritas🇨🇦 (@RussCan91) December 7, 2025
Засега нема информации за жртви или за обемот на материјалната штета.
Паралелно со нападот, експлозии биле пријавени и во Фастив, во Киевската област. Таму претходниот ден беше погодена главната железничка станица. Украинскиот претседател Володимир Зеленски тој напад го нарече „воено бесмислен“. Според министерот за внатрешни работи Игор Клименко, осум лица се повредени во нападите од 5 декември во регионите Киев, Лвов и Дњепропетровск.
Руските напади продолжуваат додека САД се обидуваат да посредуваат во напорите за запирање на војната.
Свет
Најмалку 25 лица загинаа во голем пожар во ноќен клуб во Гоа, Индија
Најмалку 25 лица загинаа, а повеќемина се повредени во тежок пожар што околу полноќ го зафати популарен ноќен клуб во Арпора, во индиската држава Гоа. Според првичните информации на локалната полиција, пожарот бил предизвикан од експлозија на плинска боца во кујната, по што огнот брзо се проширил низ објектот.
Поголемиот дел од загинатите биле вработени во клубот, но властите потврдија дека меѓу жртвите има и тројца до четворица туристи. Идентитетот и националностите сè уште се утврдуваат. Шестмина повредени се хоспитализирани и се во стабилна состојба.
Главниот министер на Гоа, Прамод Савант, изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите и најави официјална истрага. Таа ќе треба да утврди дали клубот ги почитувал противпожарните правила и дали поседувал валиден безбедносен сертификат.
Првичните извештаи укажуваат дека објектот немал задолжително одобрение дека објектот ги исполнува противпожарните стандарди.

Индискиот премиер, Нарендра Моди, на платформата X објави дека неговата канцеларија ќе понуди отштета до 200.000 рупии (1.889 евра) за секое семејство на жртвите и 50.000 рупии за повредените.
Гоа е позната туристичка дестинација на западниот брег на Индија и секоја година привлекува милиони посетители.
Свет
(Видео) Судири меѓу демонстранти и полиција во Атина: употребени солзавец и шок-бомби
Во центарот на Атина вечерва дојде до судири меѓу демонстранти и полицијата за време на маршот по повод 17 години од убиството на Александрос Григоропулос.
Полицијата употреби солзавец и шок-бомби, а приведени се 38 лица, од кои 8 се уапсени.
Тензии настанаа кога дел од демонстрантите се обидоа да тргнат кон квартот Егзархија, но полицијата ги блокираше. Метро станиците „Панепистимио“ и „Синтагма“ беа затворени од 17 часот по наредба на полицијата.
Сличен марш се одржа и во Солун, каде што беа приведени десет лица.
Убиството на 15-годишниот Григоропулос во 2008 година стана симбол на протестите против полициската бруталност, а годишнината и годинава ја одбележаа судири и силно полициско присуство.

