Македонија
(Видео) Мицкоски најави формирање две нови министерства
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција рече дека поднесува предлог-закон за измена на Законот за организација и работа на органите на државната управа по скратена постапка.
„Врз основа на членот 71 став 1 од Уставот и врз основа на членовите 139, 144 и 175 од собранискиот Деловник поднесувам предлог-закон за измена на Законот за организација и работа на органите на државната управа по скратена постапка.
Имено, во членот 71 став 1 од Уставот, како и членовите 139 и 144 од Деловникот, е уредено дека право да предлага донесување закон има секој пратеник во Собранието, Владата и најмалку 10.000 избирачи. А со членот 175 од Деловникот на Собранието е уредено дека предлагачот на предлог-законот може да му предложи на Собранието да расправа по него по скратена постапка“, рече Мицкоски.
Тој ја побара поддршката од сите пратеници во македонскиот парламент, без исклучок на која политичка партија ѝ припаѓаат.
„Легитимитетот и легалитетот на ова барање го темелам на изборниот резултат пред неколку недели кога коалицијата ‘Твоја Македонија’, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и новата претседателка, професорката Гордана Силјановска-Давкова освоија 436.000 гласа, односно 561.000 глас. Легитимитетот од страна на граѓаните е јасен, кредибилитетот и легалитетот е исто така јасен“, рече Мицкоски.
„Имено, со овој нов закон, кој веќе е доставен до архивата, се предвидува да бидат формирани или реорганизирани определен број министерства во рамките на самата влада, и тоа ќе почнам со Министерството за економија и труд, кое практично ќе биде министерство што ќе ги опфаќа некои од ингеренциите на старото Министерство за економија, а на тоа министерство ќе му биде додаде сегментот труд за да може работодавците и работниците да бидат на едно место и на тоа место заедно да ги реализираат своите права, дијалог и така натаму, така што Министерството за социјална политика и труд, кое беше досега, ќе биде сега министерство за социјална политика, демографија и млади. Агенцијата за млади и спорт, која постоеше, досега нема да постои и ќе имаме посебно министерство за спорт.
Исто така, некои од надлежностите што ги имаше досега Министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на новото формирано министерство, а тоа е министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
Некои од ингеренциите што ги имаше Министерството за економија, особено во делот на туризмот, сега ќе бидат присоединети во новото министерство – министерство за култура и туризам.
Ќе имаме ново министерство, кое ќе има задача да спроведе еден многу важен проект, кој ќе ја зголеми транспарентноста, владеењето на правото ќе го намали основаното сомневање за корупција во рамките на администрацијата, а тоа е новоформираното министерство за дигитализација, кое во суштина ќе ги наследи обврските што ги имаше досегашното Министерство за информатичка технологија и администрација.
Ќе имаме исто така ново министерство, тоа е министерство за администрација, така што мислам дека со ваква реорганизација ќе добиеме ефикасност, ќе добиеме осовременување на самата влада и ќе го добиеме, пред сè, она што го ветувавме за време на кампањата, а тоа е да ги подобриме животот и стандардот на сите граѓани во Македонија, без разлика на нивната политичка и партиска припадност“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.

