Свет
Русија и Кина ќе воспостават линија за контејнерски сообраќај на арктичката рута
Руската државна агенција за нуклеарна енергија Росатом објави дека се согласила да соработува со кинеска бродска компанија за воспоставување линија за транспорт на контејнерски товар во зоната на Арктикот во текот на целата година.
Договорот со кинеската компанија Hainan Yangpu NewNew Shipping предвидува формирање на заедничка компанија за проектирање и изградба на контејнерски бродови и заедничко работење на бродската линија, пренесе Росатом.
Меморандумот за размена беше потпишан вчера на годишниот економски форум во Санкт Петербург.
Специјалниот претставник на Росатом за развој на Арктикот Владимир Панов рече дека овогодинешниот план предвидува 12 патувања, додавајќи дека компаниите се надеваат дека на крајот ќе испорачаат до 50 милиони тони товар годишно.
„Нашата главна задача е да изградиме до пет бродови од арктичка класа, што ќе и овозможи на компанијата да биде оперативна на северниот морски пат во текот на целата година“, рече Панов.
Минатата година Росатом основаше заедничка компанија со DP World од Дубаи за развој на контејнерски транспорт преку Арктикот, рута која се отвора за сообраќај поради топењето на мразот во услови на глобално затоплување.
Минатата година рускиот „Росатом“ транспортираше повеќе од два милиони тони товар во транзит, што е рекордна количина, рече Панов.
„Годинава можеме да зборуваме за нов рекорд. Планираме да транспортираме до три милиони тони товар“, рече Панов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бебето кое исчезна од породилиштето во Виена е пронајдено мртво во корпа за ѓубре, уапсена мајката
Бебето кое исчезна вчера од болница во Виена утрово е пронајдено мртво во корпа за отпадоци во близина на болницата, пишуваат австриските медиуми.
Како што соопштија истражителите, доенчето било завиткано во најлонска кеса, а мајката (29) на еднонеделното бебе е уапсена.
Вчера медицинската сестра забележала дека бебето не е во собата, а не била ниту мајката, па била повикана полиција која веднаш почнала интензивна потрага.
Ги проверувале сите автомобили, дури и ранците на велосипедистите, а во потрагата учествувале и кучиња трагачи. Во текот на вечерта мајката била сослушана во полиција. Што им кажала се’ уште не е познато.
Сослушан е и наводниот татко на детето, чие татковство мајката не сакала да го признае, велат од полицијата. Тој не е осомничен за кривичното дело.
Свет
Министерство за одбрана на Русија: Сите бојни глави на ракетата „Орешник“ стигнаа до целта
Руското Министерство за одбрана соопшти дека сите бојни глави на балистичката ракета со среден дострел „Орешник“ стигнале до украинскиот воено-индустриски комплекс во Днепро (поранешен Днепропетровск).
„На 21 ноември 2024 година, како одговор на употребата на американско и британско оружје со долг дострел против објекти на територијата на Руската Федерација, вооружените сили извршија комбиниран напад врз еден од објектите на воено-индустрискиот комплекс. Нападот беше успешно искористен со ненуклеарна хиперсонична опрема“, се наведува во соопштението.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот вечерта објави дека Украина употребила западно оружје со долг дострел против руската држава поради што регионалниот конфликт доби елементи на глобален.
Тој исто така рече дека еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел, балистичката ракета „Орешник“, бил тестиран во борбени услови.
Свет
Песков: Русија покажа способност да одговори на акциите на Западот
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија покажала способност да одговори на акциите на Западот со употреба на балистички ракети и оцени дека американската администрација во заминување продолжува да го следи патот на ескалација на конфликтот во Украина.
„Гледаме дека администрацијата во заминување на американскиот претседател Џозеф Бајден претпочита да оди понатаму по патот на ескалацијата и тоа го прави со прилично непромислена ескалација“, им рече Песков на новинарите.
Според неговите зборови, рускиот претседател Владимир Путин бил и останува отворен за контакти во врска со решавањето на украинскиот конфликт и транзицијата кон мирен пат.