Македонија
Манолева се сретна со стручниот и со лекарскиот колегиум на Клиниката за токсикологија, побарано од вработените да дадат предлог за именување медицински директор

Заменик-министерката за здравство, д-р Маја Манолева, денеска оствари средба со дел од стручниот колегиум и со претставници на лекарскиот колегиум од Универзитетската клиника за токсикологија.
Како што известуваат од Министерството за здравство, на средбата било дискутирано за состојбата и функционирањето на Клиниката. Заменик-министерката Манолева побара од стручниот и од лекарскиот колегиум да дадат предлог за именување медицински директор, кој треба да ги исполнува условите во согласност со законот.
Претставниците од Клиниката за токсикологија ја информираа заменичката дека најбргу што може ќе се состанат и ќе достават предлог до Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Кузеска: Масовна и груба партизација, објавуваме список за 50 партиски вработувања во РЕК Осломеј

Владата на ВМРО-ДПМНЕ спроведува масовна, бртутална партизација на институциите преку нова серија вработувања со партиски списоци, рече денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа истакна дека свиркачи до СДСМ доставиле интерен список за вработување на 50 лица во РЕК Осломеј и додаде дека „на списокот има членови на општински комитети, но и роднини на активисти на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Без јавен конкурс, без јасни критериуми, без стручна селекција. Единствениот услов за вработување е партиската книшка и фамилијарната поврзаност со власта. РЕК Осломеј, стратешки важна енергетска точка, наместо да биде дел од стабилен енергетски систем, власта го користи како алатка за партиски вработувања на грбот на народот. Вака ли ВМРО-ДПМНЕ ќе го менува системот? За ова ли бараа доверба од граѓаните?“, рече Кузеска.
Таа истакна дека „сите ветувања за мерит-систем, професионализација и правична држава се фрлени во вода“.
Секоја институција се претвора во испостава на ВМРО-ДПМНЕ, наместо сервис за граѓаните. Наместо држава во која најдобрите напредуваат, добивме држава со вработувања по список, со јавна администрација претворена во партиска армија. Затоа младите и способни луѓе заминуваат. Затоа јавните институции се неефикасни, а довербата во системот се урива. Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да отвори предмет по сопствена иницијатива. Бараме ЕСМ јавно да ги поништи сите незаконски вработувања“, вели портпаролката Кузеска.
Македонија
Сиљановска-Давкова ќе учествува на третата Конференција на ОН за океанот во Ница

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Ница, Франција, каде ќе учествува на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3).
За време на конференцијата Сиљановска-Давкова ќе присуствува на приемот во чест на високите гости организиран од претседателот на Француската Република, Емануел Макрон.
Таа ќе биде дел од церемонијата на отворање на Декадата за криосферски науки, во присуство на генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле, како и на презентацијата на препораките од специјалните настани на UNOC3 (Конгрес за океанска наука, Форум за сина економија и финансии, Самит за пораст на нивото на морето и крајбрежна отпорност) пред шефовите на држави и влади во „Агора Нептун“ во присуство на претседателот на Француската Република.
Претседателката ќе се обрати во рамките на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3), за поддршка на спроведувањето на целта 14 за: Зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси за одржлив развој.
На посебна церемонија, Сиљановска-Давкова ќе го потпише Договорот во рамки на Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција (BBNJ), усвоен во Њујорк на 19 јуни 2023 година.
Македонија
(Видео) Аврамовски: Наместо пари за питијади и ајваријади, општините да инвестираат во повеќе јавни паркинзи, зеленило и подобри услови во градинките и училиштата

Либерално-демократската партија (ЛДП) упатува јавен повик до општините ширум државата: да престанат со расфрлање на јавните средства за еднодневни настани и манифестации како што се питијади, ајваријади, скара фестови и слични пригоди.
„Наместо тоа, ги повикуваме општинските власти да ги насочат парите кон проекти кои навистина значат подобар живот за граѓаните: повеќе јавни паркинг места, повеќе зеленило и паркови, подобри услови во градинките и училиштата. Јавните финансии мора да се трошат одговорно и домаќински“, вели во изјава за медиумите портпаролот на ЛДП, Љубен Аврамовски.
На граѓаните не им требаат свечености еднаш годишно, посочува Аврамовски, туку чист воздух, безбедни улици, функционални училишта и паркинг решенија секој ден.
„ЛДП стои на ставот дека локалната самоуправа треба да покаже зрелост и визија. Затоа ги повикуваме сите градоначалници и советници: наместо да се натпреваруваат кој ќе донесе поголема музичка ѕвезда или ќе организира поголема питијада – да се натпреваруваат кој ќе реализира повеќе конкретни, видливи и одржливи проекти за своите сограѓани“, заклучува Аврамовски.