Економија
Мицкоски најави инвестиција во енергетиката: Нов ветропарк помеѓу Карбинци, Штип и Радовиш за производство на електрична енергија
„Кога се работи за енергетската транзиција треба да имаме предвид дека е сложена и доста скапа таа транзиција. Секогаш кога се исклучува реалноста тогаш правиме грешки, за жал која е реалноста всушност нашата земја е сиромашна земја и вистинското прашање е тука дали Македонија може да си дозволи ваква енергетска транзиција за толку краток период без да добие поддршка од надвор? Дали ние имаме човечки капацитет за една таква транзиција и дали нашиот систем може да си дозволи една ваква транзиција? Кога зборувам за социјалното влијание од енергетската транзиција зборувам за иднината на луѓето кои се веќе ангажирани во нашите производствени капацитети кои користат јаглен, произведуваат електрична енергија. Не треба тука да се занемари фактот дека повеќе од 4,000 семејства зависат моментално од производството на електрична енергија од термо електраните, термо електраната во Битола и Осломеј“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешното обраќање на македонско енергетскиот форум.
Мицкоски продолжи и додаде:
„Лесно се зборува за таа транзиција, но не е толку лесно да се зборува за човечките животи, бидејќи ако се затворат тие производствени капацитети, прво ќе го изгубиме примарното производство што е многу важно за нашиот систем и ќе се соочиме со огромен предизвик енергетска криза како што беше пред неколку години бидејќи без примарно производство побарувачката ќе расте а со обновливите извори, јас сум инженер и не сум убеден дека за 365 дена дека може да имаме стабилно снабдување со електрична енергија од обновливи извори. Тука не зборувам само за домаќинствата туку и за економијата бидејќи побарувачката на стопанството на економијата е важно бидејќи треба да имаме стабилно и одржливо снабдување со електрична енергија ако сакаме да расте таа економија, во спротивно би оделе наназад и би се соочиле со одлив на мозоци како што се случува сега 8 од 10 мои студенти си одат надвор бидејќи тука не гледаат никаква перспектива и ова е огромен предизвик за нас како влада да реализираме нешто материјално и опипливо инаку би оделе во спротивна насока и наназад и за жал нема да има надеж“, вели Мицкоски.

Мицкоски посочи дека со добар план и добар надзор во енергетските капацитети ќе може да се заврши оваа процедура.
„Како електро енергетски сектор не сме подготвени, но со добар план со добар надзор електро енергетските капацитети ќе можат да се заврши оваа процедура успешно, но за тоа ќе треба време. Во енергетиката брзи резултати не се возможни бидејќи тоа би било чудо, но ние не правиме чуда, никој во светот не прави чуда затоа треба да ја имаме реалноста во предвид и треба да работиме врз основа на прецизни планови со конкретни одредници“, истакна Мицкоски.
Мицкоски укажа на тоа дека производството на електрична енергија од обновливи извори треба да е во фокусот.
„Производството на електрична енергија од обновливи извори треба да е во нашиот фокус, но чекор по чекор да се одвива тоа, бидејќи брзи резултати не се возможни. За тоа е потребно време и тоа треба да го имаме предвид инаку нема да успееме“, рече Мицкоски.
Мицкоски ексклузивно најави прва странска директна инвестиција која ќе е во делот на енергетиката.

„Очекуваме први странски директни инвестиции во земјата со новата влада тоа ќе е објавено и со фокус на секторот енергетика со фокус на инсталирање на нова ветерна фарма што ќе биде во источниот дел од земјата помеѓу Карбинци, Штип и Радовиш, три општини на истокот и ќе биде голема инвестиција колку што сум информиран и со податоците со кои располагам во моментов се предвидува производство на електрична енергија приближно еден терават час што е еден милион мегават часови што е приближно 20% од целокупното производство на електрична енергија во земјава и ова би било прва директна странска инвестиција која ќе ја објави новата влада во Македонија“, истакна Мицкоски.
Мицкоски продолжи и укажа дека без владеење на правото нема развој.
„Без владеењето на правото нема развој. Тоа е првиот столб, ако се избегнува владеењето на правото развојот на земјата не би бил возможен така што двојни стандарди не се возможни“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
УЈП: Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка
Управата за јавни приходи (УЈП) спроведува засилени контроли во пресрет на новогодишните и божиќните празници, со особено внимание на ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други угостителски објекти.
Пред контролите, УЈП реализирала околу 3.500 советодавни посети, овозможувајќи време за отстранување на најчестите неправилности кај фискалните уреди, како што се несоодветна адреса, оштетени пломби или недостасување на налепница од сервисер. Дополнително, инспекторите проверувале и неуплаќање на дневниот промет во банка и неводење на книгата на дневни финансиски извештаи.
„Истовремено, УЈП спроведе детални анализи на податоците од ГПРС системот, теренските контроли и ДДВ пријавите. Резултатите покажуваат ризично однесување кај некои субјекти кои особено ќе бидат таргетирани за контрола: низок или идентичен регистриран дневен промет, отстапки на регистрираниот промет од капацитетот на локалот, разлика меѓу прометот во фискалните каси и пријавениот во ДДВ-пријавите и др.“, информираат од Управата за јавни приходи.
До крајот на ноември УЈП извршила околу 4.000 контроли. Изречени биле околу 2.500 глоби, а запечатени над 100 локали.
„Секоја четврта контрола открива неиздавање фискална сметка – појава што значи неевидентиран промет, загуби за буџетот и нелојална конкуренција. Казнетите обврзници добија персонализирани повици за корекција на пријавите и пријавување на прометот. Доколку не постапат, следуваат дополнителни контроли со индиректни методи“, велат од УЈП.
Економија
Најважната задача која пред себе ја имаме е да го подобриме животот на граѓаните, рече Мицкоски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот 18-ти Конгрес на партијата кој се одржува во спортскиот комплекс „Јасмин” во општина Кавадарци под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, имаше свое обраќање во кое се осврна на темата за стандардот. Тој истакна дека треба да се работи на системски мерки и решенија, а воедно и дека економијата треба да се раздвижи и домашните компании да се поддржат затоа што, како што вели тој, тие се рбетот на стопанството.
„Најважната задача, која пред себе ја имаме, е да го подобриме животот на граѓаните. Свесен сум дека нашиот народ живее тешко. Ние изминатите нешто повеќе од година и половина власт го посветивме на изградба на темели кои ги затекнавме разрушени. Но од годината што следи нашата основна задача е жилава борба за стандардот на граѓаните. За подобар живот и за создавање на систем кој нема да зависи од субјективните карактеристики на поединецот, туку од моралниот кодекс на заедницата. Систем кој служи на општеството и на она што претставува наша заедничка цел секој човек да има повеќе, да има повеќе пари, повеќе среќа и повисок стандард“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека и покрај намалениот наталитет, радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња во земјава. Тој посочи дека треба да се работи на системски мерки и решенија.
„Потребно е младите да ја добијат вистинската шанса која нема да зависи од политичката или било каква друга припадност, освен од сопствените капацитети и способности. Мора да го подобриме образованието. Знаењето и наобразбата е најважниот и најсигурниот клуч за излез од сиромаштијата. Економијата мора да се раздвижи дополнително, иако до сега се раздвижи најмногу во последната деценија, а домашните компании да се поддржат затоа што тие се рбетот на стопанството. Имаме тешка задача да се бориме против нашето исчезнување како држава и народ, а тоа е демографијата и намалениот наталитет. Радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња, но далеку сме од она што треба да биде вистински мотор на општеството, човечкиот фактор. И затоа треба да работиме на системски мерки и решенија. Помалку луѓе значи послаба економија. Послаба економија значи незадоволни луѓе. Така ја губиме државата. А ние сме премали за да се раситнуваме во секој поглед“, кажа Мицкоски и дополни:
„И кога ја говорам оваа тема за зголемен наталитет, мора да се даде одговор на две клучни прашања. Да се има чувство и грижа за оние кои имаат потешкотии да имаат свој пород, и државата ќе направи се за да помогне за зголемена и подостапна медицинска грижа. И второто прашање е да се помогне младите парови да стигнат до свој дом, затоа што навистина цените на недвижностите се нереални и свесен сум дека претставуваат голема грижа за многу луѓе“.
Економија
Мицкоски: Економијата мора да излезе од замката на ниски плати, до 2030 мора да направиме премин кон економија со високи компетенции
Македонската економија мора да излезе од историската замка на ниските плати, евтината работна сила и ограниченото производство. До 2030 година, земјата мора да направи структурен премин, од економија на евтина продукција кон економија на знаење, високи компетенции и додадена вредност, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во своето прво обраќање во отворениот дел на XVIII конгрес.
„Економската сила ја определува државната сила. Затоа Македонија мора да го напушти моделот на ниска продуктивност и зависност од увоз, и да премине кон економија којашто ќе се темели на знаење, технологија и иновации“, истакна Мицкоски.
Додаде дека овој премин бара системски реформски циклус во повеќе области:
„Индустрии базирани на знаење, технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација, инженеринг, креативни индустрии. Ова е новата економска матрица. Земјата мора да вложува во области што создаваат висока додадена вредност и конкурентност на глобалниот пазар. Дигитализацијата и автоматизацијата се предуслов за приклучување кон европските и светските производствени синџири. Модернизацијата на бизнис секторот, новите дигитални технологии и технолошките паркови ќе создадат работни места со висока додадена вредност и ќе го зголемат извозниот капацитет“, рече Мицкоски.
Домашните компании, додаде Мицкоски, мора да станат мотор на раст преку силна институционална поддршка, капитално вбризгување, кредитни линии, намалени административни бариери и поддршка за раст.
„Националната економија е силна само ако домашните претпријатија се силни. Предвидлива фискална политика, стабилни даночни правила и долгорочно стратегиско планирање, усогласено со европските стандарди се предуслов за развој. Ниту една компанија не инвестира во држава во која даночните правила се менуваат со дневната политика. Довербата се гради со долгорочност, јасност и транспарентност“, посочи, меѓу другото, Мицкоски.

