Регион
(Видео) Потресни сцени од погребот на 11-годишното девојче убиено во Грција

11-годишното девојче, кое беше брутално убиено во Грција, вчера беше погребано во родното село, а сцените од погребот се срцепарателни.
Малата Василики, за чие убиство се сомничи нејзиниот роднина, до вечното почивалиште ја придружуваа стотина луѓе.
Блиските на убиеното девојче го носеа белиот ковчег со телото од нејзината куќа до црквата „Свети Анастасиј“, каде што беше извршен погребот.
Во тажната поворка беа и нејзините пријатели од училиштето и професорите, кои не можеа да ги сопрат солзите. Зборовите на нејзината учителка беа потресни.
„Ти доаѓаше кај мене и ми кажуваше: ‘Учителке, дали да станам доктор кога ќе пораснам?’ Ти реков – да. Потоа дојде по неколку дена и ми кажа дека си се предомислила, дека би сакала да бидеш учителка, ти реков: „Биди, моја Василики“, низ солзи рече нејзината наставничка.
Василики била среќно дете, полно со планови, а нејзиниот живот застана во миг. Ја убил роднина бидејќи одбила да има односи со него. Од бес ја избол со шрафцигер и ѝ го фрлил телото во полето.
За време на погребот одекнуваше лелек, а зборовите на мајката ги потресоа сите.
„Нека моето девојче ја најде правдата. Моето девојче не го заслужи ова мачење. Сакам да им порачам на сите мајки на светот да се грижат за своите малечки девојчиња. Не дозволувајте да се случи тоа што ми се случи мене“, рече мајката на Василики низ солзи на погребот.
По погребот над црквата беа пуштени десетици бели балони, а при внесувањето на телото се слушаше аплауз во чест на убиеното девојче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Фото) Пијан Македонец удри во паркиран автомобил во Загреб, казнет е со 4.860 евра

45-годишен државјанин на Северна Македонија бил вклучен во сообраќајна несреќа на улицата Радничка во Загреб околу 6 часот наутро во неделата, објави хрватски Индекс.
Тој управувал со „фолксваген пасат“ со загрепски регистарски таблички и возел југозападно низ паркинг на северната страна од пристапниот пат до ресторан.
Пристигнувајќи до куќата број 27, тој се вратил на пристапниот пат, застанал и возел напред. Во тој момент, предниот лев дел од неговиот автомобил удрил во задниот дел од „рено клио“ со загрепски регистарски таблички, сопственост на 40-годишна жена, кое било паркирано.
Со истрагата и алкотестот е утврдено дека 45-годишниот возач управувал возило со 1,76 промили алкохол во крвта.
Сообраќајната несреќа предизвикала материјална штета. Возачот бил уапсен и сместен во посебни простории додека не исчезнат ефектите од опојната материја. Потоа бил изведен во Општинскиот прекршочен суд во Загреб.
Во обвинителниот акт, полицијата предложила возачот да биде казнет со парична казна од 5.360 евра и затвор, како и да му се изрече заштитна мерка забрана за управување со моторно возило Б категорија во траење од 12 месеци.
Судот го прогласи обвинетиот за виновен, му изрече парична казна од 4.860 евра и му изрече заштитна мерка забрана за управување со моторно возило Б категорија во траење од 12 месеци, објави Индекс.
Регион
Пожар во затвор во Сплит, неколку затвореници хоспитализирани

Неколку затвореници се повредени во пожарот во сплитскиот затвор Билице, кој е изгаснат, соопшти денес Сплитскиот противпожарен оперативен центар.
Како што е наведено, затворскиот персонал го изгаснал пожарот што избувнал синоќа, а пожарникарите ги евакуирале затворениците, од кои неколку побарале медицинска помош поради вдишување чад и биле пренесени во сплитската болница.
„Добивме дојава за пожар во една од ќелиите на затворот околу 21:30 часот, а по пристигнувањето на пожарникарите затворскиот персонал веќе го изгаснал пожарот во најголем дел, а пожарникарите веднаш ги евакуирале затворениците“, изјавиле за Хина од Противпожарниот центар.
Регион
Драма во Црна Гора: две жени од Србија извлечени на брегот од силните морски струи и ветер

Две српски државјанки беа спасени денес во водите на Јадранското Море, откако силни морски струи ги одвлекоа далеку од брегот.
Како што соопшти Управата за поморска безбедност и управување со пристаништата во Црна Гора, двете жени од Србија биле однесени од брегот кај Сутоморе од силните морски струи и ветер.
Управата изјави дека центарот за поморски операции добил повик за помош утрово во 8:33 часот, по што спасувачкиот брод со екипажот испловил кон областа Сутоморе.
„На лице место пронашле две српски државјанки кои биле во морето. Тие веднаш биле извлечени од водата и безбедно транспортирани со брод на Управата за поморска безбедност и управување со пристаништата до брегот, каде што ги пречекала екипата за итни случаи“, се додава во соопштението.
Управата истакна дека акцијата била завршена брзо и ефикасно, а спасувачката екипа била поддржана од брод од Секторот за гранична полиција со екипаж.