Македонија
Деспотовски: Функционерите ќе им одговораат на луѓето, не на централата во Скопје – воведуваме директен избор
Кандидатот за претседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Јован Деспотовски, од матичната месна организација „Владо Тасевски“ во Карпош, ја продолжи кампањата за партиските лидерски избори. Деспотовски пред сопартијците ја претстави програмата Нов почеток, нов СДСМ која се темели на враќање на силата на членството и нуди конкретни реформи за иднината на партијата. Дел од клучните реформи е професионализација на партијата, воведување на директен избор на носители на функции во партијата, градоначалници и пратеници, како и влијание на носење одлуки на сите партиски членови и структури.
„Нема повеќе сервирање готови решенија. Уште пред три години најавив воведување на директен избор на претседатели на општинска организација, кандидати за градоначалници, пратеници и повисоки партиски функции преку непосредно гласање на членовите. Веќе на следните локални избори, кандидатите за градоначалник на СДСМ, па и носителите на листи за советници ќе бидат гласани од членовите во секоја општинска организација. Нема да ги определува централата во Скопје, како досега. Ова е единствениот начин како градоначалникот и пратеникот да бидат одговорни кон луѓето, а не кон централата во Скопје“, рече Деспотовски.

Тој посочи дека оваа програма е отворена за предлози и идеи.
„Учиме лекции од минатото, кога функционерите се отуѓуваа од луѓето. Затоа одговорноста сега се врти надолу кон членството и граѓаните, а не нагоре кон лидерот. Нема простор за импровизации, нема „криење“ од јавноста, пријателите, соседите. Мора да бидеме достапни и транспарентни и да комуницираме за сите отворени прашања“, рече Деспотовски.
За Деспотовски, клучно во оваа фаза од изборите е да се обезбеди поголема регистрација на членовите за гласање. Регистрацијата се олеснува за сите оние што од различни причини ги немаат членските картички. Веќе е отворена можноста за регистрација само со матичен број.

„Основна задача за сите нас што сме денес тука е да поттикнеме што е можно поголем број на наши сопартијци да се регистрираат за гласање. Учеството во изборите е клучно да имаме чист и фер процес, во кој никој освен избирачите нема да има контрола. Со поддршка на стотици наши членови веќе направивме систем во кој ќе обезбедиме секој глас да се евидентира правилно и резултатот на крај да ја отслика волјата на луѓето, а не на партиските струтури и центри на моќ. Само така СДСМ ќе победи на 30.06“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

