Македонија
Продолжуваат заедничките хуманитарни активности на „Алкалоид“ и Црвениот крст: Заедно можеме повеќе!

Масовниот одговор од страна на вработените во „Алкалоид“, на повиците за хуманост во општествени рамки, е најдоследна потврда за хуманата мисија која компанијата ја негува речиси девет децении. Одлучноста и подготвеноста за колективна помош и за брз хуманитарен одговор во заедницата, беше стартна позиција на многу значајни проекти и активности во знакот на солидарноста, реализирани под закрила на „Алкалоид“ и „Црвениот крст“.
И годинава „Алкалоид“ АД Скопје, во соработка со „Црвен крст на РСМ – Црвен крст на Град Скопје“, социјалното претпријатие „Копче“ и со „Институтот за трансфузиона медицина“, реализираше неколку хуманитарни активности, меѓу кои акции за донација на облека и на храна, како и масовна крводарителска акција.
Во рамки на собирната акција на облека, беа донирани речиси 2 тона облека со одлична употребна вредност, додека пак, во акцијата за донација на храна беа собрани трајни намирници во количина од речиси 1 тон, наменети за помош на граѓаните кои живеат во социјален ризик. Во делот на крводарителството, продолжувајќи ја повеќедецениската традиција, во новата уште помасовна крводарителска акција „Дарувај крв, спаси живот“, повеќе од 240 алкалоидовци ја изразија својата волја и желба за доброволно дарување крв.
Изминативе години, „Алкалоид“ има спроведено низа активности во соработка со „Црвен Крст на РСМ“ и „Црвен крст на Град Скопје“, како во делот на социјално-хуманитарната дејност, така и на полето на здравствено-превентивната дејност и крводарителството. Покрај редовните донаторски и крводарителски акции, „Алкалоид“ во 2013 година го помогна реновирањето и ребрендирањето на Дневниот центар за дарување крв и континуирано дава придонес во тековното функционирање на истиот. Компанијата го поддржа и проектот „Водич во болница“, инициран во 2019 година, а сесрдно дава своја поддршка и придонес и на апелите на „Црвен крст“, кога станува збор за ублажување на последици од природни непогоди, како: поплави во земјата и регионот, земјотреси, рударски несреќи и слични трагедии. Бездомниците, бегалците и мигрантите се исто така многу горливи категории, каде компанијата помага во смисла на одржување и задржување на интегритетот на луѓе кои против своја волја биле принудени да живеат поинаку. Една таква поголема акција наменета за овие ранливи категории, во рамки на „Алкалоид“, беше спроведена во 2015 година, кога на организираниот хуманитарен пикник, отворен за сите вработени во компанијата, беа собрани над 750.000 денари кои се донираа на „Црвениот Крст“.
Афирмирајќи ја низ дела својата позиција на партнер на општеството, посветен на поттикнување значајни промени и остварување позитивно влијание, „Алкалоид“ континуирано ги исполнува своите заложби од корпоративната општествено-одговорна стратегија, низ која вработените на компанијата се издвојуваат како вистински амбасадори на доброто дело.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски од Чучер Сандево: Да излеземе масовно на 2 ноември и да го заокружиме бројот 9 за развој и напредок

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од денешниот настан одржан во Чучер Сандево, во рамки на вториот круг од локалните избори закажани за 2 ноември 2025 година, под слоганот ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“.
Мицкоски во својот говор ги повика граѓаните во вториот круг да излезат на гласање, да учествуваат во креирањето на политиките и да го заокружат бројот 9.
„Би сакал да упатам неколку политички пораки за да можат граѓаните самите да донесат заклучок и одлука по кој пат ќе ја водиме државата, дали ќе ја водиме државата по патот којшто го нуди коалицијата ВМРО-ДПМНЕ или ќе се вратиме на патот којшто го гледавме 7 години, тоа бешe сосема поинаква коалиција предводена од СДСМ и ДУИ или пак третата група ќе останеме дома па ќе видиме каде ќе не води бранот ние заедно со бранот и ќе немаме можност да одлучуваме, што сметам дека е најпогрешната опција. Затоа што ако се остане дома и не се излезе на избори и не се гласа по сопствено убедување тогаш вие дозволувате друг да одлучува за вас и за вашата општина и насоката во која ќе оди државата. Мојата молба до сите жители на Чучер Сандево и генерално до сите граѓани во Македонија е да излезат првично на овие избори првиот круг таму каде што ќе се гласа и да гласаат по сопствено убедување“ нагласи Мицкоски.
Мицкоски ги повика функционерите постојано да бидат достапни на граѓаните и да испорачаат резултати.
„Втора работа која сакам да ја кажам е дека на овие избори во првиот круг се донесе одлука за 33 градоначалници од редот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и тоа е бројка која е импресивна и уште во 26 општини ВМРО-ДПМНЕ се или на прво место или на второ што значи 59 општини плус Градот Скопје тоа претставува историски резултат политички но и голема обврска во смисла дека очекувањата на граѓаните се големи. Ние сме народна партија, партија која што треба да биде слуга на граѓаните на народот. Тоа значи дека нема одмор и треба да се работи секој ден во неделата бидејќи имаме многу да сработиме нема работно време се почнува рано се завршува доцна секогаш треба градоначалникот да биде достапен. Секој од избраните од народот функционери треба да биде достапен и секогаш да одговара на потребите на граѓаните. Тоа е втората порака која сакам да ја упатам“ кажа Мицкоски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги демантира како лаги и глупости изјавите за мигрантски кампови: „СДСМ да се реформира“

ВМРО-ДПМНЕ остро регира на денешната прес-конференција на Богданка Кузеска од СДСМ, која побара премиерот Христијан Мицкоски јавно да одговори дали за време на посетата на владината делегација во Велика Британија било разговарано за прифаќање мигранти и отворање мигрантски кампови во Македонија.
Од ВМРО-ДПМНЕ ваквите настапи на СДСМ ги опишаа како правење штета на државата, а на социјалдемократите им порачаа да се реформираат.
„Реформирајте се, ставете прст на чело, погледнете се во огледало и престанете да правите штета на државата и како опозиција со истите и повторно истите бесмислености“, се вели во реакцијата.
Со вакви лаги, велат ВМРО-ДПМНЕ, не се добива доверба кај граѓаните.
„И после едвај 120 илјади гласови добиени додека се на пат на пасокизација, да ја доживеат судбината на левата грчка партија која се распадна, СДСМ продолжува со истите глупости и измислици“, додаваат.
Македонија
Aрсовска: Советниците од ВМРО/ВЛЕН не ги гласаа програмите на „Комунална хигиена“

Градоначалничката Данела Арсовска рече дека нашла над 10 седници на Совет каде советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Влен не ги гласале програмите на Комунална хигиена Скопје, како одговор на тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека сите одлуки предложени од Арсовска и поврзани со претпријатието биле усвоени од страна на нивните советници.
„Во Градот Скопје стотина одлуки на повеќе од десет седници на Советот, советниците од ВМРО/ВЛЕН не ги гласаа програмите за работа на ЈП ‘Комунална хигиена – Скопје’ и останатите јавни претпријатија со што директно беа блокирани клучни услуги за чистење и одржување на градот“, вели Арсовска.
Додава дека граѓаните на Скопје заслужуваат конструктивна соработка, одговорни одлуки и политички субјекти кои ќе го стават интересот на граѓаните пред партиските калкулации.