Македонија
Топлотен бран во Македонија: Бремените и лицата над 60 години да се ослободат од работа, децата да не излегуваат на отворено до 17 часот
Владата на барање на Министерството за здравство, одржа вонредна седница, поради најавите за топлотен бран во државата и донесе соодветни препораки.
Од Институтот за јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи се добиени информации дека од утре (среда, 19.06.) до недела (23.06) територијата на цела држава ќе биде зафатена од топлотен бран – портокалова фаза, со што ќе важат препораките за намалување на ризиците од високи температури, согласно Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението.
Согласно ова, на предлог на Министерството за здравство се донесени следните заклучоци за периодот од 19 до 23 јуни за целата територија на државата:
1. Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, поточно: бремените жени и лицата на возраст над 60 години;
2. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
3. Единиците на локалната самоуправа, Црвен крст и центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица, бездомни лица;
4. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

