Македонија
Сиљановска и американската амбасадорка разговараа за ЕУ: „Поцесот не смее да трпи притисоци од други земји-членки“

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер.
На средбата беше разговарано за можностите за засилување на соработката меѓу двете земји, за македонските евроатлантски интеграции, како и за потенцијалите кои ги нуди Стратешкиот дијалог за конкретизирање на билатералната соработка меѓу двете земји.
Претседателката Сиљановска Давкова се заблагодари за севкупната поддршка од САД и ја истакна подготвеноста за натамошно продлабочување на македонско-американското пријателство и меѓусебна поддршка во насока на реализирање на македонските надворешно-политички цели.
Во тој контекст, претседателката истакна дека како стабилен партнер и докажан сојузник на САД во НАТО Алијансата, остануваме фокусирани на заедничките определби за безбедност, слобода и демократски просперитет, со активно учество во заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани врз мирот во светот.
Потенцирајќи дека евроинтеграциите имаат позитивно влијание за демократската и економската консолидација на земјите од регионот, претседателката ја истакна потребата од забрзана европска интеграција. Во таа насока, таа посочи дека пристапниот процес за членство во ЕУ, мора да биде мериторно валоризиран и не смее да трпи политички притисоци од страна на други земји членки.
На средбата претседателката ја потенцираше улогата и поддршката од САД во интензивирање на реформските процеси и истакна дека земјава и понатаму останува посветена на спроведување на реформите во владеењето на правото, борбата против корупцијата и реформите во безбедносниот сектор, како едни од нашите највисоки приоритети.
Двете соговорнички разменија мислења за исходот од Самитот за мир во Украина, за влијанијата и безбедносните случувања во регионот, како и за политиките во интерес на гарантирање на мирот, стабилноста и просперитетот на поширокиот регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сали: „АС Сењак“, алката што го поврзува Ахмети со Мијалков и српскиот режим

Четврти ден владее молк и паника. Нема објаснување за трансакциите со акции меѓу фирмата „АС Сењак“ и компании поврзани со Сашо Мијалков, ниту пак за продажбата на истите акции на Алта Банка во Белград, банка блиска до режимот на Александар Вучиќ, вели Беким Сали од „Вреди“.
„Фактите се јасни: „АС Сењак“ е фирма со минимален број вработени и без реална дејност, но врти милиони евра. Приходите речиси целосно се совпаѓаат со тендерите добиени од општини предводени од ДУИ.
Со тие пари се купуваат акции од фирма на Мијалков, а потоа се продаваат на банката на Вучиќ. Само шест дена по продажбата, една општина предводена од ДУИ ѝ доделува на „АС Сењак“ два нови договори вредни 90 милиони денари – еден и пол милион евра. Тоа не може да се нарече случајност, туку исплата и награда за успешно завршена операција“.
Од партијата на Сали прашуваат: Али Ахмети, зошто твојата фамилија купуваше акции од Сашо Мијалков? Зошто токму тие акции завршија кај банката на Вучиќ? Дали тендерот од еден и пол милион евра беше наградата за тој договор? Колку станови, колку тендери и колку милиони евра чинат вашето „родољубие“?
Ова, според него, не е само политичка афера, ова е криминал кој бара итна одговорност.
„Парите на граѓаните очигледно се користеле за лични бизниси и за договори со структури кои работат против интересите на Албанците.
Времето на молкот заврши. Сега е време за вистина и правда.
Го повикуваме ДКСК и Јавното обвинителство итно да ги истражат овие противзаконски и криминални дејствија“.
Македонија
Без вода дел од скопски Карпош

Од ЈП Водовод и Канализација известуваat дека утре ( среда ) поради дефект на приклучна цевка на бул. Партизански Одреди бр. 59а, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците лоцирани на десната страна на потегот од бул. 8 – ми Септември до Франклин Рузвелт. ( општина Карпош )
Македонија
Од утре промена на работното време на јавните површини наменети за зонско паркирање на ЈП Градски паркинг- Скопје

Јавното претпријатие Градски паркинг- Скопје соопшти дека од 1.10.2024 (среда) започнува зимско сметање на работното време на јавните површини наменети за зонско паркирање со кои стопанисува претпријатието.
Работното време во зоните А, Б, Ц ќе биде:
– Од понеделник до петок: 07:00- 21:00 часот,
– Сабота: од 07:00-14:00 часот.
На јавната површина наменета за паркирање зона Д, работното време останува непроменето, односно:
– Од понеденик до сабота: од 07:00- 23:00 часот.
„Им препорачуваме на сите корисници на нашите услуги да бидат внимателни и навремено да извршат наплата при паркирање согласно наведеното работно време“.