Свет
САД: Изјавите на Путин за испраќање оружје во Северна Кореја се многу загрижувачки
Изјавите на рускиот претседател Владимир Путин дека Москва би можела да и испорача оружје на Северна Кореја по потпишувањето на одбранбениот пакт со Пјонгјанг се многу загрижувачки, изјави Метју Милер, портпарол на американскиот Стејт департмент.
По посетата на Северна Кореја оваа недела, рускиот претседател посочи дека снабдувањето на земјата со оружје ќе биде одговор на западните земји да ја вооружат Украина.
Тој исто така предупреди дека Јужна Кореја, инаку американски сојузник, ќе направи голема грешка доколку одлучи да испрати оружје во Украина. Во тој случај, реакцијата на Москва би била „многу болна“ за Сеул, додаде Путин.
„Таквите зборови се многу загрижувачки“, рече Милер на брифинг со новинарите на прашањето за изјавите на Путин за можна испорака на оружје за Северна Кореја.
„Ова, се разбира, ќе го дестабилизира Корејскиот полуостров и, во зависност од видот на оружјето, ќе ги прекрши и резолуциите на Советот за безбедност на ОН, кои беа поддржани и од Русија“, рече тој.
Пактот потпишан во средата од Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ги обврзува двете страни да обезбедат итна воена помош во случај на вооружена агресија врз една од нив.
Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби рече дека споменатиот пакт, иако загрижувачки, не е изненадување. Тој ја смета потребата на Русија за такво партнерство како показател за очај.
„Ние веќе неколку месеци зборуваме за ова и предупредуваме за зголемената одбранбена соработка меѓу двете земји, преку низа разузнавачки податоци што ги објавивме“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

