Македонија
Филипче: Ќе ја отвориме работата на комисиите – политиките ќе се градат врз основа на широка стручна дебата
Венко Филипче, кандидат за претседател на СДСМ, вчера во Куманово пред партиското членство ги образложи главните постулати на неговата програма.
Засилена комуникација со членството, формирање на нови тела и органи на партијата на отворен и транспарентен начин и менување на начинот на избор на претседатели на општинските организации и кандидати за градоначалници преку воведување на подемократски и потранспарентен внатрепартиски процес. Ова се главните столбови на кои се потпира визијата на Филипче за „Нов СДСМ за нови победи“.
„Целокупното раководство на партијата да биде отворено за секого 24 часа. Едноставно, да се слушаме, да разменуваме мислења и идеи коишто ќе дојдат од сите со цел да се градат политиките. Никој никогаш повеќе во партијата да не наиде на затворена врата за ниту една работа. Имавме многу поплаки во изминатиот период. Заеме со што се соочувавме и мислам дека тоа е нешто што треба да биде главен приоритет во периодот којшто доаѓа“, истакна Филипче.

Како втор постулат, Филипче претстави зошто на СДСМ му е потребно освежување на партиската инфраструктура и кои се новите тела и органи кои ќе функционираат во насока на потребите на членството преку постојаната комуникација за подобро градење на политиките и стратегиите во партијата.
„Треба да има едно ново тело, нов совет за градење на политики и на стратегии. Сметам дека во тој совет треба да учествуваат наши искусни политичари коишто на дневна основа ќе ја анализираат политиката и врз основа на тие секојдневни настани и случувања ние ќе ја градиме и секогаш ќе ја надградуваме нашата политика и стратегија. Треба да излеземе во пресрет на сите добронамерни сугестии и понатаму преку отворањето на работата на комисиите, коишто ќе ги приближиме на стручната фела, да има стручна дебата и да се слушне и нивниот глас“, рече Филипче.

СДСМ има искуство и знаење и нејзиниот потенцијал мора повторно да се обедини за да победува, потенцираше Филипче. Обединети победуваме во минатото, обединети и сега можеме повторно да докажеме дека социјалдемократската идеологија е поважна од кога било и дека прогресивните идеи се потребни во време кога национализмот зазема се поголем замав во светски рамки, смета Филипче.
Презентирањето на програмата на Филипче беше во рамки на заедничкото претставување на кандидатите за претседател на СДСМ во Куманово. Покрај тоа, Филипче имаше средба со партиското членство и дискусија за неговата програма и во скопската општина Гази Баба.
Внатрепартиските избори за претседател на СДСМ се закажани за 30 јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски од Ѓорче Петров: Започна изградбата на нова детска градинка во населба Дексион
Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на почетокот на изградбата на новата детска градинка во населбата Дексион во Ѓорче Петров.
„Ја користам оваа прилика да му честитам на градоначалникот, на советниците, на администрацијата, на пратениците коишто доаѓаат од овој дел на Скопје за залагањето, за трудот, за амбицијата да тоа коешто претставува акутен проблем би рекол, а тоа е обезбедување на услови за дечињата да бидат сместени во градинките да се решава. Неколку градинки одеднаш се градат овде и убеден сум дека за многу кусо време од денеска листата на чекање веќе нема да биде листа на чекање туку секое дете коешто ќе сака да оди во градинка, односно коешто ќе има потреба од сместувачки капацитет ќе го има и истиот, и тоа е во насока на пролајф или про семејните политики на оваа Влада, бидејќи вие не можете да работите на кампања за зголемување на фертилитетот, а од друга страна да не ги овозможите сите услови за да можат дечињата да одат во градинка.

Така што продолжуваме и понатаму да се залагаме за тие про семејни политики и вредности“, кажа Мицкоски.
Македонија
„Македонија може да стави крај на ХИВ – потребни се здружени сили и стабилна превенција“
Северна Македонија има реална можност во следните години целосно да ја елиминира епидемијата на ХИВ, доколку навременото тестирање стане широко достапно, превенцијата биде системски зајакната, а институциите и граѓанскиот сектор продолжат со заедничка работа. Ова беше клучната порака од конференцијата по повод Светскиот ден за борба против ХИВ, организирана од ХЕРА.
„Навременото тестирање претставува најважната алатка за постигнување на целта – искоренување на ХИВ до 2030 година“, истакна Националната координаторка за ХИВ, Милена Стевановиќ, и додаде дека раното откривање значи навремен пристап до терапија и прекин на понатамошното ширење на вирусот.
Јанис Мемелеѕис, советник на Светската здравствена организација (СЗО), додаде дека нема изговор во 2025 година некој да се инфицира со ХИВ и да не биде навремено дијагностициран и поставен на терапија, при што беше потенциран потенцијалот на земјата за брзо ставање под контрола на епидемијата преку јакнење на постојните и развој на нови, иновативни пристапи во превенцијата.
Во текот на дискусијата беше посочена исклучителната важност од поддршка на насоченото тестирање преку граѓанскиот сектор, како што истакна Александра Ефтимова од Министерството за здравство, бидејќи токму ваквиот пристап овозможува да се стигне до лицата кои се дел од најризичните групи и кои најчесто се недијагностицирани.
И покрај фактот дека средствата за превенција во моментов се намалени, институциите работат на воспоставување нови критериуми за распределба на буџетските средства, со очекување дека системот за превенција ќе биде унапреден од 2026 година. Во таа насока беше истакнато дека без финансиски ресурси не може да се постигнат резултати, но дека за успех е неопходна континуирана соработка помеѓу државните институции и граѓанските организации, кои имаат единствен пристап до заедниците со најголем ризик.
Беше нагласена и улогата на здравствениот систем во навременото поврзување на новооткриените случаи со терапија, како што посочи Румена Којчески од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, со што пациентите брзо достигнуваат недетектабилно вирусно оптоварување и можат да водат нормален живот. Сепак, и понатаму останува сериозен предизвик дискриминацијата кон лицата што живеат со ХИВ, особено во рамки на здравствениот сектор.
Конференцијата ја отвори и потребата од обезбедување соодветна правна рамка која ќе им овозможи на граѓанските организации формално да делуваат како даватели на услуги во превенцијата и тестирањето – заложба која ја истакна Елизабета Божиноска од Платформата за ХИВ на 13 граѓански организации – пракса што постои повеќе од 20 години и која е поддржана од 16 политички партии и содржана во три национални стратегии за соработка меѓу Владата и граѓанското општество.
Беше истакната потребата од засилена политичка поддршка, особено во делот на справување со дискриминацијата, одржување на постигнатите резултати во третманот и во обезбедување стабилни и одржливи превентивни програми, како што нагласи пратеничката Даниела Николова, членка на Интерпарламентарната група за сексуално и репродуктивно здравје и права. Таа го истакна и предизвикот дека во моментот недостигаат околу 40 милиони денари за програмата за превенција да може целосно да ги даде очекуваните резултати и дека поднесениот амандман од опозицијата бил одбиен во парламентот.
Настанот заврши со заедничка порака дека елиминацијата на ХИВ во Северна Македонија е достижна цел, но само доколку продолжи тесната соработка меѓу институциите, граѓанскиот сектор и политичките чинители, поддржана со стабилно финансирање, ефикасна превенција и системска борба против стигмата и дискриминацијата.
Конференцијата се реализираше во рамки на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“, кој се имплементира од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во партнерство со Здружението за поддршка на лицата кои живеат со ХИВ „Заедно посилни“, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата „Цивика Мобилитас“.
Македонија
Муцунски и Муртезани со високата претставничка на ЕУ, Каја Калас: забрзаната и фер динамика на процесот ќе придонесе за зајакнување на кредибилитетот на проширувањето
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, заедно со министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска во Брисел остварија средба со високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската унија, Каја Калас.
Средбата се одржа во рамки на нивната работна посета на Брисел, а во контекст на континуираната посветеност на државата кон европскиот интегративен процес и заедничките напори за продлабочување на партнерството со Унијата во областа на безбедноста и одбраната.
Муцунски и Муртезани ја потврдија посветеноста на реформите, европската агенда и унапредувањето на соработката со ЕУ во доменот на безбедноста и одбраната. Тие ја реафирмираа и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, поддршката за Украина, како и значењето на регионалната поврзаност и стратешките инфраструктурни проекти, меѓу кои и Коридор 8.
Двајцата министри упатија порака за важноста од предвидлива, фер и опиплива европска перспектива за целиот регион, нагласувајќи дека забрзаната и фер динамика на процесот ќе придонесе за зајакнување на кредибилитетот на проширувањето, демократската отпорност и безбедноста на регионот и Европа.

