Македонија
Поплавени куќи, подруми, улици – граѓаните од Тетово Скопје и Куманово пријавуваат штети од невремето
Невреме со пороен дожд,ветер и град вчера ги погоди Тетово, Скопје и Куманово.
На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК заради налетите на невремето, беа добиени повеќе пријави, а и се уште се добиваат од Тетовско, Скопско и Кумановско за поплавени површини, дворови, подруми, куќи, објекти, паднати дрвја, бандери, столбови, оштетени куќи, откачени лимови, олуци, оштетени покриви, оштетени автомобили и слично. Сите информации беа соодветно селектирани и трансферирани до надлежните во локалните самоуправи и до надлежни служби и институции.
По скопското невреме имало пријави за паднати и навалени дрва, како и скршени гранки – 6; скинати проводници, навалени бандери и дуги проблеми со електрични и телефонски кабли – 4; поплавени куќи – 8; поплавени подрумски простории и гаражи – 12; поплавени улици – 5; проблеми во снабдувањето со електрична енергија – 3; оштетени покриви, скршени стакла и откачени лимови и олуци од куќи и згради – 4 и за оштетени патнички моторни возила – 4.
Од невремето што ја зафати територијата на Општина Куманово со обилни врнежи од дожд на 112 во ЦУК пристигнаа голем број на пријави за паднати дрва и поплавени улици во повеќе населби, а и за поплавени површини, дворови, подрумски простории и приземни објекти и куќи.
Од кризниот штаб на Општина Тетово добиени се податоци за блокиран локален пат за селото Вејце на Шар Планина, како и патот кај тетовската касарна што е преполн со вода и каде што имало едно заглавено возило, имало запушени канализации во горниот дел од градот и во Голема Речица. а голема количина на вода има навлезено во приватни куќи во дворови и подруми. Општинскиот кризен штаб беше активен и од ЈКП Канализација од Тетово и другите надлежни општински служби и институции испраќаа свои тимови и поединци на интервенција.
Според УХМР, до петок, ќе се задржи променливо облачно, нестабилно и малку посвежо време со пороен дожд и грмежи. Денес на повеќе места ќе има појава на невреме со обилен пороен дожд (над 30 л/м2) за кратко време, грмежи, силен ветер (над 60 км/час) и град. За време на викендот времето ќе биде стабилно и потопло, а од понеделник кон крајот на денот повторно се очекува локален пороен дожд и грмежи.
До граѓаните се препорачува на внимателност пред и за време на најавените локални метеоролошки нестабилности.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

