Македонија
Македонскиот амбасадор во Албанија на консултации со Муцунски по објавените податоци од пописот

Македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски, е повикан на консултации во Министерството за надворешни работи по објавените резултати од пописот на населението, каде што македонското малцинство е преполовено во споредба со претходниот попис.
МНР најави дека со него планира да ги прецизира недостатоците и недоследностите во пописниот процес.
„Поради итноста на материјата, очекуваме консултациите да бидат во текот на оваа недела и за сите дополнителни детали јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од МНР.
Македонските здруженија не ги прифаќаат резултатите од пописот. Велат дека македонското малцинство било под притисок на бугарски здруженија, кои се заканувале со одземање на бугарските пасоши. Најавуваат неформален попис, кој ќе го покаже вистинскиот број на Македонци што живеат во Албанија.
Стерјовски, во името на Македонската алијанса за европска интеграција – МАЕИ, вели дека станува збор за фалсификувани податоци наведувајќи дека не е можно да има само 2.281 Македонец иако на пописот во 2011 година биле регистрирани 5.512 Македонци. МАЕИ, единствената политичка партија на Македонците во Албанија, тврди дека на подрачјето на Преспа, Гора и Голо Брдо, каде што живее македонското малцинство, притисоци вршеле официјални претставници на Бугарија откако во текот на годините им беа делени бугарски пасоши на албански државјани, чија цел била работа во земјите на ЕУ.
„Пред почетокот на пописот, но и за време на пописот на подрачјето на Преспа, Гора и Голо Брдо, каде што живее македонското малцинство, доаѓаа претставници на бугарските институции, кои донираа разни средства, подароци и хуманитарна помош, но и правеа пропаганда за жителите да се изјаснат како Бугари во замена за бугарски пасош“, нагласуваат од МАЕИ.
Според тамошниот бугарски амбасадор, Ивајло Киров, владата во Тирана овозможила жителите со бугарско потекло слободно да ја изразат својата етничка припадност. 7.057 лица се изјасниле на пописот дека имаат бугарска националност во краевите во кои живее македонското малцинство.
„Искрено сме многу изненадени од резултатите. Албанија е најпријателската и најгостопримлива земја за Бугарија и за Балканот“, изјавил Киров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Перински: Ветувањето на Владата влегува во завршна фаза и проектите го гледаат светлото на денот

На денешниот Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“, дискутираше министерот за локална самоуправа Златко Перински, се осврна на работата на Владата и нејзината поддршката кон општините со цел да се мотивираат градоначалниците и општинската администрација за креирање на проекти согласно потребите на граѓаните.
-Оваа Влада даваше средства на сите локални самоуправи на база на проекти коишто ги добивме како инпут од самите локални самоуправи, сакавме да ги мотивираме градоначалниците, да ја мотивираме општинската администрација да креира проекти коишто ќе бидат издржани согласно потребите на граѓаните и врз основа на тоа да испорачаме средства од централниот буџет за истите да се реализираат, рече Перински.
Министерот посочи дека во првиот јавен повик има 288 проекти од кои веќе 137 се завршени, а од двата повика се изградени и реконструирани училишта, изградба на патна инфраструктура, како и изградба на градинки, и спортски објекти.
-Во првиот јавен повик имаме 288 проекти којшто се влезени во рамка на финансирање во вториот јавен повик веќе се склучени договори за 828 проекти коишто се ефектуираат на терен, од првиот јавен повик од оние 288 проекти, 137 се завршени, ветувањето на Владата влегува во завршна фаза и проектите го гледаат светлото на денот. Од првиот и од вториот јавен повик се изградија и реконструираа 55 училишта за само една година, имаме преку 702 проекти коишто се насочени кон подобрување или изградба на нова патна инфраструктура, имаме градинки, 9 градинки се реконструирани или се изградени, 36 спортски објекти, кога ќе видете дека од 288, 137 проекти се веќе завршени не може да не очекувате или не може да не бидете мотивиран да продолжите понатаму, нагласи Перински.
Македонија
Пратениците се одморија, од утре почнуваат со редовни активности во Собранието

Пратениците од утре официјално почнуваат со работа по годишниот одмор. Претседателот на Собранието, Африм Гаши за утре закажа неформална средба со собраниските известувачи, на која ќе информира за тековните активности во законодавниот дом, по редовната координација со координаторите на пратеничките групи. До петокот на собраниската веб-страна освен брифингот со новинарите, Собранието немаше закажано други активности за следната недела.
Одморот на пратениците беше прекинат на 16 август кога беше свикана итна седница за Предлог на законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка кој не помина поради немање на Бадентерово мнозинство. Претходно, на 13 август седница одржа и Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која формира Комисија за селекција на кандидатите за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата. Вообичаено одморот на пратениците започнува по Националниот празник Илинден.
Претседателот на Собранието Гаши на 9 август ги распиша локалните избори за 19 октомври. Се очекува Собранието да одржува пленарни седници и седници на комисиите до пред почетокот на кампањата за локалните избори на 29 септември.
На последниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието потсети дека законодавниот дом е во постојано заседание и дека доколку е потребно пратениците ќе бидат повикани за седници.
Македонија
Османи: Овие избори се референдум за достоинството и еднаквоста на Албанците

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, остро ја критикуваше, како што рече, системската политика на новата влада насочена кон маргинализација и потиснување на Албанците. Во своето обраќање, тој порача дека не станува збор за изолирани случаи, туку за „координиран проект на елиминација“.
„Владата на ВМРО и ЗНАМ, предводена од Христијан Мицкоски, во полн интензитет продолжува да ја спроведува политиката која треба да ги отстрани Албанците од општествените текови, враќајќи ги на нивните периферни позиции од пред Рамковниот договор“, изјави Османи.
Тој го обвини премиерот Мицкоски за „длабока нетолеранција кон Албанците“, која, според него, се манифестира и на лично и на институционално ниво.
„Оваа политика на Мицкоски неретко ја гледаме како израз на неговиот личен карактер: ‘ќе ги вадиме за уши’, ‘ќе им го покажеме местото’, но и во неговата професионална, или службена поставеност на отстранување на Албанците од концентричните кругови на неговото најтесно окружување“, додаде Османи.
Како „особено понижување за Албанците“, тој го наведе и доделувањето на ресорот за Охридскиот рамковен договор на, како што го нарече, „Српскиот свет во земјава“.
„Како поинаку да се толкува доделувањето на клучната Владина позиција за спроведување, негување и унапредување на вредностите и придобивките од Охридскиот Рамковен договор директно во рацете на Српскиот свет во земјава“, рече Османи.
Тој предупреди и на други чекори кои, според него, ја потврдуваат оваа политика – укинувањето на Балансерот, маргинализацијата на Бадентеровиот механизам и исклучувањето на Албанците од политиките на Централната банка и финансиските институции.
„Овие механизми – Бадентер, Балансер, јазична застапеност итн., – претставуваат механизми за заштита од мајоризација, и токму тие се најголемата пречка за спроведувањето на крајната радикална националистичка политика на Мицкоски, ВМРО и ЗНАМ кон Албанците“, нагласи Османи.
Османи ја критикуваше и улогата на институциите, како Уставниот суд, ДИК и Централната банка, за кои рече дека се „прокси играчи“ на премиерот. Според него, особено „бедна“ е позицијата на, како што ги нарече, остатоците од ВЛЕН во Владата.
„Тие и самите се понижени и отстранети од масата кога Македонците носат одлуки, но уште потрагично, потоа мора да ја играат улогата на поданици – да ги спроведуваат, правдаат и да им даваат легитимитет на овие одлуки“, изјави Османи.
Тој порача дека претстојните избори се историски за Албанците.
„Ова не е повеќе обична политичка битка. Ова е историски миг во кој Албанците мора да се изјаснат – дали ќе прифатат повторно да бидат неми набљудувачи додека ги бришат од системот? Дали ќе дозволат повторно да бидат ‘толерирани’ наместо вреднувани?“, праша Османи.
Во своето обраќање, тој нагласи дека Албанците нема да се откажат од европската перспектива на државата.
„Албанците не сакаат да се откажат од европската иднина на оваа земја; не сакаат немо да гледаат како земјава се сели во прегратките на српскиот свет и кинеско – руските прегратки, туку сакаме да ја видиме како современа, прозападна земја, која е полноправна членка на НАТО и ЕУ“, изјави Османи.
Тој заврши со порака дека за сите кои не разбираат зошто овие избори се историски за Албанците – „наскоро ќе им се разјасни“.