Свет
Укината забраната за користење на зборот шехид на „Фејсбук“ и „Инстаграм“

„Мета“ вчера објави дека ќе ја укине општата забрана за зборот шехид по едногодишно разгледување од нејзиниот надзорен одбор, пишува „Ројтерс“.
Зборот шехид, всушност, значи маченик, оној што умрел исполнувајќи верски наредби или за време на војна за религија. Шехидите често се нарекуваат бомбаши самоубијци или терористи што загинале за време на извршување терористички чин.
„Мета“ е критикувана со години за справување со содржини што го вклучуваат Блискиот Исток. Студијата од 2021 година нарачана од самата „Мета“ покажа дека пристапот на „Мета“ има штетно влијание врз човековите права на Палестинците и другите корисници што зборуваат арапски.
Критиките ескалираа по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во октомври минатата година. Надзорниот одбор ја почна својата ревизија минатата година бидејќи зборот предизвика повеќе отстранувања на содржини отколку кој било друг збор или фраза. „Мета“ е матична компанија на „Фејсбук“ и „Инстаграм“.
Ревизијата утврдила и дека правилата на „Мета“ за зборот шехид не ја зеле предвид различноста на значењата на зборот и резултирале со отстранување содржини што не биле насочени кон пофалби на насилни акти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Итна седница поради планот на Израел за окупирање на градот Газа

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе одржи итна седница во врска со планот на Израел за заземање и трајно окупирање на градот Газа, соопштено е од седиштето на ОН во Њујорк.
Седницата, чие одржување го побараа пет земји – Данска, Франција, Грција, Велика Британија и Словенија, ќе почне во 10 часот наутро по локално време, односно во 15 часот по централноевропско време.
Според извори од Советот за безбедност, сите држави-членки, освен Соединетите Американски Држави, го поддржаа барањето за одржување на седницата.
Свет
Речиси 1.900 камиони со хуманитарна помош пристигнаа во Газа

Израелската воена агенција која ја координира хуманитарната помош денеска соопшти дека во текот на изминатата недела, од палестинската страна на премините Керем Шалом и Зиким се собрани и дистрибуирани речиси 1.900 камиони со хуманитарна помош.
Како што се наведува, повеќе од 1.310 камиони што влегоа во Газа во текот на неделата превезуваа главно прехранбени производи, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Агенцијата, која работи во рамките на израелското Министерство за одбрана, наведува дека ќе продолжи да го олеснува доставувањето на хуманитарна помош до цивилното население во Газа, „но не и до Хамас“.
Свет
Конструктивен беше состанокот на советниците за безбедност од Украина и нејзините партнери, вели Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека состанокот на советниците за безбедност од Украина и нејзините партнери, што се одржа во Велика Британија, бил конструктивен.
Аргументите на Киев беа слушнати и опасностите беа земени предвид, додаде тој во своето вечерно обраќање до Украинците.
Зеленски истакна дека на средбата учествувале претставници на Велика Британија, САД, Франција, Германија, Италија, Финска и Полска, со цел консолидирање на позициите за постигнување примирје.
„Патот кон мирот за Украина треба да биде определен заедно и само заедно со Украина, тоа е клучен принцип“, нагласи украинскиот претседател.