Македонија
Филипче ја презеде функцијата претседател на СДСМ: Освен темелни промени, не постои друг начин да ја вратиме довербата кај членовите

Денеска, во седиштето на партијата Венко Филипче ја презеде функцијата претседател на СДСМ од поранешниот претседател Димитар Ковачевски.
Ковачевски му честита на изборот, му посака понатамошен успех во работата и повторно градење победнички СДСМ.
Филипче се заблагодари на честитките, како и за ангажманот на Ковачевски во изминатите години како претседател на партијата и како премиер на владата.
Новоибраниот претседател Венко Филипче посочи дека следува период на многу работа, обединување и реформа на СДСМ.
„Процесот нема да биде ниту брз ниту лесен, но освен темелни промени, не постои друг начин да ја вратиме довербата кај членовите за да може постепено да ја освојуваме и довербата кај граѓаните. Ќе водам со пример, ќе обединувам и ќе работам како што ветив, како што се обврзав пред членовите. Сечиј глас ќе биде слушнат. Со честа и отворена комуникација со членството ќе создадеме нова енергија во партијата, која ќе ја трансформираме во една ефикасна организација. СДСМ ќе се врати посилен и ќе продолжи да биде мотор на општествениот напредок“, рече Филипче.
Филипче убедливо победи на директните внатрепартиски избори со освоени над 9.000 гласа од членовите на партијата. СДСМ е единствена партија во земјата со толку висок демократски капацитет, која претседаелот го избира на директни, непосредни внатрепартиски избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муртезани: Со зајакнати капацитети кон поефикасна реализација на ИПА програмите

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во улога на Национален координатор за ИПА (NIPAC), денеска го копретседаваше Третиот состанок на Мониторинг комитетот за Инструментот за претпристапна помош ИПА III, нагласувајќи ги актуелните политички и технички предизвици поврзани со ефикасното искористување на европските фондови.
Министерот Муртезани истакна дека оваа Влада ќе преземе важни иницијативи за стабилизација на ИПА структурите и за решавање на наследените проблеми од претходниот период, меѓу кои се високата флуктуација на професионалниот кадар, задоцнетите постапки за јавни набавки и значителните отстапки во секторите транспорт и животна средина. Тој подвлече дека до крајот на 2024 година, договорените средства за ИПА II достигнале 71%, додека искористувањето на средствата од ИПА III во истата година е на ниво од 31,37%. Министерот укажа на важноста од интензивирање на имплементацијата на тековните програми за да се избегне неискористување на ИПА средствата во иднина.
Муртезани се осврна и на мерките за зајакнување на административните капацитети и најави интензивен ангажман за системско решение на политиките за задржување и континуирана обука на државните службеници. Тој посочи дека Министерството за европски прашања работи на воспоставување Академија за ЕУ, чија задача ќе биде обезбедување квалитетна и одржлива обука за кадарот ангажиран во ИПА структурата.
Со состанокот претседаваше и Валентина Суперти, раководител на одделение при Генералниот директорат за проширување и источно соседство (DG ENEST) при Европската комисија, која се осврна на важноста од јасно дефинирани обврски и активности за надминување на сегашните предизвици во управувањето со ИПА програмите.
Мониторинг комитетот за ИПА е највисокото надзорно тело за сите ИПА програми и има задача да обезбеди ефективна, транспарентна и усогласена реализација на европската претпристапна помош во Северна Македонија, во согласност со Рамковната спогодба за финансиско партнерство помеѓу Европската комисија и Република Северна Македонија, соопшти Министерството за европски прашања.
Македонија
Нема опасност за жителите по излевањето на Маркова Река

Нема опасност за жителите од излевањето на Маркова река, а водостојот е вратен во коритото, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување. Од таму додаваат дека еден тим за брз одговор интервенирал со пумпи за извлекување на вода и истите ќе интревенираат по потреба во текот на денот.
„По првичната информација за излевањето на Маркова река во Општина Студеничани, село Батинци, екипата за процена на ризици на Дирекцијата за заштита и спасување одблиску на терен ја следеа состојбата. Директорот Џеват Селами беше во постојана комуникација со екипите на терен, градоначалникот на општина Студеничани, г-дин Азем Садики, директорот на А.Д. Водостопанство, г-дин Филип Филиповски, сѐ со цел да се обезбеди координиран и ефективен одговор. Еден тим за брз одговор интервенираше со пумпи за извлекување на вода, и истите ќе интревенираат по потреба во текот на денот“, се наведуваа во соопштението.
Од таму додаваат дека според досегашните информации ситуацијата е под контрола и нема опасност за жителите и дека е евидентирана материјална штета што допрва ќе се проценува.
Македонија
„За 6 месеци им ги покачивме пензиите на над 330.000 пензионери за 5.000 денари“, велат од Владата

„На сметките на пензионерите легна покачувањето на пензиите од 2500 денари. Со ова покачување, вкупното линеарно зголемување на пензиите достигнува 5.000 денари, откако првото зголемување беше со септемвриската пензија и сега со мартовската пензија.Ова е втор раст на пензиите за само 6 месеци“, велат од Владата.
„Имено, дека Владата се грижи за пензионерите покажува тоа што уште првата недела од мандатот донесе одлука за линеарно покачување на пензиите на сите пензионери за 5000 денари, со септемвриската и мартовската пензија.
Ветивме и исполнивме. Владата ги покачи пензиите за 5000 денари, линеарно за секој пензионер.
Владата покажа дека се грижи и работи одговорно и посветено.
Пензионерите заслужуваат достоинствен живот и вистинска грижа за нивните потреби.
Со ова како Влада го исполнивме едно од ветувањата за најстарата категорија на граѓани и обезбедивме поквалитетен живот за нив.
Продолжуваме посветено да работиме за подобрување на животниот стандард на граѓаните“, се наведува во соопштението на Владата.