Македонија
Средба Муцунски – Лосон: Во фокусот на разговорите сојузништвото во рамките на НАТО

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес се сретна со амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон.
Како што извести МНР, на средбата било истакнато заемното задоволство од развојот на одличните билатерални односи, кои двете пријателски земји во континуитет ги негуваат во изминатиот тридецениски период. Притоа беше искажана и подготвеност за натамошното унапредување на меѓусебното пријателство и долгогодишната соработка во периодот што следува.
Во фокусот на разговорите беше сојузништвото во рамките на НАТО, при што беше истакната потребата за продолжување на блиската соработка на двете земји во рамките на алијансата, особено во контекст на претстојниот самит на НАТО во Вашингтон. Како сојузници двете земји континуирано и со заемни заложби активно придонесуваат во правец на зачувување на глобалниот мир и трансатлантската стабилност имајќи ги предвид актуелните безбедносни предизвици, соопшти МНР.
Министерот Муцунски се осврна и на тековниот британски проект за јакнење на капацитетите на Директоратот за НАТО, при што изрази благодарност за поддршката, која придонесува за уште поефикасно остварување на нашата политичка и координативна улога за разни прашања врзани со членството во алијансата.
Како најголем трговски партнер на ОК во регионот и воедно втор најголем странски директен инвеститор за нашата земја соговорниците ги потврдија силните економски и трговски односи меѓу двете земји и го нагласија интересот за нивно натамошно зајакнување.
На средбата стана збор и за нашиот евроинтегративен процес, посветеноста на реформите и севкупниот општествено-политички и демократски развој на земјата, се додава во соопштението на МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Водостоите на сите реки низ земјава се доста високи и таа тенденција се очекува да продолжи во текот на денот

Според утринските податоци од хидролошките станици низ земјава, водостоите на сите реки низ земјава се доста високи и таа тенденција се очекува да продолжи во текот на денешниот ден, известува УХМР.
Поради обилните врнежи од дожд, во текот на вчерашниот ден регистрирани се локални излевања на река Маркова на неколку места по течението на реката. Во текот на денот се очекува, постепено намалување на водостојот, стабилизирање на состојбата со водостојот и постепено повлекување на водата.
Значително е висок водостојот на река Вардар по целото нејзино течение, од горниот дел во Полошката Котлина, во градот Скопје и низводно накај Велес во средниот и долниот дел од сливот во Демир Капија и Гевгелија. Во текот на денот се очекува и понатаму да остане висок водостојот посебно во средниот и долниот дел од сливот каде би се префрлил водниот бран.
Висок е и водостојот на река Треска каде околу месноста Пласница е можно локално излевање на реката и поплавување на околните ливади. Во текот на денот се очекува постепено стагнирање на водостојот на река Треска, но тој да продолжи да биде висок. Исто така, висок е водостојот на река Струмица по целото течение на реката, а пред се поради врнежите во Косово и река Лепенец бележи зголемен водостој во текот на изминатава ноќ и изутринава кој во текот на денот се очекува да биде во намалување. Доколку денеска на одредени места врнежите бидат поројни можно е да се очекува брз и рапиден пораст на водостојот на помалите реки и суводолици, соопшти УХМР.
Од таму предупредуваат на внимателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден.
Македонија
Водовод и канализација – Скопје: Последен ден од акцијата за отплата на долгови без пресметка на камата

ЈП Водовод и канализација – Скопје ја известува јавноста и граѓаните на град Скопје, дека акцијата за отплата на долговите без пресметка на камата за задоцнето плаќање завршува денес.
„Акцијата за отплата на долговите на рати без камата е со определено времетраење и започна од 17.02.2025 година, а завршува заклучно со 02.04.2025 година.
Ги повикуваме сите корисници кои имаат заостанат долг за потрошена вода (тужен и редовен), да ја искористат можноста за плаќање на рати без пресметана камата.
Одлуката за спроведување на акцијата за отплата на заостанатите долгови без пресметка на камата не важи за органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје.
По истекот на овој период одлуката престанува да важи“, соопшти ЈП Водовод и канализација – Скопје.
За секоја дополнителна информација за услугите на ЈП Водовод и канализација – Скопје контактирајте на:
02 3073 010, Дежурно Информативен Центар; 02 3240 300, Дирекција; [email protected]; www.vodovod-skopje.com.mk; www.facebook.com/jpvodovod.skopje
Македонија
Поплавени куќи, магацини и индустриски објекти во Студеничани, Батинци, Пинтија и Горно Лисиче

РЦУК – Скопје, известува дека поради врнежите од дожд, во текот на доцните попладневни и вечерните часови, дојдено е до зголемување на нивото на Маркова Река поради што истата е излеана преку мостот кај н.м.Љубош и низводно, и дојдено е до поплавување на неколку куќи, магацини и индустриски објекти во селата Студеничани и Батинци, како и делови кон Пинтија.
Исто така пријавено е и поплавување на дел од булеварот Борис Трајковски кај населба Пинтија, каде исто така имало пријави за поплавени магацини. Според информациите од лицето за контакт од ЕЛС Студеничани, интервенираат службите на ЕЛС Студеничани со локалните фирми, а исто така на терен има и претставници од ЕЛС Кисела Вода.
Во текот на ноќта, на Единствениот број за итни повици 112 добиени се и пријави за поплавени куќи во Горно Лисиче (општина Аеродром), каде интервенира ЕЛС Аеродром.
Исто така, на поплавените места интервенираат и БППЗ на град Скопје и Јавните претпријатија на град Скопје и ЕЛС.
АМСМ известува дека непроодни се локалниот пат село Горно Лисиче према село Долно Лисиче (општина Аеродром) и првиот мост во село Батинци (општина Студеничани).
ЈСП Скопје, известува дека поради поплавите од Маркова река, автобусот со број 70 сообраќа до почетна/крајна станица Дризла и автобусот со број 33 преку населба Драчево во двете насоки.
Македонски железници известуваат дека железничкиот патнички и товарен сообраќај, од 22:50 часот е во прекин во правец на Лисиче и Драчево и обратно, додека патничкиот сообраќај се одвива преку станицата Трубарево.