Култура
Фестивалот „Браќа Манаки“ ги има поднесено сите извештаи уредно и редовно во Агенцијата за филм, тврди директорот Дамевски
Извештајот на работната група, кој ја критикува работата на Агенцијата за филм и Друштвото на филмските работници (ДФРМ), е нарачан од министерката за култура во нејзините битки кон одредени членови на ДФРМ. Ваков е ставот на директорот на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, Симеон (Мони) Дамевски.
Со оглед на тоа што во извештајот се нотира и дека ДФРМ, кое е организатор на Фестивалот „Браќа Манаки“, со години не поднесува финансиски извештаи, Дамевски спротивно на тоа тврди дека сите извештаи биле уредно и редовно доставувани до Агенцијата за филм.
„’Манаки’ ги има поднесено сите извештаи, уредно и редовно во Агенцијата за филм. Лично ги потпишувам. Битката преку Друштвото на филмските работници и конфликтот со Милчо Манчевски и министерката со некои од членовите, кои постојано ја критикуваат за нејзините кратења во буџетот за филм, се обидоа да го прекршат преку нашата глава“, вели Дамевски.
Тој пред новинарите денес образложи дека ДФРМ е сопственик на лиценцата за „Манаки“ и избира директор на фестивалот. Вели дека Агенцијата за филм нема доволно луѓе да ги прегледуваат извештаите и навремено да ги одобруваат или враќаат со одредени забелешки.
Рече и дека Фестивалот е поддржан од Агенцијата со 30 отсто, другите се од приватни спонзори за кои жестоко се бореле во изминатите години.
„Се работи за обиди да се прекршат копјата преку нашата глава, да се пресметаат двете страни. Јас ја знам заднината на таа игра. Не поддржувам криминално работење. Лично одговарам за какви било незаконски работења на фестивалот. За 3 години, ги вративме сите долгови, имаме задржано резреви. Единствената кочница е навременото работење во Агнцијата за филм и прегледување на тие договори и одговори на нашите барања и поднесување дополнителни сметки. Друга тајна нема“, рече Дамевски додавајќи дека е достапен за секоја релевантна институција која сака да изврши увид, а извештаите веќе ги проверувале ревизиски комисии испраќани од Мило Манчевски.
Извештајот (на 41. страница) на работната група за утврдување на состојбите во Агнцијата за филм забележува и кршења на законските одредби, непочитувања на процедурите, тесна спрега меѓу управниот одбор на Агенцијата за филм со одговорните лица во Друштвото на филмските работници на Македонија. По објавувањето, ДФРМ за извештајот коментира дека министерката Костадиновска-Стојчевска покажала оти е гробар на македонскиот филм и македонската култура. Додадоа дека веќе нема никакви сомнежи оти главниот генератор на ова кризно сценарио е токму режисерот Манчевски бидејќи тој овој извештај го цитирал во јавноста неколку дена пред самиот да го објави во целост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Патувања“ – изложба на колажи изработени на работилниците за одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Во објектот Мала станица, на 12 декември, во 12:30 часот, ќе биде отворена изложба на колажи изработени низ работилниците организирани по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Оваа година се работеше на тема – патување. Изложбата ќе биде поставена во наредните десетина дена.
„„Патувања“
Креативен инклузивен проект по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Децата размислуваат и сонуваат за патување низ времето како нешто што нема да биде строго поврзано со законите на физиката, туку како нешто магично, како премин од еден во друг портал. Низ нивните креации тие раскажуваат визуелно-емоционални приказни, често во вид на времеплов, низ кои ги истражуваат сите аспекти од времето – минато, сегашно и идно. На овој начин, нивната уметност, не само што нуди приказна за нивното лично доживување на светот, туку и ги поврзува сите луѓе во колективна свест, во едно заедничко универзално искуство. Тие креираат визии за иднината, истражувајќи не само технолошки можности, туку и социјални и морални дилеми. Ја користат својата уметност за да ги предвидат можните резултати на одредени општествени или еколошки трендови.
Учениците работеа во колаж-техника, со интервенција на боја, и на апстрактен или конкретен начин ни го пренесуваат длабокото разбирање на последиците што може да произлезат од одлуките што ги носиме денес.
Проектот „Патувања“ е инклузивен проект во кој заеднички твореа учениците од гимназиите „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз-Тито“ – паралелка, меѓународна матура, ДСУРЦ „Партенија Зографски“ – училиште за деца со оштетен слух и говор. Ментори на учениците беа студентите од Факултетот за ликовни уметности – Скопје, водени од доц. м-р Велимир Жерновски и студенти од Универзитетот Фонтис од Холандија.
Преку уметноста, тие учеа за сите оние безвременски вредности како што се љубовта, прифаќањето, смислата на постоењето, нешта што не се зависни од времето, а сепак се толку универзални. Можеби тоа се и најважните лекции што секој од нас ќе треба да ги има на своето патување наречено живот“, пишува во најавата за изложбата од Националната галерија.
Едукатор на проектот е Маја Димитрова.
Култура
Со „Оче наш“ и доделувањето награди завршува годинешниот „Синедејс“
Со доделувањето на наградите во Официјалната и СЕЕ селекција се затемнува платното на овогодинешниот Cinedays. По седум интензивни филмски денови публиката имаше можност да погледне повеќе од 50 филмови, но за наградите на фестивалот се натпреваруваат осум во официјална конкуренција и шест во СЕЕ селекцијата.
„Имавме прекрасен фестивал и буквално „Се гледаме од другата страна“ со сите предизвици кои ни следеа во подготвителниот период. Филмската магија не покори и нас како организатори и гостите кои беа бројни и на ова издание. Сега сме во очекување на имињата на добитниците на наградите кои вечер ќе ги соопштат жири комициите во двете конкуренции“ – вели Маргарита Арсова програмски координатор на фестивалот.
По завршувањето на церемонијата на доделување на награди вечерва на репертоар е филмот „Оче наш“ на Горан Станковиќ, во кој македонски копродуценти се Огнен Антов и Стојан Вујичиќ од Dream factory.
„Филмот се бави со едно многу специфично место, место во кое во име на верата и духовноста, насилството се користи како оправдување за помош. Прва работа која ме наведе да размислувам за идеја на овој филм беше снимка од претепување во манастир во Црна Река. Таа снимка се појави во 2009 година, а контрадикторноста на сцената на сурово тепање на човек, со удирање на глава од икона на ѕид сосема ме збуни и вознемири. Од таму тргнав. Се разбира не би сакал да се генерализира на сите заедници кои пружаат духовна поддршка“ – вели режисерот Станковиќ.
Македонската страна на продукцијата во самиот филм ја претставуваат екипата сниматели на звук: Игор Поповски – Нивеа, Дејан Михајловски, Дарко Бошковски, Александар Ристевски и Горан Стаменков и брилијантниот Тони Михајловски:
„Тони е блескав актер со исклучително богата кариера и многу ми беше инспиративно да работам со него“ – дополнува режисерот Станковиќ.
Покрај Михајловски, во филмот играат: Вучиќ Перовиќ, Горан Марковиќ, Дадо Ќосиќ, Лазар Тасиќ, Јасна Жалица, Тони Михајловски, Ненад Хераковиќ …
Филмот ја имаше својата премиера на 50 јубилејно издание на престижниот филсмки фестивал во Торонто, а со него се завтора и вечерашниот Cinedays. По проекцијата, следи диџеј сет на Кунгфулиш, односно Ненад Стефановски од музичкиот состав Фулишгрин.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.

