Македонија
Mицкоски: Стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи, ако имаат подобра идеја за Судскиот совет, нека ја кажат
Стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи на државата. Еве, ако знаат подобро решение, нека дојдат и нека кажат, реагира премиерот Христијан Мицкоски по изјавата на евроамбасадорот Дејвид Гир и амбасадорката на САД, Анџела Агелер, дека не треба да има распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители и дека тоа е мешање во независноста на судството.
Мицкоски рече дека амбасадорите истовремено состојбата со влаеењето на правото ја оценуваат како катастрофална, а во извештаите пишуваат дека цутат криминалот и корупцијата.
„Довербата во Судскиот совет е на 2-3 проценти кај граѓаните. Очигледно е дека работите не функционираат. Кога ќе видите проблем, барате решение за тој проблем. Ние, ете, понудивме решение. Во ред, не се битни 600.000 гласа за амбасадорите, не е битна програмата на Владата. Еве, ако знаат подобро решение, нека дојдат и нека кажат. Подготвен сум да разговарам за тоа и да го примениме. Да ја вратиме довербата кај граѓаните. Видете кои се членови на Судскиот совет и сè ќе ви стане јасно. Бевме сведоци на сите драмолетки во изминатиот период. Подготвен сум секој што има подобра идеја да дојде и да каже како треба. Само да не биде како досега. Видовме што значи тоа – монтирани случаи, политички нарачки, луѓе што се жртви на прогон“, рече Мицкоски.
Евроамбасадорот Дејвид Гир вчера предупреди дека распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители е мешање во независноста на судската власт и, ако тоа се случи, кај ЕУ ќе предизвика сериозна загриженост.
„Напорите за засилување на владеењето на правото не треба да бидат направени на начин што би ги нарушил принципите на поделба на властите. На пример, распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители ќе значи мешање во независноста на судската власт и ќе биде прашање за сериозна загриженост. Исто и за идејата за раздвојување на Академијата за судии и обвинители, институција која сметаме дека треба да служи како гарант за меритократија и непристрасност во судството“, рече Гир.
Според амбасадорката на САД, довербата во судството во земјата е шокантно ниска, а Судскиот совет е важно оружје потребно за вистинско трансформирање на правосудството во Северна Македонија.
„Работете ја работата што треба да ја работите. Следете го законот, работете за луѓето, дајте отпор на политичките притисоци, заштитете го својот интегритет и прифатете ја транспарентноста. Напорната работа веќе почна и гледаме напредок“, им порача Агелер вчера на судиите.
За распушутањето на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители потребно е двотретинско мнозинство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

