Македонија
Меџити се сретна со Гир: Нашиот пат кон евроинтеграциите и чесно и правично владеење е јасно зацртан
Првиот заменик претсeдател на Владата и истовремено министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, го пречека амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир.
На средбата што се одржа во просториите на МЖСПП се разговараше за повеќе актуелни теми како што се бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата, уставните измени и владеењето на правото. Стана збор и за општата стабилност и европскиот дух на новата Влада.
Министерот Меџити му се заблагодари на амбасадорот Гир за укажаната поддршка на патот кон членството во големото европско семејство.
Од друга страна, европскиот дипломат уште еднаш истакна дека граѓаните на Северна Македонија го заслужуваат најдоброто и дека очекуваат Владата максимално да се посвети во извршувањето на своите обврски.
Меџити упати благодарност за досегашната поддршка на ЕУ Делегацијата во реализација на капиталните инфраструктурни проекти, како и во процесите за пристапување на нашата држава кон Европската Унија.
На средбата се дискутираше и за статусот на тековните проекти и за предизвиците во реализацијата на Секторската оперативна програма за животна средина и климатска акција во рамки на ИПА II. Идентификувани се предизвиците и се реафирмираше личната заложба на министерот Меџити и на Владата за надминување на истите и за забрзување на процесите за реализација на активностите од ЕУ програмските документи преку кои се користат средства од ЕУ фондовите.
На крајот, министерот Меџити вети дека максимално посветено ќе работи за да покаже како се владее правично, чисто и чесно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

