Македонија
Муцунски на НАТО-работен појадок во пресрет на самитот во Вашингтон
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес беше домаќин на НАТО-работен појадок, на кој присуствуваа амбасадорите на земјите членки на НАТО, како и Украина, Јапонија и ЕУ.
Настанот се одржа во пресрет на НАТО-самитот во Вашингтон, каде што ќе биде одбележана 75-годишнината од формирањето на алијансата.

Работниот појадок беше можност да се потврдат клучните приоритети на алијансата, кои треба да одговорат на заедничките предизвици. Воедно, на него беше истакната важноста за заедничко демонстрирање единството и заедничките напори за зајакнување на капацитетите и можностите за колективната безбедност.
Министерот Муцунски ги презентира ставовите на земјата во однос на стратешките одлуки што треба да се донесат на самитот. Заеднички беше потврдена заложбата за обезбедување на колективната одбрана и подготвеност за одговор на предизвиците што доаѓаат од сите правци. Притоа беше нагласено постигнувањето повеќе од 2 % од БПД на земјата за трошоци во одбраната.

„Благодарни сме што НАТО го препознава Западени Балкан како регион од стратешка важност за алијансата. Цврсто веруваме дека продолжувањето на блиската координација и заедничките активности на НАТО и ЕУ во регионот е од суштинско значење, првенствено преку забрзување на процесите на европската и евро-атлантската интеграција. Ова е од суштинско значење за зацврстувањето на стабилноста и затворањето на вакуумот, кој е подобен за дестабилизирачки влијанија од трети страни“, истакна министерот Муцунски.
Состојбите во Украина, во контекст на европската безбедносна архитектура, беа во посебен фокус на појадокот. Можноста на самитот земјите членки на НАТО заедно со украинските власти да разговараат за своите краткорочни и долгорочни потреби, ќе овозможи донесување важни одлуки, кои ќе го детерминираат идниот тек на состојбите и иднината на оваа земја.

На него беше истакната важноста од учеството на партнерите од регионот на Индо-Пацификот, во формат АП4, заедно со високи претставници на ЕУ, и можноста за размена на мислења со нив во насока како да се продлабочи соработката, вклучително и заедничките напори за одржување на мирот и стабилноста во двата далечни, но поврзани региони, со зачувување на правилата засновани на меѓународниот поредок и заштита на нашите заеднички вредности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Програми за доживотно учење на Факултетот за музичка уметност – Скопје
Факултетот за музичка уметност – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ги објави програмите за доживотно учење – единствена можност за сите заинтересирани лица над 20 години кои сакаат да го прошират своето музичко образование и да се надградат професионално.
Наставата се реализира со врвен универзитетски кадар и нуди висок квалитет во различни области: свирење на инструменти, соло пеење, популарни жанрови, диригирање и композиција. Секој учесник добива индивидуален пристап и работи во одлични услови кои овозможуваат целосно развивање на талентот и личен напредок.
На крајот од секој семестар, учесниците добиваат сертификат издаден од Факултетот за музичка уметност – Скопје, што претставува официјално признание за стекнатите знаења и вештини.
Повеќе информации за програмите на следниот линк: https://www.fmu.ukim.edu.mk/about/lifelong-learning
Уписот е во тек и трае до 25.2.2026 год. За дополнителни информации во врска со уписот, обратете се на тел.бр.02-3134345 или на е-пошта: [email protected].
фото/Depositphotos
Македонија
Изминатата седмица санкционирани 𝟣𝟣𝟩 непрописно паркирани возила на територија на општина Центар
ЈП Паркинзи на општина Центар известува дека во периодот од 09.02 до 15.02.2026 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ биле отстранети 117 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ во наредниот период ќе продолжи со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопшти ПОЦ.
Македонија
ВЛЕН: Ако СПАК-от на ДУИ не е само за спектакл, нека побара екстрадиција на Артан Груби од Албанија
ДУИ во Чаир помпезно го најавува формирањето на локален СПАК (Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција), како да ја открила Америка. Но, прашањето што веднаш се поставува е: дали овој СПАК ќе го истражи и сопственото раководство или е само уште еден театар за измама на граѓаните, прашуваат од ВЛЕН.
„Корупцијата има познати лица: Фатон Ахмети, поради сомневања за злоупотреба на средства во ФЗО, Арбер Адеми, како министер за образование со отворени случаи за злоупотреба, Бујар Османи, за случајот „Пациент“ и многу други кои денес седат во раководството на ДУИ како недопирливи. ВЛЕН го поздравува овој СПАК на ДУИ и сугерира дека, ако е навистина за акција, а не за спектакл, треба да ги започне истрагите токму со овие имиња. Првото нешто што треба да го направи е да воспостави комуникација со СПАК на Албанија и да побара екстрадиција на Артан Груби, симбол на ароганција и злоупотреба на моќ“, пишува во соопштението.
Ако овој СПАК е сериозен, велат од ВЛЕН, нека се обиде да ги истражи сопствените недопирливи.
„Само тогаш граѓаните ќе веруваат дека транспарентноста не е фасада, туку реалност. Дотогаш, ова останува потсмев, „СПАК за Фејсбук“, а не за правда“, велат од ВЛЕН.

