Македонија
(Видео) Лефков: Филипче спроведе скандалозен тендер за стерилизација во 2019 година со контроверзна албанска компанија
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, денеска на прес конференција ја нарече СДСМ „киднапирана“ и повика да се прочитаат медиумите во Македонија и во регионот за, како што рече, „да се уверат дека двоецот Филипче – Заев се шампиони по коруптивни зделки“.
„Ќе потсетиме дека Филипче како министер во владата на Заев го спроведе скандалозниот тендер за јавно приватно партнерство за стерилизација, од 2019-тата година, тендер за кој и врапците знаеа дека ќе го добие компанија од Албанија уште само што се распиша. Но тоа не го спречи Филипче да го истурка овој тендер тежок 14 милиони евра, што само покажа уште тогаш дека на позицијата министер за здравство е поставен од страна на Заев за заедно да ги тераат матните милионски тендери и наместо здравствен систем за граѓаните, да градат систем за полнење на приватни џебови“, кажа Лефков.
Пратеникот се наврати пред повеќе години и рече:
„Ние како ВМРО-ДПМНЕ во 2019-тата година јавно поставивме прашање која е поврзаноста помеѓу Филипче, помеѓу луѓе од Владата на Заев и скандалозниот бизнисмен Илир Рапај кој е тесно поврзан со двете фирми кои се активни на тендерот за стерилизација. Овој контроверзен бизнисмен и неговите фирми и тогаш и особено сега се во центарот на скандали и во соседна Албанија за истата дејност, односно концесија за стерилизација. Имено за овој случај таму се води истрага и отпочнат е судски процес во кој опфатени се и поранешни високи функционери во министерството за здравство. Се надеваме дека Филипче и СДСМ прочитаа дека во Албанија е уапсен поранешен министер за здравство за слични матни тендери и зделки, откако од минатата година тамошното антикорупциско обвинителство започна истрага за концесијата за стерилизација“, вели тој.
На крајот постави и неколку прашања:
„Дали Филипче стана пратеник за да го користи пратеничкиот имунитет? Дали Филипче и Заев, браќата по корупција и криминал ја киднапираа СДСМ за да се заштитат од евентуална одговорност? Дали планираат да ја направат партијата заложник за да се пазарат со правдата?“ заклучи Лефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

