Економија
Деспотовски: Добро е што „Вабтек“ ќе инвестира и ќе ги прошири своите капацитети, работевме на тоа

Навистина е добра веста дека американската „Вабтек“ (Wabtec) ќе ја реализира својата нова инвестиција и значително ќе ги прошири своите капацитети во Македонија, вели поранешниот директор на ТИРЗ од СДСМ, Јован Деспотовски.
„Повеќе од две години со тимот од ТИРЗ работевме заедно со оваа компанија, која веќе вработува над 350 наши сограѓани. Се боревме заеднички со предизвиците од разни институции. Институции и политичари, кои заборавија дека работат за интересите на државата и граѓаните. Се боревме и на суд, каде што добивме заедно со компанијата. Одлуката сè уште не е спроведена. Сепак, добро е што овие предизвици се сега минато“, рече Деспотовски.
Нагласи дека заслужува да се поздрави решеноста на Владата да пресече и оваа инвестиција, која е важна за сите граѓани, да се реализира.
Неговите сопартијци од СДСМ не ја поздравија инвестицијата. Утрово, од партијата преку соопштение истакнаа дека се работи за компанија која 16 години веќе работи во Македонија. Од тука велат дека „Вабтек“ барала проширување на операциите во државата и се водела постапка одамна во рамките на институциите, при што поради негативно мислење на Комисијата за заштита на конкуренцијата, тоа не се реализирало. Во рамките на овој процес имаше и судска постапка, посочија од СДСМ. Го повикаа Мицкоски и да ги објави условите под кои компанијата „Вабтек“ ќе го проширува производството и што точно е договорено со компанијата.
Мицкоски вчера соопшти дека американски „Вабтек“ ќе инвестира во Македонија. Рече дека се работи за компанија што е дел од 500. најголеми компании во САД, а се занимава со производство на сопирачки за шински возила и најави 100 нови вработувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Народната банка и Агенцијата за катастар на недвижности потпишаа Меморандум за соработка

Народната банка и Агенцијата за катастар на недвижности денеска потпишаа Меморандум за соработка, со кој се воспоставува рамка за унапредена размена на податоците и информации од заемен интерес, во функција на подобрување на аналитичките и институционалните активности на двете институции.
Меморандумот, кој го потпишаа гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, претставува основа за систематска и безбедна размена на информации, пред сѐ од Регистарот на цени и закупнини што го води Катастарот како дел од Геодетско-катастарскиот информациски систем.
Преку оваа соработка, Народната банка ќе ги збогати анализите на ризиците од пазарот на недвижности како важен сегмент во рамки на нејзините активности за придонесување кон постигнување и одржување на финансиската стабилност.
Овој документ е одраз на заемната определба на Народната банка и Агенцијата за катастар на недвижности за интензивирање на меѓуинституционалната соработка, базирана на принципите на професионалност, транспарентност и ефикасност, во насока на унапредување на квалитетот на податоците и политиките од јавен интерес.
Економија
Министерството за финансии и Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора почнуваат со редовна комуникација за состојбите на пазарот

На 7 октомври Министерството за финансии и претседателството на Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија одржаа работен состанок, којшто го водеше државниот секретар во Министерството, Андриана Матлиоска. На состанокот беа дискутирани актуелните состојби на финансискиот пазар во делот на финансиските друштва.
Врз основа на направените анализи е констатирано успорување на растот на кредитната активност на финансиските друштва по донесувањето на последните измени на Законот за финансиски друштва во јули 2023 година и Правилникот за кредитен ризик од април 2024 година. Така, податоците покажуваат дека во првото полугодие на 2025 година, во вкупното кредитирање во земјата, финансиските друштва учествуваат со 2,3%. Воедно, засилениот надзор од Министерството за финансии над работењето на финансиските друштва влијаеше во насока на консолидација на секторот и намалување на бројот на финансиските друштва од 35 на 26 финансиски друштва.
На состанокот беше поздравено формирањето на Одделението за следење и надзор над работата на небанкарските институции во рамки на Секторот финансиски систем во Министерствот за финансии, преку кое се зајакнува вонтеренскиот и теренскиот надзор на финансиските друштва и имплементацијата на законската рамка и подзаконските акти донесени од Министерството за финансии во својство на регулатор.
Како што беше истакнато на состанокот примарна цел на Министерството за финансии и на Групацијата на небанкарски финансиски друштва е заштита на потрошувачите. Во таа насока од страна на државниот секретар Матлиоска беше истакнато дека Министерството за финансии како регулатор во оваа област, постојано работи на зајакнување на регулативата со цел обезбедување висока заштита на правата на потрошувачите кои користат финансиски услуги од финансиските друштва. При тоа таа додаде дека преку постојани подобрувања на регулативата, финансиските друштва се обврзани да воспостават систем за
управување со кредитен ризик, што значи дека се обврзани одговорно да ја проценуваат кредитната способност на клиентот пред да одобрат кредит.
Во тој контекст претседателството на Групацијата информираше и за спроведување на Етичкиот кодекс кој беше донесен во јуни 2025 година, а кој
На состанокот беше истакната заедничката заложба за поголема транспарентност на податоците и информациите за работата на финансиските друштва во јавноста. Во контекст на ова, а согласно последните измени, покрај регуларните извештаи и обврски за известување кои и досега ги имаа финансиските друштва, истите сега имаат обврска задолжително транспарентно и јавно да го објават својот тарифник со надоместоците на својата веб-страница и на видно место во своите работни простории. Тоа на потрошувачите ќе им овозможи целосен увид во сите трошоци пред склучување на договорот.
Заеднички беше констатирано дека сите преземени досегашни мерки ја потврдуваат посветеноста за финансиската стабилност на пазарот и заштитата на потрошувачите.
(ПР)
Економија
Цените на нафтата се искачија над 66 долари

Цените на нафтата денес се искачија над 66 долари на меѓународните пазари, при што водечките производители објавија само умерено зголемување на понудата кон крајот на годината и индикации за стабилна побарувачка за гориво во САД.
На лондонскиот пазар, цената на барел попладне беше за 1,04 долари повисока од вчерашното затворање, на 66,49 долари. На американскиот пазар, барелот се тргуваше по цена повисока за 1,13 долари, на 62,86 долари.
Инвеститорите беа изненадени од објавата на почетокот на неделата од водечките производители дека имаат намера само умерено да ја зголемат понудата кон крајот на годината.
Групата од осум членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници објавија во неделата дека ќе испумпаат само дополнителни 137.000 барели дневно на пазарот во ноември.
Тие веќе ја зголемија понудата за 411.000 барели дневно во септември.
„Осумката“ забележа дека изгледите за глобалната економија се „стабилни“ и дека пазарните индикатори се „моментално здрави“, судејќи според „ниското ниво на залихи“.
Пазарите очекуваа октомври да означи само краткорочен одмор во забрзаната нормализација на залихите.