Култура
Еуфорија и рекордно продадени концерти – успешна турнеја на Националниот џез-оркестар и Рамбо Амадеус во Хрватска
„Делириум во Сплит“, „Еуфорија во Шибеник“, „НЏО и Рамбо го разбудија Вис“, „Вис веќе нема да биде ист по настапот на НЏО и Рамбо Амадеус“, „Јавни нереди за време на концертот на Националниот цез-оркестар и Рамбо Амадеус во Шибеник“, се само дел од насловите што ги објавија медиумите во Хрватска за време на турнејата на македонскиот Национален џез-оркестар (НЏО), кој го нарекоа и најлудиот оркестар на Балканот.
Рекордно продадени концерти, изблици на еуфорија, громогласни аплаузи, како и многубројни осврти и написи во хрватските медиуми, ја означија првата официјална интернационална турнеја на Националниот џез-оркестар, кој настапи со Рамбо Амадеус на три престижни концертни сцени на хрватското приморје. Долго ќе се памети нивниот концерт во Хрватскиот народен театар во Сплит, една од најреномираните културни институции во регионот, која ретко и инцидентно ја отстапува сцената за жанр поинаков од класичниот. Видеата сведочат за неколкуминутни стоечки овации на публиката, која во Сплит ги повикува музичарите на бис, а музичката критика овој настап го оцени како ексклузивен, кој можеби никогаш не се случил на оваа сцена.
„Уште сме под импресии иако има веќе неколку дена како ја завршивме нашата турнеја во Хрватска во рамките на која беа реализирани три концерти, на кои со нас настапи нашиот пријател, извонредниот уметник Рамбо Амадеус. Уште еднаш, оваа наша соработка се покажа како исклучително успешна, а пред публиката се претставивме со биг бенд-аранжманите на композициите на Рамбо, подготвени од нашите членови, кои македонската публика имаше можност да ги чуе пред една и пол година на концертот што се одржа на сцената на Филхармонијата“, велат од НЏО.
Овој пат трите концерти обединија три контексти и хронотопи, при што првиот настап беше на 25 јуни во Шибеник, на тврдината „Св. Миховила“, следуваше концертот на 28 јуни во рамките на првото издание на фестивалот Island Vis Music Breeze и концерт во Хрватскиот народен театар во Сплит, една од најреномираните културни институции во регионот, кој се одржа на 1 јули.
„Изведбите на толку сцени бараат поинаков фокус при изведбата по што се вративме назад со богато искуство, но и со полни срца, бидејќи настапите беа одлично прифатени од страна на публиката, се изродија безброј нови можности за нови соработки, а концертите беа комплетно распродадени во рекорден рок“, изјавија од НЏО.
Концертот во Шибеник почна во релативно мирна концертна атмосфера и кон средината на концертот веќе цела публика беше на нозе и се случи голема концертна еуфорија со скандирање од страна на оубликата…“, вака го опишаа медиумите концертот во Шибеник, на тврдината „Св. Миховила“, а настапот во Хрватскиот народен театар во Сплит беше опишан како „редок вид театарско-музички перформанс креиран од НЏО и Рамбо“. „Помеѓу НЏО и Рамбо имаше ретко видена и слушната интеракција, каде што целиот концерт повеќе личеше на музичка драмска претстава со висококреативна нарација на Рамбо Амадеус“.
Критиката имаше најпофални зборови за настапот на Оркестарот и сите музичари оценувајќи дека „Оркестарот ѝ се претстави на хрватската публика на највисоко професионално ниво и воедно прикажа вистинска непосредност во комуникацијата со Рамбо. Солистите блескаа во сите солистички делници“.
Следна дестинација е Охрид – 11 август, летна сцена Долни Сарај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

