Македонија
„Градоначалникот Хекуран Дука да ги отстрани исцртаните фашистички симболи во Дебар“, велат од Левица
„На едно од најфрекфентните места во Дебар, експлицитно се исцртани фашистички симболи, за што Левица апелира до Градоначалникот на Дебар – нивно итно отстранување. Станува збор за графити со карта на балистичката творба „Голема Албанија“, како и кукаст крст или „свастика“ – симболот на нацистичка Германија, кој претставува универзален симбол на фашизмот. Графитите се исцртани на веќе иронично наречената улица „Братство-Единство“, велат од Левица.
Од партијата јавно ги повикуваат градоначалникот на Општина Дебар, Хекуран Дука, и надлежните служби во Општина Дебар во најкус можен рок да ги отстранат овие, како што велат од Левица, провокаторски симболи, а воедно и јавно да го осудат присуството на фашистички симболи во јавниот простор!
„Ова дело го претставува само последниот акт на отворено глорифицирање на симболи, кои се повикуваат на екстремно застапената фашистичка идеологија и со тоа директно задираат во и така кревките меѓуетнички односи во Македонија.
Овој чин поттикнува целосно непотребна омраза во една од малкуте преостанати општини во кои несегрегирано живеат повеќе етникуми.
Популарноста на ваквата иконографија нас како партија не нè изненадува, бидејќи, за жал, во Македонија постојат повеќе политички субјекти кои се претставници на фашистичката идеологија особено во т.н Албански блок. Станува збор за коалицијата „Европски Фронт“ предводена од терористичката ДУИ, како и коалицијата „Вреди“ која ја сочинуваат, исклучиво, необалистички партии.
Ја потсетуваме јавноста дека Политичката партија Левица уште во 2022 година во Собранието на Република Македонија поднесе предлог-резолуција против глорификација и рехабилитација на фашизмот, нацизмот и нивните современи облици, но очигледно е дека до ден денес оваа резолуција се чува во фиока“, се наведува во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

