Македонија
Министрите за одбрана на Италија, Албанија, Македонија и на Бугарија потпишаа писмо за намери за воспоставување хармонизиран коридор за воена мобилност за потребите на алијансата
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, заедно со колегите од Италија, Албанија и Бугарија, Гуидо Кросето, Нико Пелеши и Атанас Запријанов, вчера, на маргините на самитот на НАТО во Вашингтон потпишаа писмо за намери за воспоставување хармонизиран коридор за воена мобилност во рамките на Паневропскиот коридор VIII за потребите на алијансата. Ова е првиот меѓународен документ потпишан од страна на новата Влада.

Целта на оваа иницијатива е да се овозможи побрз проток на воените сили и опрема на алијансата преку поедноставување на националните процедурите за граничен премин, особено во услови на криза.
Со потпишувањето на писмото за намери се преземаат чекори што значително ќе ја зголемат ефикасноста на воената логистика и операции во случај на потреба. Исто така, проектот ќе придонесе за унапредување на координацијата меѓу земјите потписнички, како и инфраструктурата по должината на Коридорот, а со што ќе се овозможи и полесен пристап кон армискиот полигон Криволак.

Коридорот ќе се протега од Италија преку Албанија и Македонија до Бугарија, со можност за проширување.

Оваа иницијатива е практичен придонес кон напорите на алијансата за зајакнување на одвраќањето и одбраната на целата територија, придонес за зајакнување на воената мобилност во Европа, како и кон зајакнувањето на соработката меѓу НАТО и ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

