Македонија
Мицкоски од Вашингтон: Македонија и регионот предолго беа заложници на минатото, времето на свиткан ‘рбет заврши
Заврши уште еден работен ден на НАТО-самитот што се одржува по повод 75 години од формирањето на алијансата.
„Македонската делегација ја предводам јас и можам да кажам дека поминавме еден навистина динамичен ден, исполнет со многу состаноци и средби што ги имавме на маргините на НАТО-самитот. Денеска, разговаравме со црногорскиот премиер, зборувавме со хрватскиот претседател, унгарскиот премиер, нормално тука би ги издвои и состаноците и средбите со италијанската премиерка Мелони, со шпанскиот премиер Санчез, кој беше заедно со мене, би рекол до мене на вечерата што ја организира претседателот на САД, Бајден, неговата сопруга Џил Бајден. Од она што исто така може да го издвојам се средбите со соседите, бугарскиот и албанскиот премиер“, рече премиерот Христијан Мицкоски.

„Можам да кажам дека испратив неколку пораки, од кои најважната е дека долго време регионот и Македонија како држава беа заложници на минатото. Потребно е да се фокусираме на иднината и она што следува во иднината. Да ја направиме Македонија повторно горда, но и да го направиме Балканот повторно горд. Да бидеме добри соседи, да се разбираме и да соработуваме. Тоа е она што го очекуваат граѓаните од нас и тоа е она на кое јас како претседател на Владата ќе бидам фокусиран во годините што следуваат.

Понатаму, би сакал да кажам дека втората порака што ја испратив е дека помина времето на свиткани ‘рбети, помина времето на корумпирани политичари што доаѓаат од Македонија и политичари што се подготвени од името да ја заштитат својата корупција и криминалот и да направат буквално сѐ. Да потпишат сѐ, да го прифатат секое понижување што ќе им биде понудено на маса, само да го заштитат својот криминал. Тоа време е веќе историја и минато. Мораме да зборуваме како вистински партнери, да зборуваме како соседи, бидејќи партнерството и добрососедството е двонасочна улица и ние сакаме тоа да го негуваме и само така да го гледаме.

Уште еднаш би сакал да ви посакам едно големо, Македонијо, ве сакаме, и бидете горди бидејќи навистина даваме сѐ од себе да го повратиме она изгубено достоинство што изминативе 7 години, за жал, го немавме, не се само овде во Вашингтон, туку насекаде во светот бидејќи нѐ претставуваа политичари, кои, за среќа на граѓаните, сега веќе се минато“, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.
Македонија
Ако не се реши проблемот со превозниците, ќе трпи цела Европа, порача Николоски од Загреб
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски порача дека доколку не се изнајде решение за проблемот со превозниците и електронската евиденција за престој и работа во шенген-зоната, тоа ќе претставува сериозен удар не само за македонската и регионалната економија, туку и за економијата во цела Европа.
Николоски денеска во рамки на работната посета на Загреб оствари средба со Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска, на која беше потенцирана клучната улога на транспортниот сектор во развојот на регионалната економија и негативните последици што би ги имале ограничувањата во работењето на превозниците од земјите од Западен Балкан.
Според Николоски, ваквата состојба претставува сериозна закана за економската стабилност и развој доколку не се изнајде соодветно решение во рамки на Европската Унија, со што професионалните возачи нема да се третираат како туристи или мигранти, туку како професионалци кои ја извршуваат својата работа.
На средбата беше разговарано и за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Николоски изрази надеж дека размената ќе продолжи да расте и дека во иднина може да достигне и до една милијарда евра.
Претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Буриловиќ, оцени дека економската соработка меѓу двете држави е добра и оти постои голем потенцијал за нејзино унапредување, особено преку директна соработка меѓу компаниите, како и преку развој на инфраструктурата, вклучително и железничката.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.

