Регион
Дроновите ја надлетуваат Грција, досега исплатени 350.000 евра за нелегалните лежалки
Официјалните лица неодамна суспендираа три нелиценцирани плажи поради поставување лежалки и работа без соодветен договор, соопшти Министерството за економија во Грција.
Властите истражија повеќе од 1.000 поплаки од јавноста на туристичките места, како што се островот Крф, полуостровот Халкидик и Атика, регионот околу Атина, во обид да се справат со прекумерниот туризам.
Минатата година Грција ја посетиле рекордни 33 милиони луѓе, пет милиони повеќе отколку во 2022 година.
Дроновите летаат над Атина за надзор, а се користат сателитски снимки и специјална апликација MiCoast, каде што луѓето може да го споделат своето искуство од плажа или да се пожалат.
Грците исто така може да се повикаат на земјишниот регистар за да пријават незаконско окупирање на плажите.
Според новите правила воведени во март, чадорите и лежалките мора да бидат оддалечени најмалку четири метри од морето. А на плажите што имаат помалку од четири метри песок не е дозволено изнајмување.
Повеќето казни се ограничени на лежалки и чадори што заземаат премногу простор на плажата, соопшти владата.
Како резултат на тоа, за пет дена беа издадени казни во вредност од речиси 350.000 евра, соопшти владата во понеделникот.
Грчката влада презеде акција кога локалното население на југоисточниот остров Парос почна протести, наречени „движење крпа“ барајќи слободен, неоптоварен пристап до морскиот брег.
Демонстрантите го осудија присвојувањето многу плажи од страна на деловните субјекти, кои поставуваат чадори и лежалки за изнајмување во текот на денот, некои и по многу високи цени.
„Нашата цел е да ги заштитиме животната средина и правото на граѓаните на слободен пристап до плажата и да го зачуваме нашиот туристички производ, како и здравото претприемаштво“, се вели во изјавата на министерот за економија, Костис Хацидакис.
Беспилотни летала ќе летаат над познатите острови Киклади и Додеканези, во близина на турскиот брег, во следните неколку дена за да ги означат можните прекршувања, пренесува „Метро“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

