Македонија
Средба Муцунски – Сијарто: Унгарија како претседавач со ЕУ ќе направи напори за забрзување на процесот на проширување на Унијата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со унгарскиот колега, Петер Сијарто, во рамки на НАТО Самитот во Вашингтон.
Како што соопштуваат од МНР, на средбата, министрите го потврдиле задоволството од развојот на одличната билатерална соработка, при што беше поздравен јубилејот – 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји. Воедно, беа истакнати заемните заложби за натамошен развој на секторската соработка, со посебен акцент на економијата, инвестициите и бизнис релациите.
Во фокусот на разговорите беше и европското досие на земјава, при што беше реафирмирана цврстата унгарска поддршка за наше полноправно членство во ЕУ. Муцунски изрази задоволство што меѓу приоритетите на претседавањето на Унгарија со Советот на ЕУ е токму проширувањето со земјите од Западен Балкан, што е споделен интерес за земјите од регионот и Унијата како целина.
„Високо ја цениме континуираната унгарска поддршка за нашиот евроинтегративен пат. Посветени сме на реформските процеси и силно се залагаме за забрзување на нашето присоединување кон ЕУ. Членството на земјите од Западен Балкан во Унијата нема алтернатива и ќе придонесе за зацврстување на целокупната регионална и европска стабилност”, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за сојузништвото во рамки на НАТО, потребата од продолжување на соработката меѓу двете земји во рамки на Алијансата, како и уверувањето дека Вашингтонскиот Самит, на кој се одбележува 75-годишнината од формирањето на Алијансата, ќе придонесе за зачувување на глобалниот мир и безбедност, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево време, утрински температури до -10 степени
Времето утре ќе биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен до силен северен ветер и наместа ќе има услови за провејување на снег. Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -4, а максималната ќе достигне од -3 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, претежно сончево и студено со умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Во четврток и во петок ќе се задржи студено време со минимални температури кои насекаде ќе бидат негативни, а локално ќе се спуштат и под минус 10 степени.
Од петок и во деновите потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи, претежно од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурите ќе биде во пораст.
Македонија
УЈП најави привремен прекин на електронските услуги од 16 часот
Управата за јавни приходи ја известува јавноста дека денеска, 30.12.2025 година, со почеток од 16:00 часот, ќе има привремен прекин во функционирањето на електронските услуги кои Управата (УЈП) ги нуди кон даночните обврзници.
Се очекува прекинот да трае до доцните попладневни часови, по што услугите повторно ќе бидат достапни.
Управата за јавни приходи ги замолува даночните обврзници за разбирање.
Македонија
Владата го усвои предлог Законот за јавно обвинителство
Владата на денешната редовна 140 седница го усвои Законот за јавно обвинителство, како еден од клучните чекори во спроведувањето на реформската агенда од Областа 5 – Фундаментални вредности, со посебен фокус на владеењето на правото.
„Донесувањето на овој закон претставува значаен исчекор во зајакнувањето на независноста, ефикасноста и отчетноста на јавното обвинителство, како столб на правниот систем и гарант за заштита на јавниот интерес. Законот е резултат на сеопфатен процес на анализа, консултации и усогласување со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики“, се наведува во соопштението од Владата.
Од таму појаснуваат дека со новото законско решение се воведуваат измени во постапката за избор на Јавен обвинител на Република Северна Македонија, со јасно дефинирани критериуми и механизми кои обезбедуваат транспарентен, инклузивен и мерит-системски пристап при изборот на најквалитетните кандидати. Во законот се вградени релевантните препораки, со цел процесот да биде ослободен од политички влијанија и заснован исклучиво на стручност, интегритет и професионален кредибилитет.
Дополнително, законот предвидува прецизни и обврзувачки рокови за постапките за избор, унапредување и се воведува принцип на категоризација на дисциплинска одговорност на јавните обвинители, што придонесува за поголема правна сигурност, предвидливост и функционалност на системот, а воедно и поголема одговорност на самите јавни обвинители. На овој начин се зајакнува довербата на граѓаните во институциите и се воспоставува појасна одговорност во работењето на обвинителството.
„Владата останува цврсто посветена на реформите во правосудството како приоритет од највисок јавен интерес и како неопходен предуслов за напредокот на државата на европскиот пат. Усвојувањето на Законот за јавно обвинителство е конкретен доказ за определбата да се градат силни, независни и професионални институции, во служба на граѓаните и владеењето на правото“, се наведува во соопштението.

