Култура
„Ефтеркланг: Македониум бенд“ го преполни паркот на МКЦ на отворањето на „Синедејс“
Пред полното гледалиште во паркот на МКЦ, со македонската премира на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, во режија на Андреас Јонсен и во продукција на МКЦ, Rosforth и Rumraket и концертот на „Ефтеркланг: Македониум“ синоќа беше отворен 23. меѓународниот фестивал на европскиот филм – „Синедејс“.
Музичкиот документарен филм, кој се снимаше во текот на април 2023, претставува музичко патешествие на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел составување голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум“ во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.

Премиерата на филмот се одржа на 23 март 2024 во рамките на CPH:DOX и беше проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, во кој членуваат 22 македонски музичари. Филмот ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин преку патувачка турнеја низ Македонија.
Младинскиот културен центар се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект. Покрај бендот „Ефтеркланг“, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.

Реализацијата на филмот е поддржана од страна на Министерството за култура на РС Македонија со 250.000 денари, потоа Данскиот уметнички совет и програмата Culture Moves Europe на Европска Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавен англискиот превод на научнофантастичната новела „До_адната книга“ од Стефан Марковски
Деновиве на Амазон, Bookshop.org, Palace Marketplace, Odilo, cloudLibrary, Borrow Box и други книжевни платформи беше објавена научнофантастичната новела „До_адната книга“ со апсурдистичко-сатирични и експериментални книжевни елементи од Стефан Марковски, која минатата година ја доживеа и својата објава на македонски јазик.
Новелата, со англиски наслов „The Bo®ing Book: A Sci-Fi Satire about the Art of Whatever Meaning Can Be“, има динамично дејство кое се развива низ повеќенасочна, сложена и нелинеарно структурирана композиција, подлегнувајќи на постојани и тешко предвидливи пресврти, кои освен што ја одразуваат повеќеслојноста на самата реалност, ја наоѓаат својата улога и како дел од експериментот кој е и централна тема.
Една од главните области на овој истражувачки експеримент е развивањето спефицични облици на вештачка интелигенција чијашто цел, покрај другото, е и проучувањето на досадата, наспроти афинитетите и допаѓањата, со цел подлабинско и посеопфатно разбирање на човекот и човечкото преку уште една негова одлика.
Книгата има 134 страници и е достапна во печатена и електронска верзија, вклучувајќи тврд и мек повез, како и Киндл формат.
Култура
Промоција на романот „Годините“ од француската нобеловка Ани Ерно
В сабота (1. ноември) ќе се одржи промоцијата на романот „Годините“ (2025, Илика) од француската нобеловка Ани Ерно во бифето на Младинскиот културен центар со почеток од 19:00 часот. Книгата ќе ја промовираат и за неа ќе разговараат Андријана Папиќ Манчева, преведувачката на романот, Ведран Диздаревиќ, уредникот на изданието, и Катерина Шекутковска, главната и одговорна уредничка на издавачката куќа „Илика“.
Покривајќи го периодот од крајот на Втората светска војна, па сѐ до почетоците на XXI век, романот „Годините“ претставува уште едно нурнување на Ани Ерно во сликите на сопствените сеќавања и обид да се прикаже врската помеѓу два речиси еднакво недофатливи ентитети: субјективното „јас“ кое живее и пишува и објективното „таа“ врз коешто историјата го втиснува својот груб печат.
Ја опишуваат како бестрашно искрена книга, со која животот на Ерно се трансформира во историја, а сопствените спомени во колективна меморија на една генерација. Притоа, може да се гледа како еден вид „Во потрага по загубеното време“ на Пруст преосмислена за нашето време на доминација на медиумите и на консумеризам, за нашиот период на фетишизам на апсолутното удопство.
Со „Годините“, Ерно востановува еден нов вид на автобиографско пишување – жанр што американскиот писател Едмунд Вајт парадоксално го нарекува „колективна автобиографија“. Истовремено субјектива и имперсонална, авторката си задава една нескромна задача – безмалку да ги прикажеживотот и времињата на една цела генерација.
Ани Ерно (Лилбон, 1940) е француска писателка и добитничка на Нобеловата награда за литература во 2022 година, за (како што изјави комисијата) „храброста и клиничката острина со која ги открива корените, отуѓувањата и колективните ограничувања на личната меморија“. Нејзината авторска кариера трае повеќе од педесет години и има објавено повеќе од дваесет романи на најразлични теми. Покрај тоа што има добиено ред награди, има извршено и длабоко влијание на следните генерации француски писатели, особено врз Дидје Ерибон и Едуар Луј.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.

