Македонија
Јаневска: Охрид добива модерно средно стручно училиште, во кое инвестираме 110 милиони денари

Охрид добива модерно средно стручно училиште. Во Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошевски“ имаме прилично голема инвестиција од речиси 110 милиони денари, со кои целосно се реконструираат објектот и ученичкиот дом во состав. Најавувам дека почнуваме и постапка за набавка на нова опрема, каква што прилега да се постави во овој објект, односно нови клупи, столчиња, плакари и сето она што е потребно за нормално работење на кадарот и за квалитетно следење на наставата. Ова го истакна министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, која заедно со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, денеска посети неколку основни и средни училишта во општината, каде што се реализираат инфраструктурни инвестиции.
„За жал, овде предолго траат градежните работи поради недоволна грижа и посветеност на претходното раководство и затоа една од моите први задачи кога дојдов во Министерството беше да видиме каде е застојот и кои се причините, да ги забрзаме тука активностите и што побргу училиштето да биде трансформирано во модерна установа што ќе ги стимулира младите да избираат стручно образование и добро ќе ги подготвува за настап на пазарот на трудот“, рече Јаневска додавајќи дека во согласност со договорот и комуникацијата што ја имале со изведувачот сите преостанати работни активности ќе завршат до средината на следниот месец.
Министерката информира дека МОН има инвестиција и во основното училиште „Св. Наум Охридски“ во Пештани, каде што со 8 милиони денари се изврши поставување енергетски ефикасна фасада и се адаптира тоалет за ученици со посебни потреби.
„Набргу ќе ја опремиме и спортската сала во училиштето, со сите оние реквизити неопходни за повеќе популарни спортови – фудбал, кошарка, одбојка, ракомет, гимнастика… Значи, ќе набавиме кошеви, голови, мрежи за одбојка, клупи, топки и така натаму и тоа ќе биде завршено до крајот на тековната година, како што предвидува веќе склучениот договор“, нагласи министерката.
Инфраструктурата е значаен услов за квалитетна настава и затоа новата Влада ќе се заложи за зголемување на инвестициите во нови училишта и реконструкција и опремување на постојните, еднакво во сите општини, рурални и урбани средини, каде што ќе биде нотирана потреба од вложувања, а во согласност со буџетските можности, кои, рече Јаневска, планираме постепено да растат.
„Веќе најавив дека во првите 100 дена од мандатот ќе излеземе со детаљна анализа каде и во кои училишни објекти во државата има потреба да се вложува и ќе направиме конкретен план со инвестиции и рокови за постапување“, додаде министерката за образование и наука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ертракторите дејствуваат врз пожарите кај Преспанското езеро и Желино: „Нема опасност по куќите“

Еден ер трактор на ДЗС полнејки вода од езерото успешно дејствуваше во повеќе налети врз пожарот до Преспанско езеро додека вториот ер трактор врз пожарот кај Желино и Еребино, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спсување, Стојанче Ангелов.
Полицискиот хеликоптер дејствува врз пожарот во прилепско околу селата Штавица, Чумово, Волково и Прилепец. Кон овие села се упатува и еден армиски хеликоптер.
Ангелов уверува дека нема опасност по куќите и други објекти, на терен има доволно противпожарни екипи како и локално население.
Македонија
Сиљановска-Давкова го прими мароканскиот министер за надворешни работи

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими Насер Бурита, министер на Кралството Мароко за надворешни работи, африканска соработка и марокански иселеници, кој престојува во официјална посета на земјава.
Според неа, Мароко, како една од водечките земји во МЕНА регионот е природен политички и економски мост меѓу Европа и Северна Африка, со клучна улога во регионалната стабилност и просперитет, како и во гарантирањето меѓународен мир и безбедност.
Министерот Бурита, во својата прва официјална посета на македонската држава, препознава почеток на нова ера во градењето меѓусебни односи.
Сиљановска-Давкова ја истакна важноста од меѓусебната соработка во меѓународните организации, а особено во рамките на ОН, Меѓународната организација на франкофонијата, како и во Унијата за Медитеранот.
За соговорниците, Билатералниот договор за културна соработка, којшто владите го потпишаа во декември минатата година, ќе го продлабочи меѓусебното разбирање и почит.
Мароканскиот министер изрази подготвеност за стратешка соработка во сферата на енергијата.
Тој, во името на мароканскиот крал, ѝ упати покана за посета на Кралството Мароко.
Македонија
Од денеска во Охрид заеднички патроли на македонските и српските полициски службеници

Денеска (21.07.) во Охрид отпочнаа со функционирање заедничките полициски патроли составени од полициски службеници од македонското и српското Министерство за внатрешни работи.
Патролите се реализираат врз основа на потпишаниот Протокол за соработка во текот на летната и зимската туристичка сезона на двете Министерства според кој, предвидено е заеднички патроли да патролираат низ Охрид секојдневно во текот на сезоната од 20 јули до 31 август.
„Она што посебно е карактеристично за оваа соработка е дека целта на заедничките патроли не е само зголемување на степенот на размена на искуства помеѓу полициските службеници од двете министерства, туку многу повеќе излегување во пресрет на граѓаните со цел задоволување на нивните потреби од безбедносен аспект како и обезбедување други сервисни потреби. Полицајците од Србија нема да имаат полициски овластувања и при реализација на полициската работа на терен ќе бидат обврзани да постапуваат во согласност со националното законодавство на РСМ, нема да го носат службеното оружје и ќе даваат само поддршка на полициските службеници од Охрид“, велат од МВР.
Српските полицајци пред стапувањето на работната задача детално биле запознаени со законотите во земјата.