Македонија
Со приватни детски градинки ќе се продлабочат класните разлики, порача Левица
Десничарската логика на Владата предводена од ДПМНЕ и ЗНАМ вели дека профитот на олигаргијата која пенетрира во партиските штабови е многу поважна од воспитно-образовниот процес којшто го добиваат најмладите, велат од Левица. Предупредуваат дека најавата од Владата предводена од ДПМНЕ и ЗНАМ за отворање на приватни градинки ќе ги продлабочи класните разлики во капиталистичкото општество и ќе започне да го дели општеството уште од најмала возраст.
„Ветувањето за нови градинки во секоја општина кое го најави ДПМНЕ на локалните избори, не само што не е остварено, туку од позиција на веќе апсолутна власт одлучува да спроведува политика што ќе го уништува социјалното уредување на државата, на сметка на родителите и децата, во насока на профит на блиската при себе – олигархија. Растеретување на државните капацитети во градинките и овозможување достојна грижа за децата е државна обврска од која не смее да се отстапи“, велат од Левица.
Посочуваат дека е лага решавање на проблемот со отворање на приватни детски градинки. Според оваа политичка партија, решението е едноставно, а тоа е отворање на нови државни капацитети, согласно демографските потреби на децата и водење на воспитно-образовниот процес од страна на стручните, наместо партиските кадри.
„Левица принципиелно се бори за она што припаѓа во сферата на јавното добро и социјалната држава и истото, исклучително, треба да биде обезбедено од страна на државата! За подобар воспитно – образовен систем се потребни политичка волја и здраворазумна политика, а решенијата за спроведување и надминување на ваквите проблеми се едноставни. Секоја политика во насока на приватизација на оваа сфера од општественото живеење е еднаква на варварство. Стоп за приватните градинки“, порачаа од Левица.
Нивниот став е дека приватни градинки нема да бидат решение посебно во руралните средини оти приватните инвеститори се водени исклучиво од профит и логично е да инвестираат само во густо населените места, со што ќе се направи и демографско раслојување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ахмети за Денот на албанската азбука: Мора да го браниме албанскиот јазик
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети на сите Албанци им го честита 22 ноември, денот на Конгресот во Битола и азбуката на албанскиот јазик.
„За мене денеска е ден на албанскиот јазик, не само денот на азбуката на нашиот свет јазик и на конгресот во Битола. Мора да го негуваме и промовираме нашиот древен јазик, да се здружиме и да се ставиме во првите редови на напорите да го заштитиме од секојдневните напади. До вчера работевме на унапредување на употребата на нашиот јазик, а денес сме во позиција да го штитиме постигнатото. Националното прашање, јазикот, знамето, унијата и интеграцијата бараат посветеност од мажи и жени-идеалисти и мисионери“, рече Ахмети кој е во Швајцарија.
Македонија
Стоилковиќ го честита Денот на албанската азбука: Македонија е пример за заедништво, почит и заемно разбирање
Вицепремиерот и министер Стоилковиќ објави честитка по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука.
„Овој ден е потсетник за богатството на различностите и за важноста на зачувувањето на јазичните и културните вредности на сите етнички етнички заедници кои живеат во земјава. Потсетник дека РС Македонија и понатаму, и покрај фактот што живееме во едно комплексно време, останува пример за заедништво, почитување и заемно разбирање меѓу граѓаните, па затоа чествувајќи го Денот на албанската азбука уште еднаш ја потврдуваме посветеноста кон негувањето на соживотот во мултиетничкото и мултијазичното општество.
Јазикот е моќна алатка и идентитет на еден народ. Тој е сеопштиот сврзен елемент на сите човечки култури. Алатка која обединува и овозможува напредок, но во исто време и потсетник дека и покрај разликите делиме иста судбина и мораме да градиме заедничка иднина. На сите припадници на албанската заедница им го честитам Денот на албанската азбука“, се вели во честитката.
Македонија
И средношколците ќе протестираат поради јавниот превоз во Скопје
Сојузот на средношколците го поддржува и ќе учествува на денешниот протест посветен на решавање на проблемот со недостигот на јавен превоз во Скопје.
Протестот ќе почне во 14 часот пред старата пошта во Скопје по што учесниците ќе се упатат кон Град Скопје, каде што протестот ќе продолжи од 14.30 часот.
„Овој сериозен проблем особено ги засега средношколците правејќи го секојдневното патување до училиштата во градот сè потешко. Како млади луѓе, кои директно се засегнати, бараме итни и одржливи решенија за враќање на јавниот превоз и обезбедување еднаков пристап до образование за сите ученици“, велат од Сојузот на средношколците.
Се додава дека Сојузот останува посветен на застапување на правата и потребите на учениците и обезбедување дека гласовите ќе бидат слушнати за прашања што ги засегаат нашето образование и секојдневен живот.