Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Антикорупциската комисија да отвори случај за хациендата на Славјанка Петровска
ДКСК да не чека и да отвори случај за хациендата на Славјанка Петровска, нека почне со прашањето зошто сметките за струја и вода се на татко и, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Во 2019 година, цели 10.000 евра изнесуваат неплатените сметки на таткото на Петровска за струја, ако таа не е нејзина, тогаш зошто не се обратила до ЕВН долгот да не се тарифира на татко и? Или пак Петровска е толку дарежлива што прифаќа долг од други лица, и тоа ни повеќе ни помалку туку од 10.000 евра.
Хациендата на Петровска не само што не е пријавена и таа ја крие, туку е и дивоградба.
Ако Петровска тврди дека ја продала хациендата, а не ја засолнила на туѓо име, тогаш нека каже каде се парите од купопродажбата и зошто не се наведени во нејзиниот анкетен лист.
Според катастарските снимки јасно се гледа дека во моментот кога Петровска тврди дека го продала земјиштето, таму постоела хациендата. Значи не може да станува збор за продажба на земјиште, туку најмалку на целата хациенда, а ако тоа е така и ако не е само фиктивно префрлена сопственоста нека ги покаже парите од трансакцијата и дали ги пријавила.
Што и да каже Петровска не може да се вади, фатена е во дубиози и одговорност мора да има“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

