Економија
Николоски: Имаме добра соработка со Светската банка, нудиме многу проекти за граѓаните и модернизација на инфраструктурата
Урбан развој на општините и подобрување на локалната економија е еден од приоритетите на Владата, истакна заменик на претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на средбата со Шаошинг Ју, директорка на Светска банка за Западен Блакан и Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска Банка за Македонија и Косово.
Министерот Николоски потенцираше дека Владата преку Министерството за транспорт го започнува најголемиот инвестициски циклус во развој и модернизација на целокупната инфраструктурата.
Според министерот, инвестициите во капитални добра носат дополнителен бенефит за граѓаните и ја стимулираат економијата на државата.
На средбата со претставниците од Светска Банка се разговараше и за реализација на инфраструктурните проекти што се реализираат токму со финансиска поддршка од Банката.
Министерот го потенцираше проектот “Олеснување на транспортот и трговијата за Западен Балкан” преку кој во скоро време ќе започне реконструкција на граничните премини Ќафасан и Деве Баир.
Исто така во рамки на соработката со Светска банка се посочи и проектот за воведување на едношалтерски систем преку кој ќе се зголеми ефикасноста во работењето на сите гранични премини.
Министерот изрази благодарност за досегашната соработка посебно во делот на изградба и реконструкција на локалните улици и патишта како клучен проект за урбан развој на општините и подобрување на безбедноста во сообраќајот.
„Светска банка е долгогодишен партнер на Македонија. Имаме одлична соработка особено за проекти во ресорот со кој раководам. Во следниот период ќе реализираме сериозни инфраструктурни проекти предвидени во владината програма за работа и таму кај што ќе имаме обостран интерес би можеле да ја зголемиме соработката со Банката. Нашата цел е на граѓаните да им овозможиме квалитетна и безбедна инфраструктура бидејќи парите што тие ги даваат во буџетот мора разумно да ги инвестираме во издржани проекти”, истакна министерот Николоски по средбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Агенцијата за поддршка на претприемаштво го додели признанието за најдобар ментор за 2023 година
Во рамките на Европската недела на претприемаштво, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото успешно го реализира настанот Mentor Awards 2023, кој се одржа како дел од активностите на програмата „Стандардизирани менторски услуги“.
Настанот поддржан од Јапонската агенција за меѓународна соработка – JICA имаше цел да ја истакне важноста на мисијата на менторите во унапредувањето на работењето на македонските мали и средни претпријатија.
Добитник на наградата за најуспешен ментор за 2023 година е Неби Јусуфи од Регионалниот центар во Тетово, кој се истакна со својата експертиза, посветеност и позитивно влијание врз корисниците и со својата работа постигна значајни резултати. Најдобриот ментор за минатата година го избра жири составено од ментори.
На настанот менторите од шесте регионални центри имаа можност да презентираат по еден значаен пример на спроведена менторска услуга во нивниот регион. Во рамките на Mentor Awards 2023, во согласност со методологијата за спроведување стандардизирани менторски услуги во мали и средни претпријатија за периодот 2024 – 2029, Агенцијата ѝ додели овластување за инструктор за обука во пракса на Евгенија Лисичова, а на Никола Димковски (комуникациски вештини) и Тони Цветановски (управување со човечки ресурси) им додели овластување за обучувачи за теоретска настава.
Овие овластувања претставуваат важен чекор во создавањето на генерација квалификувани обучувачи, кои ќе го пренесуваат знаењето и искуството за унапредување на претприемништвото во земјата. Настанот ја потврди важноста на менторството како клучен фактор за успехот на македонските компании. Менторите, преку спроведување на стандардизираните менторски услуги, го ставија во функција своето долгогодишно знаење, обезбедувајќи насоки за развој, раст и одржливост на корисниците на овие услуги.
Претходниот ден, тим од Агенцијата за поддршка на претприемништвото предводен од в.д директорката Даниела Димовска оствари плодна средба со претставници на невладини организации кои работат во областа на економијата, претприемништвото и иновациите. Беа разменети мислења и идеи и беа поставени основи за идна соработка и за поддршка и развој на претприемничките иницијативи.
Покрај тоа, во текот на Европската недела на претприемништвото, Агенцијата реализираше низа активности со цел да го истакне значењето на претприемништвото и да обезбеди поддршка за младите и бизнис заедницата. Беа спроведени посети во средните училишта „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Лазар Танев“, при што учениците имаа можност да се запознаат со основните принципи на претприемништвото и програмите и мерките кои ги нуди Агенцијата, а беа организирани и работилници за поддршка на младите претприемачи, каде што беа презентирани успешни претприемачки модели и стратегии.
Како дел од одбележувањето, претставници од Агенцијата ги посетија и фирмите „Винарија чифлик“ од Битола и СВАРОГ од Прилеп, компании кои се и корисници на мерката менторство што ја спроведува Агенцијата со цел да ја истакнат важноста на поддршката за мали и средни претпријатија и да ги охрабрат во нивниот понатамошен развој.
Со овие активности АППРМ потврди дека е клучен партнер во развојот на претприемаштвото во земјата обезбедувајќи платформа за инспирација, поддршка и промоција на нови иницијативи, кои ќе ја зајакнат економијата и ќе ја подготват следната генерација успешни претприемачи.
Економија
Еврото падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот
Еврото денеска падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот откако најновите податоци покажаа дека деловната активност во еврозоната нагло паднала во ноември.
Според податоците на берзата, европската заедничка валута во еден момент се тргуваше по 1,0399 долари, што е најниска вредност од декември 2022 година, пренесува CNN (CNBC).
Глобалната агенција S&P објави дека композитниот индекс во еврозоната паднал од октомвриските 50 поени на 48,1 поени.
Економија
Во октомври годишен раст од 11,0 отсто на вкупните депозити и од 9,2 отсто на вкупната кредитна поддршка
Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,0%, којшто произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,2% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на следниот линк.