Македонија
МОН и УНДП ќе продолжат да ги унапредуваат политиките за обезбедување можности за образование за сите
Министерството за образование и наука и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ќе ја продолжат добрата соработка во областа на образованието со особен фокус на обезбедувањето квалитетна поддршка за учениците со попреченост, како и образованието на возрасните.
Ова беше потврдено на денешната средба помеѓу министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Армен Григорјан, на која соговорниците разговараа за тековните состојби во образованието, отпочнатите и планираните активности во насока на подигнување на стандардите на услугите за граѓаните.
Министерката Јаневска напомена дека промени веќе се случуваат во сите сегменти на образованието, додека пак, Григорјан потврди дека УНДП ќе продолжи да обезбедува поддршка за проектите кои заеднички се реализираат, а ќе се заложат и за стимулација на младите за избор на образование во т.н. СТЕМ области (наука, технологија, инженерство и математика).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Kисела Вода добива нова градинка во Расадник
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски заедно со премиерот Христијан Мицкоски, заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и директор на ЈДГ “8 Март”, Силвана Савовска денес поставија камен темелник на нова градинка во населбата Расадник со капацитет за 120 деца.
Со изградбата на оваа и завршувањето на објектот „Верверичка“ и градинката во Потстаница, чија изградба е во процес, Кисела Вода целосно ги затвора листите за чекање за упис во градинка, а ќе може да прими и деца од други општини.
„Денес е значаен ден за нашата општина. Со огромна гордост и задоволство го означуваме почетокот на изградбата на новата детска градинка, тука, во Расадник, која ќе може да прими 120 дечиња. Меѓу нив, ќе има место и за најмладите, бидејќи во објектот кој ќе се протега на површина од 795 квадратни метри, со 6 занимални, од кои две се за јасли, што значи исполнување на едно огромно барање на жителите на Расадник. Вредноста на овој капитален проект е 35 милиони денари. Она што сакам да го нагласам е дека со завршувањето на изградбата на овој објект, листите на чекање во градинката “8 Март” целосно ги затвораме. Едновремено, ќе потсетам дека од почетокот на мојот мандат, со наследена листа на чекање со 450 деца, во изминатите три години вложивме во отворање на две нови детски градини и проширување на капацитетите и обнова на дури седум други објекти. Со тоа, во општина Кисела Вода, сега за упис чекаат само околу 40 деца. Во моментов, во завршна фаза е изградбата на градинката „Верверичка“, во близина на општинската зграда, а веќе сме во процес и за изградба на нова градинка во населбата Потстаница. Со завршувањето на овие објекти, вклучително и денешниот, нема само да ги елиминираме листите на чекање, туку ќе обезбедиме поголем простор, комфор и подобри услови за децата од Кисела Вода, а ќе имаме можност да примаме и дечиња од други општини. Сакам искрено да се заблагодарам на Владата на Република Македонија и на Премиерот Христијан Мицкоски за инвестициите и заложбите во сите сфери на општественото живеење кои и на локално ниво значат огромен напредок за секоја заедница. Ова е потврда дека само со заеднички напори можеме да постигнеме трајни резултати“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, упатувајќи благодарност и надеж за успешна соработка и со Министерството за труд и социјална политика и министерот Лимани и зам. министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, со кои, рече дека силно верува дека делат заедничка благородна цел- со иста посветеност, да создаваат услови за посреќно и безгрижно детство на нашите најмлади.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски му честиташе на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за посветената и неуморна работа што ја прави секојдневно во Кисела Вода, како и на сите советници, пратеници, директори, административни служби кои се дел од големите проекти во интерес на граѓаните. Најави нов инвестициски бран во општините кој ќе се одвива во февруари.
„Проектите како оваа градинка, се прават за најмладите, за оние на кои им е потребно, своите најрани години да ги поминуваат во објекти каков што е овој. Тој според рокот ќе биде готов за две години, но убеден сум дека ќе биде и порано. Ние продолжуваме да инвестираме на цела територија на Македонија. Продолжуваме и понатаму, како Влада преку оној проект за децентрализација, од буџетски средства кон општините, да инвестираме на цела територија на Македонија. Веќе неколку проекти во Кисела Вода се потпишани во оној прв бран, сега во февруари ќе има уште еден, втор бран проекти кои ќе бидат потпишани и на тој начин ја заокружуваме онаа инвестициска активност за оваа и за следната 2025 година, по што, веќе почнуваме да правиме планови за следната 2026-та година. Импресионира посветеноста на градоначалниците, чекор што го поздравувам и ги повикувам и понатаму да бидат дел од проектите кои ќе ги финансира Владата“, изјави Мицкоски.
Македонија
Кривична пријава за поранешниот министер за култура Исмаили, го општетил буџетот за половина милион евра
Финансиската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот министер за култура Хусни Исмаили, поради сомнеж за несовесно работење во службата.
Од Финансискат полицијаа велат дека во својство на министер, тој на 24 јули 2020 година, несовесно постапил на начин што потпишал решенија и склучил договори со правни и физички лица за финансирање на проекти во вкупен износ од 31.824.000 денари, иако бил свесен дека со извршениот ребаланс на буџетот од страна на Владата од 15 мај, истата година, недостасуваат финансиски средства за веќе преземените тековни обврски во однос на годишните конкурси за финансирање на проекти.
Со тоа, пријавениот предизвикал штета на Буџетот на министерство за култура по основ потпишани решенија и склучени договори во износ од 31.824.000 денари или 517.196 евра.
Исмаили ја извршуваше министерската функција во период од една година, а дојде од редовите на политичката партија „Беса“.
Македонија
ДУИ: Скандалозни изјави на Таравари за заробување на државата со политички конструкции
Демократската унија за интеграција остро реагира на денешните скандалозни изјави на Арбен Таравари за наводни истражни процеси креирани, режирани и оркестрирани од Владата против политичките противници, соопштијка од партијата.
„Вакви изјави со прогонителски политички конструкции во минатото даваа и други членови на Владата без етнички легитимитет, со што ја презедоа улогата на сценарист, истражител, обвинител и судија. Овие закани со конструкции и политички прогон, како и притисоци врз истрагата и обвинителството никого не плашат, туку ја покажуваат скандалозната и неприфатлива тенденција на практикување на заробена држава од власта. ДУИ поддржува неселективното владеење на правото и бара меѓународно следена проверка на сите носители на политички функции“, велат од партијата.
Според ДУИ, сите нелегитимни албански експоненти во Владата континуирано се прозивани за големи коруптивни афери од страна на ВМРО ДПМНЕ и нивниот кредибилитет е нула во однос на доброто владеење, напротив мора да сносат одговорност за нивните злоупотреби.
Од партијата на Ахмети оценуваат дека сите овие изјави ги читаат Брисел и Вашингтон затоа што не оддалечуваат од владеењето на правото и европските вредности и ги враќаат застарените времиња на конструкции со политички лов на вештерки.