Економија
Анхоч го отвори најексклузивниот продажен салон за ИТ, гејминг и аудио опрема во Македонија
Најголемата македонска ИТ компанија Анхоч го отвори својот најнов, модерен продажен салон – Анхоч Дискавери (Anhoch Discovery) во Рамстор Мол во Скопје.
Овој салон на 500 квадратни метри ќе стане вистински рај за сите љубители на ИТ, гејминг и аудио опрема, рекоа претставниците на компанијата на отворањето.
На свеченото отворање присуствуваа стотици посетители кои ги видоа новитетите што ги нуди Анхоч Дискавери.

Анхоч докажа зошто е лидер во ИТ секторот, претставувајќи продажен салон со врвен, современ дизајн.
Новиот салон не само што е најголем и најексклузивен, туку е и опремен со иновации кои го прават уникатен.
Автоматските електронски цени, базирани на еколошки принципи, се само дел од новитетите кои Анхоч ги применува во своите продажни простори.
Анхоч Дискавери располага со посебна гејминг зона и аудио соба, дизајнирани да ги задоволат сите вкусови и потреби.

Гејминг зоната беше магнет за младите, кои ги тестираа најновите гејминг уреди од светските брендови.
Исто така она што можеше да се забележи во најновиот Анхоч продажен салон беше и ексклузивниот Нинтендо штанд кој со огромно задоволство ни го испрезентираа.
На ова место ќе можете да пробате една од трите игри: Super Mario Bros Wonder, Mario 3D World + Bowsers Fury, како и легендарната Mario Kart 8 Deluxe! И тоа на Nintendo Switch OLED.
Штандот е официјално поддржан од Nintendo EU и е наменет да го доведе Nintendo брендот поблизу до купувачите во Македонија.

Анхоч како овластен продажен партнер на Nintendo, создава место каде што не само што ќе може да се искуси оваа фантастична конзола, туку и да може да си го надградите свич-от, со еден од официјалните додатоци по најповолни цени.
Дополнително, за аудиофилите, аудио собата беше вистинско уживање, нудејќи им шанса да ја искусат моќта на најразлични звучници и аудио системи во пријатен амбиент.
Анхоч продолжува со својата посветеност кон професионалната услуга и широката понуда на квалитетни производи.
Задоволството на клиентите е приоритет на компанијата, што се потврдува со секој нов чекор што го преземаат.
Анхоч Дискавери (Discovery) е уште еден доказ за тоа, нудејќи им на клиентите единствено искуство и врвна услуга.

Анхоч е најголемата Македонска ИТ компанија со 30 годишно присуство на пазарот.
Со 20 продажни локации и повеќе од 150 вработени низ цела Македонија, компанијата продолжува да го диктира темпото во ИТ секторот, нудејќи најголем избор на лаптопи, таблети, смартфони и останата ИТ опрема.
Анхоч Дискавери е новиот стандард за ИТ, гејминг и аудио опрема во Македонија.
ПР текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,59% во однос на одлуката од 29.10.2025 година.
Од 31.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,057 (денари/килограм)
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,480%, кај дизелот за 1,760%, кај екстра лесното масло за 5,965% и кај мазутот зголемувањето е за 3,830%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,0496%
Економија
СДСМ: Предлог-буџетот за 2026 година е признание за економската неспособност на Владата
Предлог-буџетот за 2026 година е признание за економската неспособност на Владата, велат од СДСМ.
„По усвојувањето на Предлог-буџетот за 2026 година СДСМ изразува сериозна загриженост за насоката по која се движи фискалната политика и нејзините последици врз граѓаните и стопанството. Наместо ветената „строга фискална дисциплина“, Владата предлага дефицит од 3,5% од БДП и со тоа повторно директно го прекршува фискалното правило утврдено во Законот за буџети, кое поставува лимит од 3%. Не станува збор за дисциплина, туку отстапување од законската рамка што ќе ја платат граѓаните и економијата. Особено е проблематично што Владата буџетската рамка од 374,7 милијарди денари приходи и 413,9 милијарди денари расходи ја нарекува „развојна“, а истовремено ги намалува капиталните инвестиции. Со предлог-буџетот за 2026 година тие се планираат на 40,5 милијарди денари – речиси 7 милијарди помалку од 47,3 милијарди денари кои беа утврден со ребалансот за 2025 година“, велат од партијата.
Од СДСМ велат дека на денот на усвојување на предлог-буџетот, реализацијата на капиталните расходи изнесувала само 44,94%. „Со екстремно слаба реализација, тврдењето дека „капиталните проекти ќе бидат главен двигател на растот во 2026 година“ е контрадикторно и признание за неспособност“, смета СДСМ.
Проекцијата за раст на економијата (БДП) од 3,8%, велат од СДСМ, дополнително ја разоткрива суштината на промашените фискални политики на Владата.
„Станува збор проекција базирана на потрошувачка, поддржан со најавено зголемување на плати и пензии. Кога ова се случува во услови на намалени капитални расходи и во отсуство на структурни реформи, тогаш оправдано се поставува прашањето: дали се најавува уште една година во која економските промашувања се маскираат со краткорочни, популистички потези? Оваа буџетска стратегија за наредната година нема да донесе корист ниту за граѓаните, ниту за стопанството, затоа што ова ќе значи повисоки трошоци за камати, ново задолжување, притисок врз даночната база и истиснување на продуктивните инвестиции. Загрозената продуктивност на стопанството ќе донесе само повисоки цени на услуги и производи, односно намалена можност за реално зголемување на животниот стандард на граѓаните. Зголемените платите и пензиите ќе потонат во растечката месечна потрошувачка за основните животни потреби. Со Предлог-буџетот за 2026 година Владата не нуди развој, туку маска за економски промашувања“, обвини СДСМ.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот надвор од Русија на шведски милијардер
Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ соопшти дека прифатил понуда од глобалниот трговец со енергија „Гунвор“ да го купи целиот негов странски имот. Потегот на втората по големина руска нафтена компанија е директен резултат на санкциите што ги воведе Вашингтон минатата недела, објави „Ројтерс“.
Планираната продажба е најзначајниот чекор досега преземен од руска компанија како одговор на западните санкции воведени поради војната во Украина, која почна со руската инвазија во 2022 година.
„Лукоил“ потврди во соопштение дека ја прифатил понудата на „Гунвор“ да ја продаде „Лукоил интернешнл ГмбХ“, која управува со сите странски средства на нафтениот гигант.
„Клучните услови на трансакцијата беа претходно договорени меѓу страните. Од своја страна, „Лукоил“ ја прифати понудата обврзувајќи се да не преговара со други потенцијални купувачи“, соопшти „Лукоил“.
„Гунвор“, во мнозинска сопственост на шведскиот милијардер Торбјорн Тернквист, исто така потврди дека е во преговори со „Лукоил“ за можна аквизиција.
Министерството за финансии на САД издаде дозвола со која им се дава рок на компаниите до 21 ноември да ги завршат сите трансакции со „Лукоил“ и „Роснефт“, уште една руска енергетска компанија погодена од нова рунда санкции.
„Гунвор“ доби популарност во 2000-тите како најголем трговец со руска нафта во светот. Меѓу неговите акционери во тоа време беше Генадиј Тимченко, близок соработник на Владимир Путин, кој го продаде својот удел кога САД му воведоа санкции по руската анексија на Крим во 2014 година.
„Гунвор“ оствари значителен профит од порастот на цените на нафтата и гасот по почетокот на војната во Украина и европското свртување кон руските производители на енергија. Овие профити сега ги користат „Гунвор“ и конкурентите, како што се „Витол“ и „Трафигур“, за да стекнат средства, од рафинерии и нафтени полиња до електрани и ветерни фарми.
„Лукоил“, со седиште во Москва, е одговорен за речиси 2 % од глобалното производство на нафта. Нејзин најголем странски имот е нафтеното поле „Западна Курна 2“ во Ирак, едно од најголемите во светот, во кое поседува 75 % удел, а чие производство надмина 480.000 барели дневно во април.
Компанијата исто така е сопственик на рафинеријата „Лукоил нефтохим Бургас“ во Бугарија, најголемата на Балканот, и рафинеријата „Петротел“ во Романија. Покрај тоа, „Лукоил“ испорачува нафта во Унгарија, Словачка и во турската рафинерија СТАР.
Портфолиото вклучува и акции во нафтени терминали, малопродажни синџири за гориво во Европа и многу бројни проекти во централна Азија, Африка и во Латинска Америка.

