Македонија
Министерот Дурмиши во Приштина: Заинтересирани сме да ја зголемиме соработката со Косово на секое поле
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши во рамки на официјалната посета на Приштина, Република Косово денеска оствари работна средба со министерката за економија Артане Ризваноли.
За време на официјалната посета и средба беа разменети мислења за важни прашања поврзани со продлабочувањето на трговската соработка меѓу двете земји, идните проекти за регионално поврзување.
Министерот Дурмиши за време на средбата нотираше дека Министерството за економија и труд со превземање на новите надлежности ќе биде фокусирано меѓу другото на поголемо регионално поврзување и поддршка на домашниот бизнис за зголемување на конкурентноста.
„Ние сме заинтересирани да ја зголемиме соработката со Република Косово на секое поле. Визијата и стратегијата која ја имаме пред нас како Влада предвидува поблиска регионална соработка, а само преку меѓусебна поддршка пред се во делот на регионални проекти уверен сум дека придобивките ќе бидат двострани и напредокот ќе биде видлив и за двете земји“ кажа министерот Дурмиши.
Министерот Дурмиши го изрази своето силно верување дека регионалната конкурентност ќе ја зајакне отпорноста на регионот, ќе донесе просперитет за граѓаните, создавајќи посилен пазар на трудот, ќе донесе раст и светла иднина за економиите и истовремено ќе ги подготви за влез на големиот пазар на Европската Унија.
Двајцата министири се согласија дека постојат повеќе иницијативи за регионално поврзување, и постои свест кај двете Влади за придобивките кои ги носат регионалните интеграции. Потребно е активно да се работи од двете страни на спроведување на иницијативите и договорите за спроведување на регионалните интеграции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

