Македонија
Два бронзени медала за девојките од Македонија на Европската олимпијада по информатика во Холандија
И оваа година македонските ученички информатичарки се повторно оние што најавуваат успешно учество на меѓународните олимпијади по информатика за Македонија. На четвртата по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2024), која од 21 до 27 јули се одржува во Велдховен, Холандија, ученичките постигнаа нов голем успех освојувајќи два бронзени медала.
Бронзените медали за Македонија на ова престижно интернационално натпреварување ги освоија Јована Трифуноска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид, а достоен резултат постигнаа и другите две членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка и Антонела Владева од Свети Николе. Тимот е предводен од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Ученичките, кои се дел од македонскиот тим на ЕОИД 2024, беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше 35-ти пат. Ако се вклучат и овие два медала, македонските ученички на досегашните четири изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно 1 сребрен и 6 бронзени медали, што претставува резултат со кој може да се пофалат релативно мал број на земји учеснички на Олимпијадата.

Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно нов натпревар, наменет само за ученички средношколки, кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. ЕОИД има цел да ги промовира женското учество и застапеноста во областа на информатиката преку обезбедување платформа за талентираните ученички да ги покажат своите вештини и да се натпреваруваат на меѓународно ниво. Оваа олимпијада игра клучна улога во охрабрувањето повеќе девојки да изберат кариери во компјутерските науки и сродните области, каде што жените често се недоволно застапени. Преку обезбедување пријатна и натпреварувачка средина, ЕОИД има цел да ги инспирира и да им овозможи на девојките да се истакнат во полето на информатиката.
Форматот на натпреварување на ЕОИД е многу сличен на веќе етаблираните меѓународни натпревари, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Слично како и на ИОИ, учесниците вообичаено треба да решат низа алгоритамски и проблемски задачи во зададен временски период. Главниот дел од настанот се состои од два натпреварувачки дена, во кои ученичките решаваат предизвикувачки проблеми преку дизајнирање и имплементирање соодветни ефикасни алгоритми. Натпреварот не само што ги поттикнува техничките вештини туку и го охрабрува тимскиот дух, критичкото размислување и креативноста.
Секоја земја членка на ЕОИД-заедницата учествува со свој тим составен од најмногу 4 натпреварувачки на возраст под 20 години, избрани преку националните натпревари во програмирање, како и лидер и заменик-лидер на тимот. На ЕОИД 2024 учествуваат вкупно 130 учеснички од 37 европски земји, а како претставници на земји гости, во неофицијална конкуренција учествуваат и 65 ученички од 19 земји надвор од Европа (како Австралија, САД, Египет, Сингапур, Саудиска Арабија и др.).

Во својата изјавата, претседателот на ЗИМ и лидер на тимот, проф. д-р Миле Јованов, вели: „Успехот што го постигнаа девојките во силната конкуренција е доказ за талентот во Македонија и нашата посветеност како професори и како здружение да го развиваме овој талент. Оваа година Македонија имаше и петти натпреварувач. Ученичката Софија Велковска, која 2 години по ред освојуваше медали за нашата држава, годинава како ученичка во Хрватска, учествуваше во хрватскиот тим за кој освои медал. Софија е пример за целата класа ученици што ни заминуваат од Македонија како резултат на миграцијата. За жал, годинава, наместо да имаме подобрување во однос на поддршката на натпреварувачите од страна на државата, дури и онаа мала поддршка што тие ја добиваа од Агенцијата за млади и спорт е укината. Да не се нашите пријатели, како Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и неколку општествено одговорни компании, како „Сорсикс“, „Нетцетерa“, „Фјуриос авокадо“, кои може да се избројат на една рака, ние нема да можеме да ги спроведуваме нашите активности. Апелирам за сериозност на државните институции и поддршка на активностите што ги прават нашето здружение и другите научни здруженија, кои со години волонтерски работат. Да не дозволиме и понатаму нашите најдобри умови да си одат од државата поради чувство на незадоволство од институциите“.
Според планот, следната, петта по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2025) ќе се одржи в година во Германија. Следен настан, пак, кој им претстои на македонските ученици информатичари е Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ) во Кишињев, Молдавија, кон крајот на август годинава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДПМНЕ пак дели тендери, фирмата на Нефи Усеини дел од колачот вреден 3 милиони евра, велат од СДСМ
Мицкоски и ДПМНЕ сите тендери ги собраа за себе, па почна да ги раздаваат. Фирмата на контроверзниот Нефи Усеини од Охрид, кадар на ДУИ, добила дел од тендерот вреден 3 милиони евра од Македонија пат, за зимско одржување патишта, истакнуваат од СДСМ.
„Додека секој ден зборуваат за ДУИ пред граѓаните зад грбот им делат тендери.
Никој не може да добие тендер без одобрение на Мицкоски и ДПМНЕ.
Владата на Мицкоски нема пари за земјоделците, нема за сточарите, им ги нема исплатено ниту субвенциите. Но затоа за криминални тендери мора да има пари“.
Дури и парите од ИПАРД 3 програмата, како што додаваат од опозициската партија, посегнаа да ги крадат, по што ЕУ ја суспендираше програмата вредна 130 милиони евра поради корупција.
Прашуваат, дали земјоделците имаат разбирање за ваквото однесување на ДПМНЕ.
Македонија
Утре променливо облачно, претпладне со појава на магла по одделни котлини
Утре променливо облачно, претпладне со појава на магла по одделни котлини. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините врнежите ќе преминуваат во снег. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3 , а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Под влијание на влажни воздушни бранови во среда и четврток ќе има повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни (над 25 л/м2 за 24 часа). На планините врнежите ќе бидат од снег при што ќе се формира снежна покривка од 5 до 10 см. Поради спуштање на постуден воздух од север, врнежите ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Од петок ќе има стабилизирање на времето.
Македонија
Гаши-Спиропали: Албанија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во европските процеси се до конечно надминување на сите потешкотии
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со министерката за надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали.
Гаши констатираше дека двете држави градат одлични билтерални односи, со интензивен политички дијалог и соработка во значителен број области од заемен интерес. Тој истакна дека се радува на прогресот што Албанија го има при процесот на приближување кон Европската унија и отворање на сите преговарачки кластери согласно новата методологија на ЕУ.
Спиропали истакна дека иако Албанија веќе преговара за членство во Европската Унија, смета дека и останатите држави од Западниот Балкан треба да ја следат и процесот на проширивање треба да продолжи затоа што носи голема трансформација во сите општества на земјите во регионот. Албанија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во европските процеси се до конечно надминување на сите потешкотии што се појавуваат на европскиот пат.
Двајцата соговорници се согласија дека зачленувањето во Европската унија носи големи придобивки за граѓаните на земјите од Западниот Балкан затоа што процесот е реформски и потребно е да се имплементираат домашни задачи, како што е борбата против корупцијата и реформи во правосудните системи.

