Култура
Велешките актери ја носат премиерата „Рацин“ на Охридско лето
Актерската екипа на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес со вечерашната премиера на театарската претстава „Рацин“, што ќе ја изведе на Охридско лето, ќе ги долови ликот на Коста Солев Рацин, неговите рефлексии во сите нас, но и неговата автентична емоција.
Претставата ќе се игра на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток од 21 часот. Режисер е Дејан Пројковски, драматургијата е на Сашо Димовски, сценографијата е дело на Валентин Светозарев, а костимографијата ја направија Раде Василев и Елена Вангеловска. Во претставата играат Васил Зафирчев, Исидора Јованоски, Кети Борисовска, Весна Димитровска-Бобевски, Јордан Витанов, Слободанка Чичевска, Талија Настова и Благојчо Стојанов.
„Рацин е веќе дел од нашата митологија, тој е дел од ДНК на секој од нас. Многу се радуваме што, создавајќи го тој современ јазик во една театарска лабоараторија, успеавме да ја пронајдеме неговата емоција со нови изразни средства… Логички беше претставата за Рацин да ја создадеме токму во Велес, мислам дека тоа е вистинското место, каде што сѐ уште улиците ги паметат неговите чекори, неговите воздишки по Раца… Тоа е градот во кој просто беше неизбежно да се игра ‘Рацин’, местото на кое случувањата ни ги враќаат вербата и љубовта во оваа наша професија“, рече режисерот на театарската претстава, Дејан Пројковски, на денешната прес-конференција.
Драматургот на поставката, директорот на Велешкиот театар, Сашо Димоски, најавувајќи ја денешната премиера, го оцени како исклучително возбудлив обидот да се сврти ракавицата, да се свртат неговиот збор, стих и неговото историско значење и преку театарски израз да се сврти нова светлина врз она што е повеќе или помалку познато за него.
„Драматургијата за претставата е кроена според прозата и поезијата на Рацин, од една страна, и според метатекстуалните записи што постојат во самиот опус на Рацин. За мене, најголемиот предизвик беше да се транспонира поезијата во драма бидејќи поетскиот дискурс сам посебе подразбира нешто сосема друго, тој не е наменет за сценска изведба… Тој треба да се претвори во жива реплика, во говорна реч, беше предизвикот… рече, меѓу другото, Димоски, кој најави дека вечерашната претстава открива и ќе понуди работи за Рацин што досега не се познати кај аудиториумот.
Актерот Васил Зафирчев, од своја страна, посочи дека Рацин не само што е најзначајните симболи преку кој многу други луѓе се идентификуваат со градот Велес туку тој е и духовна перјаница и една од највисоките национални вредности што ги има овој народ и држава… Од друга страна, како што рече, Рацин има и неверојатно универзална вредност, што преку неговата социјална и љубовна поезија тој допира до многу нации, до многу народи насекаде во светот бидејќи третира теми актуелни до ден-денеска.
Тој посочи дека претставата дава многу јасна слика и за Рацин, но и за времето во кое живее, кога луѓето лесно преминуваат од една на друга страна, како од пријатели, симпатизери поддржувачи стануваат негови непријатели.
„Она што ние во овој проект се обидовме е да направиме своеврсна демитологизација на Рацин бидејќи неговиот лик е обвиен со многу мистерии, со многу неразјаснети аспекти, од неговиот личен живот до неговото творештво, начинот на кој неговиот збор добива некаков јавен пласман… Се обидовме да го третираме Рацин како човек од крв и месо, кој има своја земја, затоа што многу од случките врзани за животот и делото на Рацин, повеќето од нив се производ на неговиот еродитен карактер, на неговата судбина, на луѓето и времето во кое живее“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љубов, серенади и поезија во срцето на Дебар Маало
Општина Центар и годинава е домаќин и покровител на традиционалната манифестација „Дебармаалски средби и серенади“, која се одржува по повод празникот на виното и љубовта, во организација на здружението „Гороцвет“ и Здружението на пензионерите од Општина Центар.
Манифестацијата почна кај познатата кафеана „Кај Жабарот“, каде што градоначалникот Горан Герасимовски, заедно со познатиот уметник Живко Поповски-Цветин и присутните граѓани, симболично закрои лозово гранче и испрати порака за љубов и мир.
„Центар ќе продолжи да ја поддржува оваа прекрасна традиција, која нè враќа во старите убави времиња на серенади, поезија и романтика. Дебар Маало и денес е место каде што се негуваат дружењата, уметноста и културата. Наша обврска е да ги чуваме овие вредности и да ги пренесуваме на идните генерации“, рече Герасимовски.
Програмата продолжи со поетски рецитал, староградска музика и прошетка низ дебармаалските улички и ресторани. Со поддршката на ваквите културни настани, Општина Центар ја потврдува својата посветеност на зачувување на традицијата, културното наследство и автентичниот боемски дух на Дебар Маало.
Култура
Mozzart го отвори „Театарот на хуманоста“: Племенита уметност која ја храни душата
Кога уметноста и хуманоста ќе се спојат, резултатот е вистинско ремек-дело.
Полна сала, насмевки и громогласен аплауз во Театар Комедија го одбележаа изведувањето на претставата „Олд Сејбрук“, првата за која компанијата Mozzart им делеше бесплатни билети на граѓаните.
Со оваа фантастична комедија започна проектот „Театарот на хуманоста“, кој има двојна цел – да им овозможи на љубителите на театарот да уживаат во претстави без да купуваат карти, а истовремено да поттикне хуманост преку донации за Банката за храна на Македонија.

Посетителите добиваа флаери со број за донации, а секоја испратена порака значеше бесплатен оброк за оние кои не можат да си го дозволат.
„Прекрасно е што секој има можност да дојде и да ја погледне претставата, а истовремено да направи добро дело,“ порача актерката Маја Љутков, која ја толкува една од главните улоги во претставата.
Од компанијата Mozzart велат дека ова е само почеток: „Успешно ја започнавме реализацијата на проектот ‘Театарот на хуманоста’. Целта е љубителите на театарот да уживаат во културни содржини, а истовремено да донираат за хуманитарни цели. Првата претстава помина одлично, а веќе се подготвуваме за следната,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Фактот дека картите беа поделени за само половина час зборува за огромната љубов на граѓаните кон театарската уметност. Токму затоа Mozzart најавува уште неколку бесплатни претстави, продолжувајќи да ја поддржува културата и хуманоста.
(ПР)
Култура
Вим Вендерс од Берлинале: Филмовите можат да го променат светот, но не на политички начин
Берлинскиот филмски фестивал започна во четврток во изразен политички тон, откако натпреварувачкото жири, предводено од режисерот Вим Вендерс, одговараше на повеќе прашања за актуелната состојба во светот, вклучително и војната во Газа.
На прашањето дали филмовите можат да влијаат на промени во политичката сфера, славниот германски режисер изјави дека „филмовите можат да го променат светот“, но „не на политички начин“.
„Ниту еден филм всушност не го променил мислењето на кој било политичар. Но можеме да ја промениме претставата што луѓето ја имаат за тоа како треба да живеат. На оваа планета постои голем јаз меѓу луѓето што сакаат да ги живеат своите животи и владите што имаат поинакви идеи. Затоа мислам дека филмовите влегуваат во тој јаз“, изјави Вендерс, пренесува „Варајети“.
Вим Вендерс е претседател на овогодинешното жири, во кое се и американскиот режисер Рејналдо Маркус Грин („King Richard“), јапонската режисерка Хикари („Rental Family“), продуцентката на филмот „The Zone of Interest“ Ева Пушчинска, непалскиот режисер Мин Бахадур Бам („Shambala“), јужнокорејската актерка Бе Дуна и индискиот режисер и продуцент Шивендра Синг Дунгарпур („Celluloid Man“).
„Мораме да се држиме подалеку од политиката“
Претседателот и членовите на жирито беа прашани конкретно за конфликтот во Газа и поддршката што германската влада – која финансира голем дел од фестивалот – му ја дава на Израел.
Пушчинска прва одговори, оценувајќи дека прашањето е „малку неправедно“.
– Секако, се трудиме да разговараме со луѓето – со секој поединечен гледач – да ги поттикнеме да размислуваат, но не можеме да бидеме одговорни за тоа каква одлука ќе донесат, дали ќе го поддржат Израел или ќе ја поддржат Палестина – рече Пушчинска и додаде:
– Постојат многу други војни во кои се врши геноцид, а за нив не зборуваме. Затоа ова е многу комплицирано прашање и мислам дека е малку неправедно да нè прашувате што мислиме, како поддржуваме или не поддржуваме, дали разговараме со нашите влади или не.
Вендерс додаде дека како филмски автори „мораме да се држиме подалеку од политиката“.
– Ако снимаме филмови што се изрично политички, влегуваме во полето на политиката. Но ние сме противтежа на политиката, ние сме спротивност на политиката. Мораме да ја работиме работата на луѓето, а не работата на политичарите.
Берлинале – фестивал на „лицата на светот“
За време на прес-конференцијата, Вендерс – кој во 2015 година ја доби почесната Златен мечка – зборуваше и за тоа по што овој фестивал се издвојува од другите.
– Можете да бидете сигурни дека тука ќе видите повеќе лица на светот отколку на кој било друг фестивал. Тоа е неговата голема сила, нели?
Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) ќе се одржи од 12 до 22 февруари во Берлинале Паласт, а 76. издание ќе го отвори светската премиера на филмот „No Good Men“ на наградуваната авганистанска режисерка Шарбана Садат.
На свеченото отворање ќе ѝ биде врачена Почесната Златна мечка за исклучителен придонес во филмот и кинематографијата на актерката Мишел Јео.
Во селекцијата Главна натпреварувачка програма се вклучени 22 филма, меѓу кои „A New Dawn“ на Јошитори Шиномија, „A voix basse“ на Лејла Бузид, „At the Sea“ на Корнел Мундуцo, „Dust“ на Анке Блонде, „Everybody Digs Bill Evans“ на Грант Ги и „Josephine“ на Бет де Араужо. Во програмата се и „Nightborn“ на Хана Бергхолм, „Rose“ на Маркус Шлајнцер, „The Loneliest Man in Town“ на Рајнер Фримел, „The Blood Countess“ на Улрике Отингер и други.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 21 февруари, ден пред затворањето на фестивалот.

