Македонија
Наместо да одговара за паркингот, Павле Трајанов доби функција, велат од политичката партија Левица

Во првите неколку месеци на новата власт, повторно се докажа погубната политичка пракса да се делат функции на пајтон партии, кои се дел од секоја власт. Последен во низа е случајот со Павле Трајанов од Демократски сојуз, кој ја доби функцијата Национален координатор за борба против тероризмот, велат од политичката партија Левица.
„Освен што Павле Трајанов беше дел од власта на Заев и еден од поддржувачите на Преспанскиот договор, токму Трајанов беше силно напаѓан од ДПМНЕ за непотизам и корупција. Имено, во 2022 година ДПМНЕ обвинуваше дека ,,во Демократскиот Сојуз нема идеологија, само корист и трговија со влијание- службени автомобили, службени телефони и бесплатен паркинг, во замена за штетни закони”. Токму портпаролот Наум Стоилковски обвинуваше дека Павле Трајанов го користел јавното претпријатие ,,Градски паркинг” за вработување на негови роднини, кумашини и партиски функционери.
Потсетуваме дека ДПМНЕ го обвинуваше Павле Трајанов за афера, каде противзаконски бил користен бесплатен паркинг од функционерите на Демократски сојуз, со што бил оштетен буџетот на претпријатието.
Очигледно е дека на македонската политичка сцена повторно се случува реприза од 2017-та година. Како што во минатото Заев ги зеде под закрила сите криминогени елементи од власта на Груевски, така денес во владата на Мицкоски ги гледаме истите потрошени политичари, кои се приврзоци на секоја партија на власт. Наместо новата власт да ја расчисти аферата и криминалот кој се случувал во ,,Градски паркинг” под директорување на Демократскиот сојуз, денес сведочиме како од оваа партија се назначуваат заменици-министри и координатори, како “награда” што биле партнери во предавничкиот режим на Заев“, се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Арсовска го прозва Стојкоски: Аценце, ти направив 27 улици, ни фала не кажа и уште бегаш од дуел за хемиските фабрики

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот профил на Фејсбук му се обрати на градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, со серија критики за неговото однесување и, како што тврди, неспособност да го признае придонесот на Град Скопје во реализацијата на инфраструктурни проекти.
„Ова е објава за читање за сите интелигентни и слободоумни граѓани, другите не читајте!“ – започнува Арсовска во својот пост, порачувајќи му директно на Стојкоски:
„Аценце, ти се обраќам да се потсетиш, како неспособната што спиела 3 години ти направи 27 улици во 5 населени места во Ѓорче Петров“.
Таа додава дека улиците биле изградени преку Јавното претпријатие „Улици и патишта Скопје“, без учество на општински средства, а Стојкоски само се појавил за да се слика, без притоа, како што вели, ни да се заблагодари.
„Ти ги направивме со скопското јавно претпријатие ‘Улици и патишта Скопје’, ти освен што се сликаше, не потроши ни денар, а не се ни заблагодари“, напиша Арсовска.
Во објавата, Арсовска повторно го повикува Стојкоски на ТВ дуел во врска со деталниот урбанистички план кој, според неа, овозможува изградба на хемиски фабрики и 31 висококатница во централното градско подрачје на Ѓорче Петров.
„Уште чекам да прифатиш ТВ дуел за ДУП-от кој го донесе за да се изградат хемиските фабрики и 31 висококатници сред Ѓорче Петров. Тоа што плаќате медиуми и партиски ботови да ве фалат, а другите да ги понижуваат, не значи дека сте во право!“, заврши градоначалничката.
Македонија
Има предлог за средба со Бугарија, треба Софија да се изјасни, рече Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека е во тек комуникација со Канцеларијата на Европската комисија во земјава околу иницијативата за средба со бугарската страна, и дека веќе постои предлог-термин, за кој сè уште се чека потврда од официјална Софија.
„Имаме комуникација со канцеларијата на Европската комисија и вчера и денес, се уште немам повратен одговор. Има предлог термин, да почекаме да се изјаснат од бугарската страна“, рече Мицкоски на новинарско прашање дали стапил во контакт со претседателот на Советот на ЕУ Антонио Кошта и дали Бугарија ќе прифати ваква средба.
Паралелно со ова, претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчера изјави дека иако вообичаено се одржуваат средби со хомолозите, таа нема проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на претстојниот Самит на НАТО во Хаг. Таа појасни дека нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев, нема да присуствува на Самитот, што отвора можност за разговор со Жељазков во насока на деблокирање на евроинтеграциите на Македонија.
„Јас за евентуална средба разговарав со господинот Антонио Кошта, негов беше предлогот. Во меѓувреме, јас не знам, ќе бидам таму ако ми е мене редот. Инаку, се знае, ред е да се разговара со хомологот, но еве нема проблем, меѓутоа не зависи од мене туку зависи од нашите соседи“, рече Сиљановска Давкова.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ грубо ја злоупотребува трагедијата во Кочани за политички поени

ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше на обвинувањата од страна на СДСМ во врска со истрагата за трагичниот пожар во Кочани, при што загинаа деца, обвинувајќи ја партијата дека прави „груба злоупотреба“ на трагедијата со цел собирање политички поени.
„СДС прави груба злоупотреба на трагедијата во Кочани со цел да добие политички поен плус. Обвинувањата на СДС дека институциите постапуваат под притисок на опозицијата се безочна лага,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција.
Од партијата нагласуваат дека институциите сега постапуваат професионално и неселективно, и дека во истрагата се опфатени над 60 лица, меѓу кои актуелни и поранешни функционери, градоначалници, бизнисмени, вработени во институции и членови на Министерството за внатрешни работи, а дел од нив се веќе во притвор.
„МВР и институциите на системот ги доставија сите потребни докази и информации до Јавното обвинителство уште пред еден месец. Обемната документација, со над 60 опфатени лица, е доказ за темелна и сеопфатна постапка“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека постапувањето на институциите денес е спротивно на тоа што, според нив, се случувало во минатото за време на владеењето на СДСМ и Оливер Спасовски.
„Сега има одговорност за секој, без разлика кој е и од каде е. За разлика од МВР под Спасовски, каде што никој не одговараше за модуларната болница, Беса Транс или Ласкарци – случаи каде што имаше голем број жртви“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.